Денешна дата
10/12/2022

Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на АСО: „Европа Ре” е гарант за земјоделските приноси

Годишната премија што би ја платиле граѓаните за имотно осигурување кое би вклучило и ризик од земјотрес или поплава би ги чинело колку еден месечен издаток за цигари, или пак колку еден семеен ручек во ресторан, вели Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на АСО во интервју за Инбокс 7

Според податоците на Светска банка штетите што македонските граѓани можат да ги претрпат поради климатските промени можат да достигнат и до четириесет отсто од бруто домашниот производ. Помалку од еден отсто од вкупниот број домаќинства во земјава имаат осигурување со вклучен ризик од поплави и земјотрес. Токму затоа, неодамна беше формирано друштво за реосигурување „Европа Ре”. По тој повод разговаравме со Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО)
Инбокс 7: Г-дине Попоски, која е целта на формирањето на новата осигурителна компанија „Европа Ре“?
Попоски: Еден од најефикасните начини како да се справиме со предизвикот од глобалните климатски промени секако претставува осигурувањето на имотот на граѓаните, на правните лица, но и на државните институции. Осигурувањето се покажува како ефикасен инструмент за справување од временските непогоди и од земјотреси, а понудата на осигурителни продукти е многу ограничена во овој сегмент. Поради малата свесност на граѓаните како да ја компензираат финансиската загуба доколку се случат овие ризици, се пристапи кон регионален проект финансиран од Светска банка во кој што се вклучени владите на Македонија, Србија и Албанија преку формирање на реосигурително друштво чие име е „Европа Ре” со седиште во Швајцарија. Анализите покажаа дека многу мал број осигурителни друштва нудат продукти кои што во себе вклучуваат ризик од катастрофална природа. Еве на пример, земјоделското осигурување – до крајот на 2013 година само четири друштва нудеа вакво осигурување. Оваа година уште две нови друштва нудат земјоделско осигурување, но понудата е премногу лимитирана и не е адекватна на потребите на земјоделците. Од друга страна факт е дека постои побарувачка од земјоделците бидејќи тие директно се соочуваат со изложеност на нивните приноси, и во однос на квантитетот и во однос на квалитетот, на неповолни временски услови. Во овој момент само едно друштво има потпишано договор со „Европа Ре”, но ние очекуваме дека и другите компании сериозно размислуваат да пристапат кон потпишување на договор.
Инбокс 7: Зборувате за земјоделците. Кажете ни што треба да направи оваа категорија граѓани за да се заштитат од сушите, поплавите и други штети што можат да настанат по нивниот посед и род?
Попоски: Земјоделското осигурување е актуелно како продукт во последните три, четири години. Самите земјоделци не беа доволно информирани за постоењето на продуктите. За таа цел, ние како агенција уште во 2012 година изработивме информативен материјал, брошури, флаери и имавме директна комуникација со земјоделците. Влеговме во годишната програма за едукација на Агенцијата за поддршка на руралниот развој и земјоделието и заедно со нив одевме на тие директни средби со цел да ги информираме тие луѓе дека постои земјоделско осигурување, како начин со кој што може да ги осигураат нивните неизвесни приноси. По ова, во 2013 година за педесет отсто се зголеми бројот на продадени полиси. Во првата половина на 2014 година за 35 отсто се зголеми продажбата на полиси за земјоделско осигурување. Иако има висока стапка на пораст на ова осигурување, сепак, од вкупниот број регистрирани земјоделски фирми и индивидуални фармери и други, не повеќе од четири отсто имаат земјоделско осигурување. Тоа значи огромен простор за освојување од страна на осигурителните компании кои треба да понудат вакво осигурување. Но, осигурителните друштва не се навлезени многу во овој бизнис бидејќи им фали знаење. Затоа постои „Европа Ре” за да им помогне во овој дел. Минатата недела беше промовиран нов продукт наречен индексно земјоделско осигурување. Согласно со општите услови на ова осигурување, секој индивидуален принос на земјоделецот се мери со просечниот тригодишен принос од соодветната општина. И земјоделецот го осигурува тој просечен принос во соодветна општина. Ако земјоделецот оствари помал принос од просечниот принос на општината, без разлика која е причината за тоа, тој по автоматизам ќе биде компензиран за разликата од неговиот индивидуален остварен принос со просечниот принос на општината. При тоа, ваквото осигурување ќе биде понудено за две земјоделски култури, пченка и јачмен за оваа година а за наредната година планирано е да се прошири и на лозје и на пченка.
Инбокс7: Кој друг ќе има бенефиции од формирањето на компанијата и од услугите што ги нуди таа?
Попоски: Македонија е на територија која е доста сеизмолошки изложена на земјотрес. Можеби јавноста не е доволно запознаена, но на почетокот на 20 век на територијата на општина Валандово е регистриран еден од најголемите земјотреси во Европа, воопшто. Од него немало некои
