Денешна дата
08/08/2022

Судовите притиснати од недостиг од простор, кадар и пари

Македонските судови се соочуваат со недостиг од стручен кадар и од канцеларии, а немаат пари за основни трошоци ниту современа опрема. Тоа влијае на ефикасноста, велат судиите кои решението го гледаат во зголемување на судскиот буџет

Речи си 670 судии и уште стотици други вработени во судската администрација работат во нови или реновирани, на изглед убави и големи згради, а кога ќе влезете внатре не ретко може да сретнете и по десетина луѓе во една канцеларија. Секој од 27 основни судови во Македонија има по некој проблем што ја попречува ефикасноста на судиите. Плаќањето на секојдневните трошоци и недостигот на стручен кадар се двата најгорливи проблеми на судовите.

“Принудени сме да се снаоѓаме на различни начини. Кратиме од едно место за да покриеме нешто друго. Најголем проблем ни е греењето, па затоа, зимно време за да заштедиме, често работиме по повеќе луѓе во една канцеларија”, вели претседателката на Основниот суд Кратово, Ружица Здравковска.

 

Во една канцеларија и по десет луѓе

 

Во Основниот суд Гостивар во една просторија работат и стручните соработници и записничарите и преведувачите

Во Основниот суд Гостивар во една просторија работат и стручните соработници и записничарите и преведувачите

Во Основниот суд Прилеп имаат само пофални зборови за условите во кои работат.

“Имаме одлични услови за работа. Иако судот е сместен во нова зграда заедно со Јавното овбинителство и Јавното правобранителство но тие имаат посебен влез и никој, никому не му пречи во работата”, вели Жарко Башески, претседателот на Основниот суд Прилеп.

Но не сите судови. каков што е прилепскиот имаат можност да работат во нормални услови.Така во Основниот суд Гостивар во една просторија работат и стручните соработници и записничарите и преведувачите. Исто како и во Прилеп, во истата зграда, покрај судот, сместени се и гостиварското обвинителството и Јавното правобранителство.

Судиите пак, секој има свој кабинет и судница во која што судат. Во судот во Кратово на пример, имаат имаат и вишок простории со оглед на тоа што тоа е еден од така наречените мали судови.

 

Судиите се и стручни соработници и записничари

 

 

Соочени со недостиг од нови кадри, судиите едвај наоѓаат начин како да обезбедат стручен соработник или записничар без кои е невозможно да се работи.

“Ние сме 23 судии а немаме ниту десет соработници и осумнаесет записничари. Особено е тешко за време на годишните одмори. Така, наместо да се концентрираме на суштината на предмете, ние губиме време со техничките аспекти на предметите, вели портпаролот на судот во Гостивар, Елјеса Алии.

Во Прилеп пак на 18 судии има 16 стручни соработници. Истата мака ја имаат и судовите во Кратово, Штип и Крушево.

Претседателот на крушевскиот суд Благоја Бошкоски вели дека пополнувањето на испразнетите места зависи од Владата.

“Проблемот со вработувањата е поради одлуката за забрана за нови вработувања. Секоја година добиваме известување од Владата дали за тековната година се одобрени потребните вработувања. Но и веќе одобрените сеуште не се реализирани”, вели Бошкоски.

Во судот во Кратово пак, има повеќе вработени курири од стручни соработници кои реално, вели Здравковска, не му се потребни на судот.

Недостигот од луѓе во писарниците во кои што се чува целата архива на судот е решен со вработување на луѓе кои што се пријавиле на огласот за вработувње на јавното претпријатие  “Македонски шуми” како и со вработувањата предвидени со Рамковниот договор.

 

Со застарена технологија нема ефикасност

sud vaga

Работата со застарена технологија што влијае на ефикасноста на судиите

Исто како и судот во Штип и судиите во Кратово работата со застарена технологија што влијае на ефикасноста на судиите.

“Работиме со застарени компјутери и често пати се случува да губиме време барајќи соодветен компјутер за потребите на судиите. Ова е особено важно бидејќи судиите мора да ги исполнат нормите на решени предмети што им се зададени со закон”, вели портпаролот на штипскиот суд Стојан Михов.

Речи си и да нема суд во земјава во кој сите судници се опремени со опрема за видео и аудио снимање, како што е предвидено со закон. Така во основните судови во Крушево и Кратово има по една опремена судница, во Штип има три а во Прилеп има четри опремени судници за аудио-визуелно снимање. За сега, се снимаат само покарактеристичните случаи од граѓанската и стопанската област а од 1 јануари 2015 година ќе се снимаат и кривичните случаи. Судиите предупредуваат дека рокот мора да биде продолжен затоа што во спротивно ќе се зголеми бројот на укинати пресуди.

Судиите се согласни дека условите за работа не се идеални но дека решение има.

“Со зголемувањето на судскиот буџет кој нема прво да оди во државната каса како и исполнувањето на ветувањето дека буџетот ќе се зголеми за 100 отсто ќе реши поголем дел од постоечките проблеми”, вели Алии.

 

Уредник: Стојанка Митреска

 

opetceska@inbox7.mk