Денешна дата
25/05/2022

Претседателските како „генерална проба“ на парламентарните избори

Првиот круг од претседателските избори со оглед на поклопувањето со парламентарната кампања ќе влијаат врз изборното однесување на гласачите

Резултатите од првиот круг на претседателските избори што ќе се одржат на 13 април, ќе  влијаат врз одѕивот, но и врз одлуката на граѓаните за кого да го дадат својот глас на парламентарните избори што ќе се одржат заедно со вториот круг за изборите за шеф на државата на 23 април.

Македонија првпат се соочува со ваков тип на двојни избори, претседателски и парламентарни. Минатите избори за шеф на државата што се одржаа во 2009 година беа заедно со локалните. Ново, во оваа ситуација  не е само поклопувањето на гласањето туку и фактот што на предвремените парламентарни избори се оди по првиот круг од претседателските кога предноста, а можеби дури и победникот, за функцијата шеф на државата веќе ќе се знае.

Токму затоа двете партии го доживуваат првиот круг од претседателските избори како дуел и целосно се вложуваат да постигнат победа или несомнена предност.

Психолошки ефект

Во политичката пракса е познато влијанието на победничкиот менталитет како предизборна метода. Ова е особено видливо во кампањата на владеачката партија преку потенцирање на фактот дека ВМРО ДПМНЕ на сите изборни циклуси од 2006 до денес, безоглед дали се парламентарни, локални или претседателски – победува.

Не е случајно што ВМРО-ДПМНЕ седум пати победува на избори… – констатира премиерот Никола Грувески.

За разлика од владеачката, најголемата опозициска партија е внимателна и релативно воздржана  во будењето на победничкото расположение. Тоа секако се должи на искуството од претходните изборни порази, што би можело да биде сменето само доколу „пресвртот“ и „промените“ на кои што ја базираат својата реторика најдат потврда во резултатот по гласањето во недела на 13 април.

Здравко Савески, професор на ФОН Универзитетот, не се сомнева дека резултатите од првиот круг од претседателските избори ќе влијаат и гласањето на парламентарните кај оние гласачи кои претендираат секогаш да се приклонуваат кон „посилниот

-Првиот круг од претседателските ќе влијаат на изборното однесување на гласачите во смисла дали ќе гласаат и за кого ќе гласаат, особено кај оние каде се создава психолошки момент да гласаат за оној кој има најмногу шанси за да победи- вели Славески.

Резултатот од првиот круг на претседателските ќе има влијание и на апатичното гласачко тело кое во услови на однапред познат победник губи желба да излезе да гласа , вели тој.

Ако се тесни резултаттите на претседателските избори, тогаш одреден процент неопределени ќе заклучат дека нема да им пропаѓа гласот и ќе излезат да гласаат, а ако е поголема разликата ќе се случи обратното –  анализира Савески.

(Не)Нужно прелевање на гласовите

Атакот врз неопределените гласачи може да се смета за доминатна карактеристика на предизборната кампања на кандидатот на опозицијата Стево Пендаровски.

Тоа е видливо и во  фактот што во кампањата тој настапува сам, додека на чело на изборниот карван на неговиот најголем противкандидат Иванов е практично целата министерска постава  од редовите на ВМРО ДПМНЕ,  па тој говори за успесите на Владата како за свои:

Македонија покажува како кога се работи тимски и посветно можат да се отворат 120.000 работни места, а до крајот на година се очекува да се отворат уште 10.000 работни места-  вели во едно од своите обраќања Иванов.

Во својата реторика  Пендаровски пак постојано нагласува дека настапува  како поединец „ и индивидуа со име и презиме и со свој беграунд“.

Различните кампањи и за двете најголеми партии можат да бида „меч со две острици“ во парламентарната трка. За ВМРО ДПМНЕ поразот на Иванов би бил уривање на митот на непобедивоста на кој оваа партија исклучително инсистира. Или како што велат во СДСМ победата на Пендаровски ќе ја ослободи „енергијата за промени“ .

На 13 април ќе се случи охрабрувачкиот момент што ќе ги најави промените. А на 28 ќе објавиме победа за цела Македонија. Победа на народот за народот. Победа за нов почеток – вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Образложувајќи ја во  обраќањето во одлуката за водење на  подвоени кампањи со нивниот престедателски кандидат Заев вели – нему не му треба ментор како Груевски на Иванов.

Сепак за аналитичарите инсистирањето на индивидуалноста и дистанцирање од СДСМ кај  Пендаровски изборното конто во првиот круг нужно не мора да значи и отсликување на резултатот на опозициската СДСМ .

111Aleksandar Cekov

Цеков: Стево Пендаровски, може да биде во тесна трка со претседателскиот кандидат предложен од власта, Ѓорѓе Иванов

Александар Цеков од Центарот за истражување и креирање политики  смета евентуалниот  добар резултат на Пендаровски не мора да значи подобрување на позициите на СДСМ.

-Досега во неговите настапи и забележуваме едно дистанцирање од раководството на СДСМ. Тоа би значело дека Стево Пендаровски може да освои забележителни резултати во првиот круг, меѓутоа не сум сигурен колку тие гласови би се преточиле на контото на партијата која го предлага, во вториот круг и во парламентарните избори- коментира Цеков.

И политичкиот аналитичар, Арсим Зеколи не е убеден дека популарноста на Пендаровски би можела да се претопи во гласови за СДСМ на парламентарните избори.

-Пендаровски ја има таа шанса, но за жал некако како да нема страст. Тој е ликот на кампањата, но за да ја зајакне таа позиција треба да даде насока и на јавноста да и покаже дека има свој тим поддржувачи- смета Зеколи.

111-Arsim Zekoli

Зеколи: Дури сега ќе следи валканата кампања

Професорот Здравко Савески пак смета дека двата кандидати од гледна точка на стратегијата на изборните кампања постапуваат правилно. Иванов со потпирањето на реално повисокиот рејтинг на ВМРО ДПМНЕ од неговиот, а Пендаровски со дистанцирањето од СДСМ им се обраќа на неопределените од кои вели – зависи резултатот на овие избори.

Изборите тест и за гласачите Албанци

Покрај гласовите на неопределените, на претстедателските избори секогаш фажен фактор е и албанскиот електорат. Но овој пат ситуацијата е специфична. Одлуката на ДУИ да се изземе од трката за шеф на државата, со барањето за консезуален кандидат, ја зголеми неизвесноста, особено за првиот круг поради  отворената заложба „претседателските избори да не успеат“.

Кандидатот на ВМРO- ДПМНЕ, Ѓорѓе  Иванов  иако декларативно вели дека ќе биде претстедател на сите, јавно не се оградува од повиците за етничка хомогенизација  од партијата што го поддржува

–  Вашиот глас е важен за нас, важен за убедливоста на нашата победа, за очекуваните 62 пратеника, за да не дозволиме некој да не уценува…Проектот на ДУИ за двојазичност на целата територија на РМ не е одраз на реалноста во Македонија, ниту дел од Рамковниот договор, затоа бараме 62 места во Парламентот, вели премиерот Никола Груевски

Пендаровски пак за разлика од Иванов во овој дел од кампањата се обидува да им се обрати и на гласачите Албанци. Тој сними рекламен спот каде се обраќа на албански јазик , а во деловите со мнозинско албанско население се закупени и билборди на албански.

Стево Пендаровски очигледно игра на картата за консензуалниот претседател кој како идеја потекна од ДУИ, со што сака да ги собере гласовите на неопределените и на албанскиот политички блок, смета Александар Цеков од Центарот за истражување и креирање политики.

За разлика од неопределените во македонскиот блок за кои исходот од првиот круг од трката за претседател може да биде пресвртна точка, кај албанскиот електорат, повеќето аналитичари сметаат дека првиот круг нема да го има тој ефект, од проста причина што освен гласачкото тело на ДПА, мнозиството  може да се реши да го послуша повикот на ДУИ и да апстинира.

Меѓутоа токму ваквата поставеност на главните претстедателски кандидати, вклучително и фактот дека во изборната трка учествува и кандидат на албанската ДПА од првиот круг потенцијално прави  тест за расположението во албанскиот електорат, но и можност за разбивање на негативниот стереотип за албанските гласачи.

-Првиот круг на претседателските избори ќе бидат добра прилика да се испита фундираноста на националистичкта претстава кај етничките Македонци дека Албанците секогаш се држеле заедно, вели Савески.

Иако се воздржани во проценките  дали  гласовите дадени „за победникот“ во првиот круг на  претседателската трка навистина ќе бидат решавачки и за конечниот резултат на парламентарните избори, за познавачите на политичката сцена во Македонија, нема дилеми дека првиот круг ќе биде генерална проба на гласањето на 23 април.

уредник: Тамара Чаусидис