Денешна дата
16/08/2022

МИЛИЈАРДАТА НА ГРУЕВСКИ – ЗА КАКВИ КОНЦЕСИИ? (Меѓународна берза 7)

Србија, за да преживее, доби една милјарда долари од Обединетите Арапски Емирати, традиционалните пријатели на САД. За да нема проблем со ликвидноста на буџетот, до крајот на март догодина. На богатите Арапи им е продаден националниот ЈАТ(Ер Србија) и една четвртина од белградските градежни парцели за изградба град на вода. Следува и џамија во срцето на српскиот национализам, пред очите на големите балкански патриоти.

“Сакаме Србија да биде поуспешна, понапредна и модерна земја”.Оваа нова надеж, (кажана четвртокот напладне), од српскиот премиер следува само по една година откако Вучиќ го призна постоењето на Косово, како државен субјект.  Територијата од која официјален Белград се откажува, довчерашната покраина каде е Пеќката патријаршија, “срцето на српското чојство и православие,“ како што метафорично зборуваше Добрица Ќосиќ, е трампана за очекуваните петро-долари.

И во современата популистичка трансверзала Белград-Скопје-Атина, каде владе(е)ат идентични лидерски профили, светските стратези одлично ја практикуваат народната – што не се прави со пари, се добива со многу пари. Грците веќе петта година ја плаќаат цената на својот економски и финасиски колапс. Кај нив милијардите се во стотици, дефицитот е троцифрен, а партнерите од Запад не знаат уште колку евра треба за да се конторлира грчкото националистичко расипништво од времето на неконтролираните блокади кон Макдонија и Србија.

Милијардите се синоним за политичките и геостратешките притисоци на балканските простори, особено во екс-федерацијата. Во време на Сојузните Влади на црногорецот Веселин Ѓурановиќ и хрватката Милка Планинц Југославија беше задолжена над 12 милјарди долари, три пати повеќе од незјиниот тогашен БОП. Милијардите, во денари, станаа синоним за вртоглавите инфлации, наметнаа модел на шверц, сива економија и конечното статусно и финансиско раслојување и пропаст на комунистичките принципи за соцјална правда и еднаквост.

И денеска можете да ги чуете Ромите во Македонија кои за цената на кило леб велат – две милјарди де(и)нари!? Иако сонуваат за пат кон еврото, тие остануваат социолошко-економски синоним за милијардата и социјално-едукативна беда на еден етникум. Чергарството по долината на Вардар сега го заменија со тумарење по контејнерите за 200 денари дневно од бала со пластика. И повторно ги возат своите милијарди. Барем тие што не заминале задоволни од политиката  на Амди Бајрам за отворени порти кон Унијата?

Следуваше ненадејниот економски живот на благосостојба, како магарето пред умирање, кога реформистот Анте Марковиќ ја доби задачата за изнудениот проект на приватизација и пропаст на фирмите. ММФ му овозможи да обезбеди 10 милјарди долари девизни резерви, со 4-те од извоз на оружје од моќната наменска индустрија на Тито, но и две милијарди марки годишни нето девизни приливи од растечкиот туризам. Упадите на Словенија и Србија во сојузната каса и извлекување од неа на 3-4 милјарди, почна крајот на една мултиетничка држава, со крвави прирови  преселби на народи и геноцид.

Проклетството на милијардите ја следат и Македонија. Најмалку пет од приватизацијата и ембаргата се слеаа во приватните џебови на новите овдешни тајкуни. Тие станаа синоним за погрешни политики и проценки.

Манипулацијата со нив се врзуваат и за Тупурковски. Овој екс-југо кадар, како надеж на новата македонска кадровска генерација, миленик на западните геостратези, еден убав ден 92-та слета од Виена и отиде кај Претседателот Глигоров. Австрија, преку Мок, нејзиниот прв дипломат, ја прати пораката – една милјарда марки помош за промена на името.

ФИРОМ станавме, пари не дојдоа. Судбината сакаше популарниот Циле да биде промотор и на тајванскиот упад во Македонија, преку идејата слободните економски зони во Бунарџик да бидат финансиски-економски брод на кинезите од островот, за Европа. И во таа Влада седеше министерот Никола Груевски. Се стартуваше со една, но преку невидената пи-ар стратегија со оптимистичките промоции на тогашниот кабинет на Георгиевски, финасискиот балон се надува  до 5 милјарди долари тајвански капитал за македонската источна приказна. Државата беше изолирана, УНПРЕДЕП избркан, се случи воениот конфликт. Лукративниот македонски патриотизам се соочи со албанската националистичка пролет. И толку од милионите девизни приливи.

Има уште приказни, но нема милијарди. Особено онаа од светскиот багабонт Субрата Рој, пред кого падна на колена целата владина свита. Не можам да верувам во коинциденцијата дека охридскиот туристички бум во Свети Наум на индискиот шарлатан, кој во Скопје на една шунд-манифестација, го донесе и Тони Блер, дека таа приказна наликува со идејата за белградскиот град на Дунав-Сава.

Субратизацијата на македонската економија, е само огледало за мејн-стрим подржувачите на Груевски кои и натаму перспективата ја гледаат кон Исток. Па, во оваа европско-руската криза ни ги нудат алтернативните пазари на крвавиот Египет, конфликтниот Ирак…Што да правиш, толку  децата во новинарството знаат, особено тие што од улица, пред екран, ни ги читаат текстовите напишани во Центарот. Како ли му беше име?

И Груевски ја има својата милијарда – 500 милиони кинески кредит и исто толку од издадената обврзница. Плус над 200 милиони евра камати за нив. Ајде се градат, конечно, патиштата! Но, зошто парите од обврзницата одат на покривање на расипништвото на Власта. Зарем немаше да се обезбеди поголема додатна вредност доколку со 300 милиони евра сами ја изградиме ХЕЦ Чебрен. Ем струја, ем акумулација на вода, најскапиот производ на светскиот пазар. Додека не стигне х-два-о од Марс. Само со заштедата од увоз на енергија ќе се отплаќаше овој енергетско-еколошки систем.

Со каква хипотека ќе ги отплатиме долговите? Останаа само уште водните ресурси во државата,  на МЕПСО,  тук-таму по некоја еколошка нива? Ако надежта не ни е во златните рудници што ги истражуваат Канаѓаните? Србија допрва приватизира пет огромни производни капацитети, распродава над 200 јавни фирми, допрва ТЕКО, најголемиот јагленокоп и енергетски басен во Европа. Но, се преиспитуваат и некои сомнителни продажби на националното благо по багателни цени или лична корист на тамошните бизнис-политички елити. Грција ги лицитира пристаништата, ги редуцира банкарските капацитетти, продава острови..

Србија-Македонија-Грција, секоја со своите товари од  лидерските политики на последните лукративни патриоти: Вучиќ-Груевски-Самарас.

Милијардите се полесно се добиваат, се потешко се враќаат. Не мислам дека Меркел случајно во Берлин ги собира регионалните лидери. Нели Груевски и Иванов бараат САД и Германија да се вклучат во решавањето на спорот со името. Зарем некој мисли дека Канцеларката лесно ги троши својот светски багаж и збор или капиталот на германските даночници?

Концесиите допрва ќе бидат испорачани и за овдешните патриоти. Без оглед дали е тоа план Нимиц или “стратегија Рикер“?! 

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)