Денешна дата
26/06/2022

Укинување на народот

Се води јавна расправа за уставни измени. Подршка има само кај тие кои своето достоинство и совеста ги имаат трампано за пари. Не поминува баш лесно ниту кај некој владини подржувачи. Венецијанската комисија чии став многу е ценет во Брисел, прелиминарно кажа дека многу што од предложените решенија се спротивно на европските стандарди. Но, познато е дека се што е вредно во Брисел, тука целосно е безвредно и обратно.

Зад преложените уставни измени (фокусот наводно ти бил бракот и задолжувањето), вешто се крие вистинската цел. А тоа е можноста за формирање меѓународни слободни финансиски зони. Власта настојува таа материја да го уреди со Устав за да не може наредната власт лесно да ја укине. Практично, се сака државата да се претвори во пералница на пари, каде би се опрале тие 4.6 милјарди евра кои последниве осум години мистериозно исчезнаа од државата. И тогаш нема повеќе да имаме валкани пари, оти сите ќе бидат многу чисти, затоа што ќе бидат многу убаво перени. Во таквите зони не важат законите на државата на која е сместена зоната, туку зоната функционира според сопствени правила. Како што вели Гошев – „држава во државата“. Тие се некаков финансиски екстериториалитет. На пример во Абу Даби е формирана таква зона со име „DIFC„ – Dubai International Financial Centre (формирана во 2004 година) и „Global Мarketplace Abu Dhabi “ сместена во островот El Maryaah (формирана во 2013 година). Но, овие зони служат за трговска и финансиска размена меѓу западните и азиските компании, што тамошните географски услови тоа го овозможуваат. Дури и таму кај зоните има доста проблеми околу перењето пари. А да не зборуваме за кај нас каде што таквите зони ќе служат само како пералница. Тие зони ќе функционират само како сиви зони.

 

Јас сметам дека нема причина да се спротиставувам на измените ако се додаде одредба со која ќе може да се укине и државата. Па нели е укинат парламентот?! Сега пратениците служат само како робот-машини за гласање без право на размислување. Тие не смеат ниту да се тепат меѓу себе без стиснување копче од надвор. Тие не ги преставуваат интересите на граѓаните туку на подземните структури. Па нели е укината владата, оти таму само двајца тројца решаваат, а другите само се сликат!? Укинато е судството кое сега служи за уривање на правдата и воздигнување на криминалците. Таму чесни завршуваат во затвор по налог на криминалци. Укината е администрацијата која служи само за гласачка машинерија. Укината е демократијата, институциите, медиумите, дијалогот, слободата и се живо. Ама организираниот криминал никако да се укине. Оттука, јас сум за промена на Уставот. Кога веќе се е укинато, нека се укине и уставот и народот и државата! И така не служат за ништо. Власта нека остане само со спомениците, оти само за нив остана здрав амбиент. За се друго е болно.

 

Американскиот амбасадор во заминување Пол Волерс, без дипломатски ракавици кажал дека во оваа земја гледа водачи кои политиката ја гледаат како краткорочна игра за богатење на самите себе и на сопствената партија. Тие создаваат проблеми, наместо да решават исти. Мислам дека ова е рецепт за уривање на државата“. А Владо Милчин вели дека тоа е устав на ВМРО-ДПМНЕ, а не на Македонија. Јас би рекол тоа е устав на двајца тројца луѓе „патриоти“, кои како залог држат два милиона луѓе. А во наши состојби прекарот „патриот„ не значи ништо друго освен голем арамија. Денес си патриот ако лапнеш неколку стана во центарот на главниот град, ако имаш раскошни вили, големи хациенди, милиони од тендери доделени на пријателки, снаи, мајки, ќерки и синови. Патриот си ако вртиш пари по карипските острови, по Белизе, Салвадор или Кипар. Ако возиш бесни коли и уживаш во луксузни јахти. Ама не купени со свои, туку со туѓи пари. Патриот си ако луѓето ги третираш помалку од обични овци, оти овците за да ги молзиш претходно треба да ги храниш.

 

Но, ништо не трае вечно. Наскоро на ваквиот режим ќе му дојде крајот. Тогаш многумина ќе се удират со главата во ѕид како можеле така нешто да подржуваат! Ќе ги сечат прстите за тоа како можеле да гласат за такво нешто! Ќе сечат вени за тоа што им направиле на нивните деца! Ќе чупат коса оти се гордееле со водачи со кој нормалниот свет можел само да се срами. Тогаш ќе сфатат дека светот е лош, не поради тоа што лошите луѓе чинат зло, туку поради тоа што што обичните луѓе тоа го допуштале. Но, едно е факт – ниту една диктатура досега се нема паднато на демократски избори, оти едноставно за нив тие не постојат. За да ја уриват ваквата неуставна власт претходно треба да констатирате дека во државата е извршено државен удар.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

bilali@inbox7.mk