Денешна дата
25/05/2022

Македонија неподготвена за сурогат – мајчинство

Предлогот на министерството за здравство за озаконување на сурогат мајчинството предизвика најразлични реакции во стручната јавност и речиси сите се предупредувачки. Македонија не е доволно подготвена за еден комплициран процес како што е сурогат мајчинството, бидејќи тој задира во повеќе правни, етички и морални дилеми, сметаат познавачите

„И да беше законско сурогат мајчинството, повторно ќе посвоев дете“. Вака ја започнува својата среќна приказна 34 годишната мајка, која по седум години талкање низ здравствените институции за да најде помош за добивање дете по биолошки пат, ја посвојува тогаш шестмесечната ќеркичка.

„Првите две години со партнерот мислевме дека е нормално да не ни успева, но после тоа почнавме да истражуваме, по што се решивме за други алтернативни методи за забременување. За година и половина направив две инсеминации, примав и хормони, но немавме успех. Продолживме со ин витро и имав три пати неуспешно ин витро, еднаш го правевме и на приватно. Всушност, без разлика дали ќе одите приватно или државно, едно ин витро пак ќе ве чини околу 800, 900 евра заедно со сите прегледи“, раскажува мајката, која од разбирливи причини сакаше да остане анонимна.

Таа вели дека ин витрото е голем бизнис во кој се презентираат само успешните приказни за оплодување, додека оние неуспешните се кријат, и дури и најбезнадежните случаи се препраќаат од еден на друг лекар, што само ја подгрева надежта.

„Целиот овој процес е многу мачен и јас не добив никаква психолошка поддршка – што е најважно. Сите тие години ми беа заробени во аплицирање, барање програми, давање пари…Иако велат дека сега ин витрото е бесплатно, сепак само за да аплицираш за него се потребни 200 евра за да се собере целата документација (документите не треба да бидат постари од шест месеци). По целата голгота се решивме да одиме на посвојување и ако од една страна имав многу лошо искуство со ин витрото, од друга страна од посвојувањето сум задоволна. Посвојувањето траеше една година и процедурата помина добро“, вели таа.

За последните предлози за озаконување на сурогат мајчинствто кои ги најави Владата вели дека е добро да постојат сите алтернативи за добивање дете, но треба многу да се внимава на психолошкиот аспект и да се вметне концептот на грижа за ментално здравје на сите вклучени во процесот.

„Во сурогатството имаме жива човечка материја, потребни се испитувања не само на тие што ќе бидат сурогат мајки, туку и на тие кои бараат сурогат. Ако ме прашувате за алтернативните начини на добивање дете, повторно би посвоила, единствено би било добро ако може да се убрза целиот процес, бидејќи знам многу деца кои живеат во домови кои чекаат да добијат родители“, додава мајката.

Министерството за здравство неодамна најави дека се разгледува опцијата за менување на Законот за биомедицински потпомогнато оплодување, со што на паровите кои не можат да имаат деца во Македонија би им се овозможило да добијат дете со помош на сурогат мајка. Според предлогот кој го претстави министерот за здравство Никола Тодоров, сурогат мајка ќе може да биде жена која е психофизички здрава и постара од 21 година. Таа ќе треба да помине психолошки и правни советувања од комисии составени од лица со искуство во областа на психологијата, психијатријата и на правото.

Ако ваквиот предлог се преточи во законско решение, подносители за сурогат мајчинство ќе може да бидат само маж и жена кои се во брак и се државјани на Македонија. Примање парична надокнада за сурогат мајчинство од семејството ќе биде забрането и доколку тоа се констатира предвидени се сериозни санкции.

Според најавите на Тодоров, концептот за сурогат мајчинство предвидува забрани за рекламирање или регрутирање на сурогат мајчинството, како и до 10 години затвор за оние кои ќе постапуваат спротивно на одредбите од законот.

На сурогат мајката ќе ѝ бидат исплатени определени трошоци кои се поврзани со нејзиниот живот за време на процесот за правилна исхрана, лекување и прегледи, кои не може да бидат повисоки од една месечна просечна плата.

Според министерот, на жените ќе им биде забрането да го користат сурогат мајчинството како професија и сурогат мајките ќе биле „практично само инкубатор“.

„Тоа во концептот се обидуваме да го забраниме, да нема жени кои ќе заработуваат и кои ќе живеат со сурогат мајчинство, на пример повеќе пати да бидат во функција на сурогат мајка. Во концептот имаме предвидено дека се зема јајце клетка од жената и од мажот кои го поднесуваат барањето за сурогат мајчинство, а сурогат мајката е практично само инкубатор кој носи генетски материјал од мажот и жената“, најави неодамна Тодоров.

 

Предлогот на министерството за здравство за озаконување на сурогат мајчинството предизвика најразлични реакции во стручната јавност и речиси сите се предупредувачки. Македонија не е доволно подготвена за еден комплициран процес како што е сурогат мајчинството, бидејќи тој задира во повеќе правни, етички и морални дилеми, сметаат познавачите.

Извршниот директор на организацијата ХЕРА, Бојан Јовановски вели дека голем дел од земјите во Европа го немаат легализирано сурогат мајчинството бидејќи задира во многу човекови права, како правата на сурогат-мајката и правата на детето. На пример, сурогат мајката треба да може да ја прекине бременоста, а не да ѝ биде наложено од договорот да ја продолжи бременоста, како што сега е предвидено во концептот.

„Сметаме дека Македонија не е доволно подготвена за сурогат мајчинство. Оваа мерка би можела да се употреби само доколку сите останати мерки за одредени парови кои не можат да имаат деца се искористени, како ин витро.  Земјата треба да тежнее кон веќе постоечки мерки на добивање дете, а треба да се зајакне и олесни процесот на посвојување деца“, вели Јовановски.

Иако во предложениот концепт е предвидено сурогат мајчинството да се прави само од алтруистички причини и самите услуги ќе бидат ненаплатени, експертите предупредуваат дека системот може лесно да биде изигран, затоа што странските искуства покажуваат дека најчесто сурогат мајките се одлучуваат на ваков чекор поради финансиски причини.

Деликатно е и прашањето за правната регулација на тоа кој го задржува правото на детето. Едно дете може да има три мајки – генетска мајка (што го дава биолошкиот материјал), биолошка (која го носи детето) и социјална (која го добива детето).

Доктор Славејко Сапунов од Клиниката за гинекологија вели дека сурогат мајчинството како концепт не претставува некаков медицински проблем, но од друга страна отвара повеќе психолошки, етички, морални и правни проблеми и дилеми.

„Не сум сигурен колку Македонија е зрела за вакво нешто, ќе треба прилагодување на многу закони, консултации со експерти на повеќе нивоа. Ние сме мала земја, а ова е многу комплицирана материја и иако ние како медицинска заедница немаме ништо против, не сме се уште подготвени за сурогат мајчинство“, смета Сапунов.

Според професорот по семејно право Дејан Мицковиќ, во расправата за воведување сурогат мајчинство е прескокната најважната фаза, а тоа е дали воопшто треба да се регулира, а не како да се регулира.

„Сурогат мајчинството не е дозволено во најголем дел од Европа. Отвара повеќе дилеми, како комерцијализацијата на репродуктивниот процес. Сурогат мајката добива пари да го роди и даде детето. Што значи се воведуваат пазарни механизми во една многу чувствителна сфера како што е репродукцијата. Децата на овој начин се претвораат во предмети кои се продаваат на пазар, со што се нарушуваат нивните права. Има и многу други проблеми како проблемот на експлоатација на сурогат мајката, како и тоа дека жената се третира како инкубатор“, вели Мицковиќ.

Според него, истражувањата покажуваат дека сурогати обично се жени од најсиромашните социјални слоеви и голем дел од нив го прават тоа за пари, како што се случува во Индија.

„Исто така, некои парови кои би посвоиле деца, ваквата процедура би ги премислила да склучуваат договори за сурогат мајка, па се поставува прашањето кој ќе ги посвои тие дечиња? Така да сериозно треба да се размисли за тоа дали воопшто е потребно вакво нешто, бидејќи може да има сериозни последици од повеќе аспекти во општеството“, додава професорот.

уредник: Тамара Чаушидис