Денешна дата
21/03/2023

Сексуалноста кај лицата со попреченост – табу тема за општеството

Александар Матовски – Цако има 23 години и е студент на Педагошкиот факултет во Скопје. Вообичаено ведар и насмеан, тој е секогаш отворен да разговара за проблемите со кои се соочува како лице со Даунов синдром, но сепак обично е порасположен за дебата на други теми бидејќи како што и самиот вели, не е ништо поразличен од останатите луѓе.

„Леле немој само за политика да збориме, каде и да се свртам само за тоа се збори, ќе ми експлодира главата, еве ако сакаш ајде нешто за култура…“, се шегува Александар, кој го обожува пишувањето и веќе има издадено две збирки поезија. Неодамна книгите на Цако беа презентирани и во БиХ во Административниот центар на Владата на Република Српска.

Учењето не му оди лошо, но признава дека може и подобро. Како и кај секој студент, некои испити знаат да се завлечкаат заради активниот социјален живот. Тој сака да излегува со пријателите, да се дружи, редовен посетител е на концертите низ Скопје, а исто така негова голема љубов е и каратето, во кое поседува кафеав појас.

„Искрен да бидам, сакам да имам девојка. Сакам некој покрај мене, кој ќе биде заинтересиран за мене. Кај нас сексуалноста кај лицата со интелектуална попреченост е табу тема и има големи предрасуди за разговори на оваа тема“, вели Александар. Според него, тој има среќа што неговото семејство отсекогаш отворено разговарало за сите проблеми и предизвици, па така за едукацијата и информирањето за сексуалноста постојано се дискутира во фамилијата, како и за сите други теми кои ги преокупираат младите.

Психолозите потенцираат дека кога се разговара за сексуалноста тоа не се однесува само на сексуални односи, партнерство и имање деца. Сексуалноста ги опфаќа полот и родот, растот и развојот, пубертетот, личната хигиена, приватноста, различните видови на врски и односи, самозадоволувањето, грижата за репродуктивното здравје, планирањето на семејството, превенцијата од сексуално преносливи инфекции или од злоупотреби.

Сепак, дури и самите родители на деца и млади со интелектуална попреченост ретко сакаат да зборуваат на оваа тема и голем дел од нив сметаат дека ова право е недостапно за овие луѓе.

„Би се бореле за сите други права но не и за овие права. Се плашат дека тоа би бил дополнителен проблем, особено ако дојде до бременост или раѓање на дете, така да изгледа е полесно да се стави под тепих или да се правиме дека не постои. Само понекогаш се разговара и тоа само за личните искуства во врска со мастурбацијата. Ако споменеш врска, веднаш те гледаат како да си побегнал од Бардовци и шеташ по пижами низ градот“, вели мајката на Цако, Снежана Матовска.

aleksandar poprecenost

Александар Матовски – Цако

Доктори препорачуваат лекови за потиснување на сексуалниот нагон?!

И покрај законските забрани, според организацијата „Порака Наша“ од Куманово, постојат многу случаи на присилна стерилизација за да се ограничи плодноста кај некои луѓе со попреченост, особено оние со интелектуална попреченост, и тоа најчесто кај жените.

„Исто така имаме сознанија дека се користат разновидни таблети за потиснување или намалување на сексуалниот нагон кај оваа група на граѓани, најчесто во институциите каде тие престојуваат подолго време, но некои од родителите во истражувањата кои ги правиме анонимно се изјаснуваат дека вакви препораки добиваат и од медицинскиот персонал ако се обратат за совет на оваа тема, што всушност претставува злосторство кон едно човечко суштество“, велат од здружението „Порака Наша“ во чии рамки функционира Дневниот центар за лица со умерена и тешка интелектуална попреченост над 18 годишна возраст.

Од министерството за здравство велат дека досега Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема добиено пријава за вакви злоупотреби.

„Доколку организацијата има такви сознанија, најдобро е да пријават во инспекторатот и  ќе биде испитан случајот“, ни изјавија од министерството.

