Денешна дата
01/10/2022

Што се подготвува?

Генијалниот Ајнштајн, шетајќи по природата стигнал до една река над која висел импровизиран тесен мост. Славниот научник продолжил по мостот без да забележи дека истовремено од спротивната страна тргнал некој дебел човек. Кога се сретнале на средината на мостот, дебелиот извикал – „На будалите никогаш не им го отстапувам патот“. Ајнштајн се вратил назад на брегот и допуштил човекот да помине, по што додал – „А јас да“. Но, размислувајќи во себе тој сепак се убедил дека таквата мудрост е неумесна, и тоа не поради фактот што дебелиот прв го поминал мостот, туку поради логиката дека ако на будалите им ги отстапиме сите патишта ние ќе нема каде да се движиме!

Нам со години ни се заземени сите патишта, сите мостови, паркови, домови, па и животите. Будали ни влегоа по институциите, по судовите, по медиумите, по имотите, по џебовите, по нашите блиски, по нашите души и судбини. И направиле пустош. Создадоа невидено криминално општество, ја уништија економијата, не задолжија до гуша, го колабирале буџетот. Создадоа масовна беда и сиромаштија. Ја разгорија етничката и верската омраза. Создадоа невиден егзодус и празни училници. Создадоа делители на правда кои самите не заслужуваат да бидат на слобода. А ние продолжуваме да им го отстапиме патот дека се будали, несвесни дека тоа сме ние самите.

Но, режимот се сопна на надворешен план. Со години Груевски странците ги лажеше дека ќе го реши „горливиот“ проблем со името, а истиот тој проблем од него самиот бил провоциран за полесно владеење и за блокирање на интеграциите. Името до 2006 година не беше никаква пречка за процесот. Брисел му поверувал дека проблемот ќе го реши, па оттука за се му прогледаа низ прсти. Сега увидоа дека се случи сериозна диктатура во срцето на Балканот, но и сериозна опасност за внатрешната и регионална стабилност. Добиле мало диктаторче (како што тие го опишуваат), ама со големи и опасни последици. Таквата мала диктатура на Груевски е голема несреќа за милиона луѓе, оти е голема опасност по мирот во регионот.

Помина НАТО самитот, но и рокот на траење на изјавата на Ахмети за наводната криза што би ја создал. Тие изјави веќе никој не ги зема за сериозни. Самитот од Велс државата ја врати десет години назад. Добивме уште четири големи услови и стотина помали. Се бара ефективен политички дијалог, слобода на медиумите, независно судството и целосна имплементација на Охридскиот договор (и тоа „во дух и слово“). А преговорите за името да бидат „завршени што е можно поскоро”. Значи бараат солзите да се заменат со пот. Солзите можеби предизвикуваат краткотрајно сожалувања, ама само потта носи резултати. Груевски нè трагаше по решенија туку по причините зошто нема решение. Тврдите заклучоци ги газеа ситните дипломатски трикови на нашата власт. Груевски овој пат молчел за рбетот. Ниту збор за „непринципиелната Европа која нè притиска да го свиткаме рбетот“. Ја свитка опашката. Причините за таквата промена на политиката на Алијансата кон Македонија се повеќекратни, а најважни се три. Првата, е стравувањето дека подолго траење на ваквиот популизам и национализам ќе заврши со конфликт. Второ, ако Груевски и неговите поддржувачи не ја платат цената за ваквата опасна авантура, тоа ќе биде сигнал до другите регионални претенденти за да станат диктатори. Третата причина е непринципиелното флертување со Русија токму сега кога на срцето на Европа избил конфликт. Башка што гледаат дека ние немаме претседател туку сенка на премиер. Странците веќе прочитаа дека челниците на ВМРО и ДУИ не сакаат евроатлански интеграции и дека името им служи само како изговор. Оти секое  нормализирање на системот претпоставува нивно завршување пред нормален суд. Тие разбрале дека во оваа земја е голема среќа да си споменик, жална врба или палма, ама е несреќа да си човек. Секоја држава има свои споменици, а кај нас спомениците имаат своја држава. Дојдено е времето кога фараоните ќе треба да се погребуваат во сопствените пирамиди. Блиску им е крајот на тие што ветија градење на светла иднина со помош на мрачни сили на подземјето. Ние треба да разбереме дека патиштата градени без Господ завршуваат во пеколот. Но, сето ова мора да има и психолошка димензија. Арно си кажа едно девојче – „би сакала да прашам, а како еден премиер кој е душевно разболен од навредите и клеветите повторно може да биде премиер, зарем душевно болни ќе ни ја водат државата“?!

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

bilali@inbox7.mk