поголеми финансиски последици затоа што на тој простор немало концентрација на средства, луѓе, бизниси. Но затоа, вкупната штета од земјотресот во Скопје во 1963 година била проценета на една милијарда долари. Инаку, четириесет отсто од територијата на Македонија покрај ризикот од земјотрес, е изложена и на ризик од суши и поплави кои што се повторуваат на секои три до четири години. Според проценките на Светска банка доколку би се случиле некои од овие ризици од катастрофална природа, особено земјотрес, тогаш Македонија може да претрпи финансиска загуба од 40 до 50 отсто од бруто домашниот производ. Сведоци сме на поплавите што се случија во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија. Многу малку од имотите беа осигурени. Така, тие финансиски загуби паѓаат на штета на буџетот и на крај на денот граѓаните се тие што ќе треба да ја платат цената. На светско ниво се забележува се’ поголемо присуство на ризици од катастрофална природа. Во 2013 година регистрирани се вкупно 308 такви ризици при што загинале 26.000 луѓе, а вкупната штета се проценува на 47 милијарди долари. Само една третина од проценетата штета била осигурена. Од вкупниот број регистрирани домаќинства во Македонија само 3,4 отсто имаат некакво осигурување на имот. Од нив, 0,14 отсто од вкупниот број живеалишта имаат осигурување со вклучен ризик од земјотрес и 0,24 отсто имаат осигурување со вклучен ризик од поплава.
Инбокс 7: Колку ќе чини една осигурителна полиса за услугите што ги нуди компанијата „Европа Ре“?
Попоски: Како за споредба, има еден интересен финансиски податок. Годишната премија што би ја платиле граѓаните за имотно осигурување кое би вклучило и ризик од земјотрес или поплава би ги чинело колку еден месечен издаток за цигари или пак колку еден семеен ручек во ресторан. Во зависност од квадратурата на домот, од квалитетот на изградбата и локацијата на која што се наоѓа, годишната премија за осигурување би се движела од педесет до сто евра.
Инбокс 7: Г-дине Попоски, да проговориме малку за работата на осигурителните компании. На кој начин ја контролирате нивната работа?
Попоски: Една од нашите законски обврски е да ги контролираме осигурителните друштва дали имаат доволно капитал, доволна солвентност и ликвидност да ги сервисираат преземените обврски. Контролата ја правиме преку два методи. Едниот е вонтеренски, а тоа значи дека осигурителните друштва до нас праќаат редовни извештаи и вториот е редовна теренска контрола. Сите податоци за работата на друштвата ги објавуваме на нашата веб страница. Доколку постои незадоволство од страна на осигурениците во делот на исплатата на штети, тие треба да се обратат кај нас. Согласно законските прописи кога осигуреник ќе пријави штета таа прво треба да биде комплетирана. Од кога ќе биде направено тоа, друштвото за осигурување носи одлука за обесштетување. При тоа исплатата на штетата треба да биде во рок од четиринаесет дена. Доколку осигуреникот не е задоволен од висината на исплатената штета, тој може да се обрати кај нас во агенцијата, но и да се жали и да поведе постапка пред суд. Исто така треба да се знае дека на светско ниво, десет отсто од исплатените штети се однесуваат на осигурителни измами. Има доста граѓани кои се влезени во некои нечесни игри во осигурителниот бизнис, така што друштвата за осигурување се многу претпазливи кога треба да исплатат штета. Исто така осигурениците мора да знаат дека покрај правата имаат и обврски. Тоа значи дека на време треба да ја пријават штетата и да ги обезбедат сите документи што ги бара осигурителното друштво со цел да се докаже дека штетата настанала. И обично тука настануваат проблемите. Од друга страна осигурениците треба да бидат запознаени со сите услови што се во полисата за осигурување и да бидат свесни што потпишуваат.
Инбокс7: Неодамна соопштивте податок кој вели дека, повеќе од половина од претставките што доаѓаат од граѓаните се однесуваат на брзината на исплата на штетите од автоодговорност. Зошто во овој дел на осигурувањето има толку проблеми?
Попоски: Имајќи предвид дека автоодговорноста и КАСКО осигурувањето претставуваат 60 отсто од вкупниот бизнис на осигурување во Македонија, сигурно е, и нормално е најголемиот број на штети да бидат од автоодговорност, а со тоа и најголем број поплаки. Тука се соочуваме со проблем односно предизвик во однос на судската пракса кога за слични повреди се носат различни судски одлуки. Но, ние немаме право да се мешаме во судската власт иако имаше обид, на ниво на осигурителниот бизнис, да се донесат еднакви критериуми во однос на исплатата на нематеријалната штета. Меѓутоа судските органи тоа не го земаат предвид поради независноста на судството односно самиот судија треба да одлучи колку ќе досуди доколку има судски спор. Сепак, се надевам дека ако судиите меѓусебно повеќе разменуваат информации во однос на различните критериуми, ќе дојде до поголемо изедначување на критериумите во делот на исплатата на штетите.

opetceska@inbox7.mk