Благица Димитровска од оваа организација вели дека според Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост која е ратификувана од нашата држава, лицата со попреченост треба да уживаат правна способност на еднаква основа со другите и да имаат право да стапат во брак и да основаат семејство, како и пристап до сексуална и репродуктивна здравствена заштита.

„Сепак, широко е распространета предрасудата дека лицата со попреченост се асексуални или дека тие треба да имаат контролирана сексуалност и плодност“, додава Димитровска.

Психологот и координатор во ХЕРА Весна Матевска вели дека секое неинформирано или присилно давање на одредена терапија е прекршување на сексуалните и репродуктивни права на лицата со интелектуална попреченост.

„Сексуалната злоупотреба кај лица со попреченост е поголема отколку помеѓу општа популација. Едукацијата ги зајакнува лицата со попреченост во однос на препознавање на потенцијално опасна ситуација, ги учи како да кажат НЕ на она што не им се допаѓа, како да препознаат злоупотреба, каде и како да пријават доколку биле жртви на злоупотреба. Сексуалната едукација има за цел да превенира злоупотреба“, додава таа.

Итно воведување на сексуално образование

Искуствата покажуваат дека системот и образованието не нудат доволно информации за сексуалноста. Потребно е што поскоро да се воведе сексуално образование во училиштата, кое би ги дало основните поими кои треба да ги знаат луѓето, а особено оние со посебни потреби, велат родителите на овие деца.

„Сега за сега се се сведува на ад хок предавања од невладини организации,  некои маркетинг агенции кои рекламирааат на пример влошки или слично, но тоа не е системско решение, и опфаќа само дел од училиштата или мал дел од младата популација. На ваков начин се остава улицата или лошите искуства да ги учат нашите деца за сексуалноста, а тоа секако е недозволиво“, смета Снежана Матовска.

Нејзината пријателка која исто така има 17 годишен син со Даунов синдром, но сакаше да остане анонимна, вели дека во училиштата воопшто не се дискутира и едуцира за сексуалноста.

„Мојот син веќе е во период на пубертет, а мене на оваа тема најмногу ми помогна Снеже со совети, како и тоа што ме повика да одиме на еден семинар на организацијата ХЕРА, каде имаше поучни работи кои ни требаат и на нас мајките и на децата. Луѓето воопшто не се запознени дека овие млади имаат права и потреби за внимание и љубов исто како и сите други“, додава таа.

Според психологот и координатор во ХЕРА, Весна Матевска, едукацијата за сексуалноста е повеќе од потребна и значајна. Конвенцијата за заштита на правата на лицата со попреченост, која е ратификувана од нашата држава, во неколку членови истакнува и бара почитување на правото на пристап до информации, едукација, заштита и медицински услуги повразни со сексуалното и репродуктивно здравје.

„Потребно е да повикаме на имплементација на овие права. Потребно е отворено да зборуваме дека сите сме сексуални битија. Потребно е да ги прашаме лицата со попреченост како тие се чувствуваат во однос на сексуалноста и што ним им е потребно за да ги уживаат во целост своите права“, додава Матевска.

И покрај жалбите на родителите за недоволно информации во образованието во однос на сексуалноста, Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски неодамна ги отфрли иницијативите на организацијата ХЕРА за воведување посебен предмет „сексуално образование“ во образовниот систем, поврзувајќи го само со различната сексуална ориентација.

„Ниту една иницијатива или желба за добивање определени фондови или средства, нема да не мотивира или примора да прифатат било чија инцијатива, особено не учебници или прирачници во кои се поистоветуваат односите меѓу мажот и жената со истополовите релации. Уште повеќе што во посочениот прирачник на ХЕРА има куп експлицитни термини, тотално несоодветни на возраста на учениците. Тоа за нас е апсолутно неприфатливо во тој дел како Влада имаме дефинирано јасна позиција. Сметаме дека во делот животни вештини сосема доволно е опфатена едукацијата на младите по однос сексуалната ориентација“, рече тогаш министерот Ристовски.

уредник: Тамара Чаусидис