Денешна дата
01/10/2022

Министерство за здраство: Замената на типови на инсулин не е опасна по здравјето

Во врска со апелот од Асоцијацијата за детски дијабет „Баланс МК“, Ве информираме дека пациентката Снежана Љуботенска е веднаш исконтактирана од страна на Министерството за здравство, а воедно пациентката потврди дека ја исконтактирале и претставници од оваа Асоцијација.

Пациентката објасни дека деновиве била уредно прегледана на Универзитетската клиника за ендокринологија, при што и било кажано дека замената на еден тип инсулин со друг нема никакви штетни последици ниту по нејзиното здравје, ниту по здравјето на плодот.

Уште еднаш потсетуваме дека врвните авторитети од областа на дијабетесот од Република Македонија јасно и недвосмислено потврдија во јавноста дека менувањето на еден со друг тип на инсулин воопшто не е штетно по здравјето на пациентите со дијабетес.

Апелираме давањето стручни квалификации околу типовите на инсулин да се остави на стручните лица и авторитети од областа на дијабетесот во Република Македонија, кои Министерството за здравство редовно ги консултира околу преземање на сите мерки за унапредување на грижата за пациентите со дијабетес, односно апелираме немедицински лица да се воздржат од давање нестручни и неточни изјави во јавноста со единствена цел креирање страв и паника меѓу населението.

Министерството за здравство во текот на утрешниот ден ќе организира превоз за пациентката од Штип до Универзитетската клиника за ендокринологија за да биде извршен контролен преглед.

 

Одделение за односи со јавност

Министерство за здравство

www.moh.gov.mk