Денешна дата
29/06/2022

Промена на изборниот модел

Нашиот изборен модел веќе три пати е променет со разновидни аргументи – избегнување на изборните инциденти, намалување на финансиски трошоци, ефектуирање на секој глас итн. Но, сега гледаме дека постојниот пропорционален модел со затворени листи уште повеќе ги оддалечил народните избраници и власта како целина од граѓаните. А многу ја зајакнал позицијата на лидерите, што по секоја логика ја задушува и така слабата партиска демократија. Тоа овозможува партиската власт силно да се концентрира кај лидерите, а на штета на партиските контролни механизми. И сега луѓето околу лидерот често влегуваат кај нив со свое мислење, а излегуваат со негово.

Факт е дека и по толку години плурално искуство, политичките партии како главни носители на политичкиот живот не успеаja да се здобијат со потребен внатрешен демократски капацитет. Тоа неминовно неповолно се рефлектира во севкупниот демократски амбиент во државата. Па оттука и општата стагнација во сите области, оти за одржлив развој потребно е ефикасно и професионално функционирање на институциите и ефикасно владеење на правото. А во нашето правосудство ако сте фатиле арамија, судот ќе ве натера да му платите дебела отштета оти сте го наклеветиле арамијата. Вистинската демократија не може да се постигне само со формално нејзино прогласување, туку е потребно ефективно зајакнување на професионалниот капацитет, одговорност и отчетност во рамките на самите политички партии како основни градители на севкупниот демократски живот во државата. Поинаку ќе продолжиме да живееме со квалификацијата дека демократијата е процес кој гарантира дека нема да се владее со нас подобро отколку самите заслужуваме.

Се наметнува прашањето – што треба да се смени во системот за да се почне да заздравува болното ткиво во општеството? Тука многу може да помогне промената на изборниот модел со цел на поквалитетна селекција во изборот на народните избраници. Пред неколку години, Националниот демократски институт (НДИ) организирал тркалезна маса со претходни анализи од повеќе експерти за изборните модели. Наспроти доминантниот став на мнозинството експерти дека е потребно воведување пропорционален изборен модел со отворени листи, главните политички играчи не го прифатија тоа.

Факт е дека со отворени листи изборите ќе добија поголем легитимитет, а резултатите ќе беа поблиску до реалната волја на граѓаните. Тоа ќе им овозможи на граѓаните да вршат сопствена селекција и рангирање на предложените кандидати. Кај таквиот модел гласачот освен што гласа за листата, тој по свое убедување може да заокружи и имиња на кандидати. Тогаш конечното рангирање во листата директно ќе зависи од гласачите, а не од партиските лидери, оти суверенитетот произлегува од граѓаните.

 

Предностите на отворените листи се: Поголемо мотивирање на граѓаните да излезат на гласање, оти им се дава можност да одлучуваат за рангирањето на предложените кандидати; Секој глас би бил ефектуиран во однос на партиите што го преминуваат прагот; Превентивно би се влијаел да се обесхрабрат во кандидирањето тие што немаат морален кредибилитет знаејќи дека ќе треба директно да се соочуваат со гласачите; Политичките партии поттикнати од силната конкуренција веројатно би кандидирале поквалитетни луѓе, а со тоа би зајакнувала улогата на парламентот како важна институција; Во голема мера би се елиминирале тие лица кои наспроти нивните (не)дела останаа недопирливи за правосудните органи; Отворените листи индиректно би влијаеле во реформирањето на политичките партии, оти корумпираните лидери слабо би поминувале во рангирањето со што нивната позиција видно би ослабела, а со тоа би се отвориле и можноста за лидерски промени.

Но, пред се организирано треба многу да се работи во зајакнувањето на електоралната култура. Не може да се помогне на себе со неизлегување на гласање. Напротив, лошите водачи се избираат благодарејќи на добрите граѓани што не излегуваат на гласање. Мора да сфатиме дека ако нешто поддржуваме без причини ќе платиме со дебели причини. Со години се надеваме на грам вистина, а добиваме тон лаги. И конечно сите треба да разбереме дека не е можно со лоши избори да добиеме добра власт.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk