Денешна дата
29/06/2022

Рамковниот договор – тоалет хартија?!

Рамковниот договор успешно го згасна огнот од 2001 година, но тој ни по 13 години не успеа да создаде ниту микрон од тоа што се нарекува – толеранција, соживот, граѓанска рамноправност, еднакви можности, демократска власт, владеење на правото и општ развој. Напротив, во многу што имаме уназадување. Затоа сега наместо трајно помирување имаме гола омраза. Наместо толеранција имаме тепачки по автобусите и улиците. Наместо кохезија имаме демолирања на куќи и локали. Наместо владеење на правото имаме владеење на партиите. Наместо општ развој, имаме топ позиција во листата на светската сиромаштија. Наместо независно судство, имаме партиски пресуди и монтирани политички процеси. Се е во слободен пад. Нагорна линија има само организираниот криминал. Направивме општество без закони, без морал, без перде и без срам.

Оттука, Рамковниот договор не можеше да биде единствен позитивен исклучок од таквите тешки злоупотреби во секој домен. Факт е дека состојбите сега се уште потешки отколку што беа пред неговото потпишување, но тоа не е поради договорот, туку поради неговото газење. Сега повеќе од кога и да е порано луѓето не веруваат во заедничкиот живот. Тоа е рожбата од семето на омразата што власта секој чекор го сееше. Се сеќавам од детството кога еден чичко Рамко ја шеташе мечката по селата и ги убедуваше луѓето дека таа не само што игра туку може и да лекува од секоја болка. И така собираше добри пари. Кога децата ќе добија психички трауми од ѕверот, Рамко им велеше дека тоа е добро оти злото излегува од телото. А злото наше никако да излезе од нашите души и тела. На мечката и беа вадени забите за да не гризе, исто како на оние кои веќе 13 години министеруваат со некаков смешен секретаријат (биро за вработување без критериуми), на кои им се вадени забите за да не гризат, а немаат ниту уста да кажат дека тоа што го работат е нула.

Но, дали е се до договорот? Одговорот е не. Не е можно да постои таков устав, закон или договор што оваа власт не го претворува во тоалет хартија. На таков важен настан со години не присуствуваат ниту претседателот на државата, ниту премиерот, ниту некој министер од ДПМНЕ, ниту некој нивен тоалет редар. Веројатно и рамковниот договор ја сметат за тоалетна хартија. А добија се од нивниот партнер – предвремени избори, уставни измени со симнат цензус од 50 на 40 отсто, добија согласност за нови уставни измени (за перење пари), добија во ист ден да има – парламентарни и втора рунда претседателски избори, добија гаранција за успех на нивниот претседателски кандидат во вид на бојкот, добија гратис постизборно договарање за влада и што не!!! А за возврат добија јавно понижување од смешен лилипутански садист, уживајќи во нивниот мазохизам.

Но, се има крај. Водството на ДУИ рапидно се делегитимира кај Албанците. Груевски сега гледа колку тешка грешка има направено со неговите евтини трикови, манипулации и лаги за да ги задоволи ниските страсти на неговите гласачи. Државата е на прагот на поделбата. Му фали само искра. Тогаш истиот тој народ ќе го беси во столбот на срамот. Замислете Меркел да не беше присутна на прославата на 70 годишнината на истоварот на трупите во Нормандија!!! Тоа ќе беше светски скандал за Германија. Напротив, фотографијата прегрнати Меркел и Оланд беше главниот рекламен спот на таа манифестација. Но, разликата меѓу Меркел и Груевски е многу поголема отколку разликата меѓу рајот и пеколот. Тој поставил околу 300 статуи, а ниедно албанско (дури ниту ги платил трите смешни статуи), што зборува за можно негова загрижувачка здравствена состојба. Тој најмногу е одговорен за уривање на двата главна столба на државата – евроатлантската интеграција и меѓуетничките односи. Поради таквите умови страдаа милиони луѓе.

Конечно треба нов договор меѓу нациите. Можен или не заедничкиот живот? Јас сè уште мислам дека народите се многу потолерантни ако политичарите би ја работеле нивната работа. Но, проблемот е во тоа што тие нивните неуспеси и тешки криминали лесно ги маскираат со тоа што се прогласуваат за заштитници на нивните народи кои од никого не се загрозени. Од сите рани, најопасни се тие што ги содава јазикот. За жал Охридскиот договор не поседува ниту елементарен имунолошки систем за да ги заштити граѓаните од политичкото лудило на државното водство, па оттука истиот треба да се смета за ништовен. А сите ние треба да сфатиме дека најголема грешка е да му дадеш глас на тој што има потреба од мозок.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk