Денешна дата
02/07/2022

Муса Џафери, вицепремиер: Незаконски е вработените по Рамковен да седат дома и да земаат плата

Крајно време е да се распоредат вработените според Рамковен договор кои седат дома. Ова не е добро за државата и е незаконски, тврди вицепремиерот Муса Џафери, кој најавува распоредување на околу 1200 „рамковно“ вработени до март идната година

Македонија одбележува 13 години од потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор кој требаше да донесе мир во земјата во услови кога воениот конфликт се закануваше да прерасне во граѓанска војна. На оваа тема во неделното интервју на „ИНБОКС 7“ разговараме со господинот Муса Џафери од Секретаријатот за спроведување на Охридскиот Рамковен Договор

 

Г-не Џафери, може ли да ни дадете оценка како се спроведува Охридскиот Рамковен договор по 13 години од неговото потпишување?

-Има разни негодувања и постои можност да се дебатира за динамиката на имплементација на Охридскиот Рамковен договор. Ние, како и тие кои се критички настроени кон содржината на Рамковниот договор сме свесни дека има напредок. Историската вредност на договорот е во тоа што во тој момент кога се потпиша ја спаси државата од распад, а оригинален е во споредба со други мировни договори поради тоа што не прифаќа како принцип одлучување врз основа на територијална поделба, туку Македонија да се промовира како демократска држава. Преку Рамковниот договор и промените на Уставот се губи таа мајоризација и етноцентризам во земјата која беше така уредена со стариот Устав каде имаше мајоризација за другите етнички заедници и се додава механизмот во Уставот за позитивна дискриминација и правична застапеност во сите нивоа на институциите и за другите заедници. Конфликтот беше со албанската зедница, а преку ова профитираа и помалите заедници. Требаше да се децентрализира Република Македонија во правец на европскиот концепт со цел да се даде повеќе власт на локално ниво. Успеавме преку таква уставната реформа, локалната власт да добие во содржина и во сферите како образование и култура да се добијат добри резултати. Иако, математички не е постигната правичната застапеност.

 

Во однос на вработувањата, уште колку останува да се исполнат процентите на етничката застапеност онака како што е предвидено со Рамковниот договор?

– Што се однесува до државната администрација, тука има задоволувачки резултати, но тоа е мал број од околу 12.000 до 13.000 државни службеници. Што се однесува до јавната администрација, каде се опфатени и други области како образование, здравство, бројката варира зависно од градовите. Можеби процентот не е на задоволително ниво. Првите години се направени покрупни чекори, кога во 2002-2003 година во редовите на полицијата се распоредија полицајци Албанци кои во мешовитите општини требаше да патролираат со цел да се враќа довербата во инстиуциите. Во оваа област се направени крупни чекори, како и кај армијата.

 

Кога би требало да завршат рамковните вработувања?

– Треба да се внимава со позитивната дискриминација. Периодично се менува таа динамика. Некогаш ќе треба да се вработат нови кадри Македонци и веднаш тој процент се менува. Отприлика се бара таа рамнотежа. Инаку, ние не можеме да ја мониторираме државата секој ден пецентуално.

 

Имате ли проценка уште колку години би требало да поминат за да се задоволат процентите?

-Зависи кои се капацитетите на буџетот. Ако сакаат институциите можат за две години да заземат став да не се примат од тие заедници кои се процентуално презастапени повеќе од тоа што не им следува и тогаш може да се добие таа рамнотежа. На пример, македонската заедница по сите извори, уште е прекубројно застапена, споредено со тоа што е статистички присутна како население. Ако е статистики застапена како население со 64-65 проценти, сигурно во институциите дека е застапена некаде со 68-70 проценти. Малку е чувствително ако пристапиш со таква политика дека некого треба да го оттргнеш од институција  за да добиеш правична застапеност. Или ако  Македонија треба да направи отпуштања како што прават другите држави за да заштедат, тогаш пак ќе се судриме со овој проблем на процентуална застапеност. Прашањето е дали ќе треба во тој момент да има скратување само кај Македонците или ќе ги опфаќа сите заедници. Според мене, ако во безбедносните институциии и правосудството ја постигнеме правичната застапеност, ќе се промени сликата. Но, има други институционални проблеми. На пример, ние во правосудството и обвинителството ги примаме само тие кадри што завршуваат Академија за судии и обвинители, а не и другите профили кои ги исполнуваат условите. И тука треба да се најде решение бидејќи треба долго да се чека да завршат кадри Албанци кои треба да се примат во правосудство.

 

Имате ли проценка во кои институции најдобро се имплементира Рамковниот, а во кои помалку?

-Треба да бидеме отворени. Онаму каде менаџираат Албанците се направи поинаков напор и динамика и полесно се постигнуваат подобри резултати. Тоа зависи од политиката на партијата. За жал, се создава перцепција дека Албанците се тие кои вложуваат да се имплементира Рамковниот договор бидејќи имаат и директен интерес од гласачите и другата страна која е против, која ако го реализира ова како приоритет ќе губи во гласачкото тело. Тука имаме и дневна политика која во демократија сепак е прифатлива.

 

Низ годините не стивнаа критиките дека вештачки се вработуваат луѓето според Рамковен договор од разни етнички заедници, а од друга страна има луѓе кои седат дома и земаат државна плата. Дали и понатаму ќе се оди со вработувања дури и по цена да се зголеми бројот на луѓето кои нема да бидат распоредени?

-Се работи за недостиг на капацитет и неподготвеност на институциите да ги примат навреме овие луѓе. За жал, имавме и таков застој. Имаме таква бројка која не може толку брзо по примањето преку огласи да се распореди некаде. Ние имаме став во Влада дека крајно време е да се распоредат овие луѓе или пак, да се врши некоја обука преку која ќе се тестираат нивните способности. Некому може нема да му се допаѓа како работно место, па ќе се откаже доброволно. Но, толку долго време да не се систематизираат овие луѓе, тоа не е добро за државата.

 

За колкава бројка станува збор?

-Ние примавме кадри и во втората половина на 2013 година и сега. Сега имаме 600-700 нови примени, и ако плус има толку во што не сум сигурен, максимално може да има 1100-1200 луѓе кои не се распоредени.

 

Дадовте ли конкретен рок до кога би се распоредиле овие луѓе?

-Имаме распоредени кадри кои уште стојат во буџетот. Земаат плата преку Секретаријатот, а се распоредени во други институции. И ние сега се надеваме да ги прераспределиме со кроење на новиот буџет. Тогаш ќе имаме појасна слика колку останаа во Секретаријатот. Мислам дека може да ги распоредиме до февруари, март идната година. Ќе ја искористиме можноста со новиот буџет да ги распределиме и институционално.

 

Дали тоа значи гаранција дека нема повеќе вработените според Рамковен договор да седат дома?

-Мораме да ги распределиме, тоа ни е обврска. Прво не е законски. Нема друг коментар тука.

 

Ги ажурирате постојано списоците на овие луѓе?

-Да.

 

Како реагирате на критиките дека другите заедници се мајоризирани со имплементацијата на Рамковниот договор бидејќи имаше критики и од Турците и Ромите дека се гледаат како граѓани од втор ред во однос на Македонците и Албанците?

-Јас имав став дека Секретаријатот треба да ги третира сите заедници. Не знам зошто помалите зедници прифатија да имаат Агенција посебна за тие што се под 20 отсто. Тие направија поинаков пристап можеби бидејќи се во предизборна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, па на таков начин ги менаџираат помалите заедници. Ние не се чувствувааме како Секретаријат одговорни за помалите заедници бидејќи тие на тој начин се поделија.

 

Охридскиот Рамковен договор првенствено беше потпишан за да донесе мир во земјата, но се покажува преку искуството дека и најмал инцидент добива етнички призвук. Зошто е тоа така?

-Имаше многу аргументи дека политички партии и невладини организации профитираат преку тоа. Тоа е неодговорност преку јавни изјави. На пример, ВМРО-ДПМНЕ кога беше опозиција го употребуваше ова многу директно. Мислам дека македонските партии треба да бидат похрабри и да кажат дека оваа краткорочна политика треба да престане. Ние треба да имаме други проекти, визии, програми, а не преку судир да се докажуваме кој е похрабар и кој ќе има повеќе бенефиции од власта. Мислам дека поголемите партии треба да тргнат во тој правец.

zafirova.zafirova@gmail.com