Денешна дата
08/08/2022

ИВАНОВ ГИ НАЈДЕ ЏИХАДИСТИТЕ

Претседателот на Македонија, од Њујорк, ни соопшти дека и во државава има џихадисти. Избран како глас на регионот, со драматичност и возбуда што неможеше ни логопетски да ја издржи, Иванов во ОН, во име на регионалните лидери, изрази загриженост дека Балканот е прв на удар за формирање на исламски калифат. Калиф или халиф – вид на територија со која управува избраник на Мухамед од редовите на образованите и мудри муслимани, почитувајќи ги драконските казни од шеријетските догми.

Со загриженост можам да констатирам дека Балканот веќе станува база за регрутација и радикализирање на нови странски борци за глобален џихад. Странските борци од Балканот во ИСИЛ и Џаб хат ал Нусра се групирани во етно-национални одреди за да ја изведат џихадистичката идеологија во нивните матични држави. Некои се таму веќе три години.

Пред овој настап Претседателот, јавно во својата држава, за оваа тема не проговори иако се регистрирани десетина заминувања на македонски државјани, од кои некој и ликвидирани, кон фронтовите во Сирија и Ирак.  Иако шеста година е врховен командант, со непосредно располагање на најдоверливите информации од Агенцијата за разузнавање, но и ДБ што е под надлежност на МВР, тој во Њујорк замина пред воопшто да го формира и свика Советот за национална безбедност, поради опструкциите на Албанците од ДУИ. Овој уставен орган би била релевантна процедура во проценката за ваква глобална закана и за одлуката Македонија да се приклучи кон Коалицијата против “Исламската држава”. Внимавајте, во последните три години, демнее опасноста од регрутација на исламските радикали за средноисточните и арапските боишта!

Но, пред еден месец министерката Јанкуловска ја смируваше домашната јавност дека не постои непосредна опасност од џихадистите, а ги одби и барањата на Поглаварот на ИВЗ, безбедносните служби да се позанимаваат со радикалните вахабости и селефисти што ги контролираат скопските “Јаја Паша“ и  “Тутунсуз,“ иако експерти тврдат дека исламските радикали се инфилтрираат токму преку религиозните одбори на џамиите. Во меѓувреме и портпаролот на МВР тврди дека во овој момент нема посериозна и поголема закана по општата безбедност во Македонија, а од полицијата смируваа дека во земјава нема регрутни центри за ИСИЛ.

И додека во Босна се апсат радикални вахабисти, на Косово еден Имам и 40-тина негови и приврзеници на ИСИЛ, во Македонија е мирно. Па сепак, Претседателот Иванов ја презема улогата на регионален гласоговорник, веројатно и поради потребата од допадливост кон западните сојузници и особено Вашингтон. Искажувајки оценка дека не се знае бројот на џихадистите и дека државите, значи и Македонија, сами неможат да се справат со новите безбедносни закани, по неговата јавна исповед, останува нејасно како функционираат домашните безбедносни системи? Што тие прават ако буџетот на МВР е поголем од финасиските потреби на АРМ и одбраната? Доколку пак националните безбедносни предизивици се под контрола на службите, тогаш дали тие функционираат како раштимуван оркестар, па едни информации имаат за Владата, со други располага Претседателот, за негов драматичен настап во Њујорк. Кој ја формира безбедносната проценка релевантна за стабилноста на земјата?

Дали можеби Иванов прави пресврт по диригираниот налет на антиамериканизам во сопствената држава и пред се од провладините мејнстрим аналитичари, иако САД се стратешки партнер на сите досегашни македонски влади и децениски чадор за неазвисноста и територијалниот суверенитет? Може ли овој обид на драматичност да испраќа и порака кон домашните аналитчари кои навиваа за руската анексијата на Крим, како обид за алтернативен пресврт кон Русија? Веројатно, да. Зашто како ќе инсистирате на почитување на меѓународниот правен поредок и Хашката пресуда за спорот со Грција, па тие да бидат главен аргумент и нова тактика за ОН, доколку за инает на ЕУ и САД, го следите инстиктот дека амбасадорите, што се репрезенти на овие глобални играчи, дефакто се прогласуваат за персони нон – грата или дека со страст се гледа на  независноста на Шкодска, најавените сепратистички одлуки во Шпанија, Италија, а притоа дома да не се соочиш со таков безбедносен проблем, одлука или статус? Ако си неспособен да се одбраниш од џихадистите, кој ќе биде на браникот на македонската целовитост?

Без интеграција на Република Македонија и останатите земји од Западниот Балкан во Европа се создава вакум во геополитичкиот простор. Да не дозволиме овој вакуум да биде пополнет со радикализам, верски фундаментализам и неизвесност, од Њујорк апелираше Иванов.

Признание, страв, немоќ. Шефот на државата си ја сврте реката кон својата воденица. Затоа ќе рече – примете не во НАТО, исламскиот калифат ви е пред порти, а ние немаме сили да се бориме со џихадистите. Таквата ултимативна порака го одржува патриотскиот дух на политичарот кој мисли дека “компромис е компромис”, формула за решавање на спорот со Грција, со што не ја перципира реал-политиката и во меѓународните односи. Ако тоа беше така лесно да се договора, врз принципите дај-давам, веројатно Македонија ќе ја добиеше шансата за НАТО, откако дозволи прелет на нивните авиони за напад врз Србија и приемот на над 4оо илјади бегалци од Косово, уште 1999 година.

Настапот на Иванов на Ист Ривер дојде откако предходно тој повторно си намигна, на поминување, со Обама, кому, во молневитите две минути од средба без преведувачи, замолил за подршка на Македонија за прием во НАТО. Следуваше медиумската изјава за својот специјален новинар однесен во Њујорк, со подолга интерпретација на пораките од овој разговор во четири очи, од должината на средбата од нога. Веројатно македонската дипломатија која поита со демарш-нота кон Претседателот на САД за очекуваниот прв дипломат Бејли, разбира дека државникот кој ја предводи новата антитерористичка операција во светот, ни испраќа американски амбасадор чија промоција во Сенатот е со став дека овде, во Македонија живеат Словени?! Ако по ништо друго, барем по овој тип на Словенство, на овие простори, се согласуваат Москва и Вашингтон, двете велесили што не признаа со името Македонија.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)