Денешна дата
06/10/2022

Шурман: Постои замор кај граѓаните од „Скопје 2014“

„Има многу контроверзи околу проектот Скопје 2014 и ми се чини дека постои замор кај граѓаните“, порачува амбасадорката на Холандија во Македонија, Мариет Шурман во новото интервју за „ИНБОКС 7“. Клучниот проблем, според неа, е недостатокот на транспарентост околу средствата кои се користат за проектот. „Затоа мислам дека загриженоста на граѓаните е оправдана, не само од Скопје, но и другите градови, кога треба да се одговори на прашањето што се случува со моите пари од данокот. Вашиот долар, евро или денар можете да го потрошите само еднаш, и како што реков, во врска со трошењето пари на даночните обврзници на непродуктивни инвестирања, што долгорочно гледано не придонесуваат за економскиот пораст и просперитет. Граѓаните со право поставуваат прашања дали можело да има попродуктивни инвестиции“, вели амбасадорката Шурман, која е именувана за специјален претставник на НАТО за жени, мир и стабилност.

Во врска со влошувањето на состојбите со слободата на медиумите, Шурман нагласува дека индикаторите покажуваат дека овие состојби траат повеќе години со што се потврдува нивната загриженост за медиумите. „Критиките за нашата поддршка на медиумите можеби само го покажаа фактот дека постои потреба да се поддржи професионализацијата на медиумите и разноликост на медиумскиот пејсаж“, вели холандската амбасадорка за „ИНБОКС 7“.

Таа потенцира дека образованието е критично за секоја држава и дека тоа нема никаква врска со лаптопи, компјутери или згради.

Во врска со претстојниот Извештај за напредок на земјата, Шурман вели дека повторно и годинава ќе бидат актуелни и споменати почитуваето на човековите права, основни слободи, владеење на правото и независните медиуми. „Овие прашања со сигурност ќе бидат нагласени заедно со функционирањето на пазарната економија. Тоа се основните принципи на заедницата на ЕУ и ќе бидат клучни прашања во новиот Извештај за напредок“, смета Шурман.

zafirova.zafirova@gmail.com