Денешна дата
21/03/2023

Државата со пари од фирмите реновира канцеларии?!

Подрачната единица во Кочани со допис побарала пари од фирмите за реконструкција на нејзините простории, иако Министерството веќе еднаш ја платило реконструкцијата. До компаниите, наводно, е испратен допис да уплаќаат пари на локална кочанска фирма, иако оваа компанија не конкурирала на тендер за реконструкција на просториите

Напишано од: Горан Лефков

 

Адаптацијата на просториите на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Кочани е платена од државата. Во исто време од надлежни службеници во дотичната подрачна единица се бараат пари од компаниите дополнително да платат за реконструкција на просториите.

Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија дојде до документот со кој службеници од подрачната единица во Кочани оделе по фирмите и барале од нив да уплатат пари на кочанската фирма (симни документ)

Компаниите ни го доставија документот, но со покриено име и адреса, но видно револтирани и исплашени. Причини за ова е стравот од реваншизам од страна на државните институции.

„Вакво собирање на арач немало ниту во турско. Не знам како да го дефинирам ова, како уцена, рекет или просење. Кој ги зема парите, каде одат, не знам“, вели сопственик на земјоделска компанија кој ни го достави документот.

Ова, според надлежните институции за борба против корупцијата се толкува како незаконско рекетирање на фирмите.

ana janevska delevska

Ана Јаневска-Делева

Ана Јаневска-Делева од „Транспарентност Македонија“ додава дека ваквиот начин на работа на државна институција е недозволив.

Се работи за класичен рекет од државна институција кон приватни фирми, бидејќи не е познато како е избрана и која е фирмата на која треба да се врши уплата на средствата.  Исто така, државната институција требала да објави повик за јавна набавка“, вели Јаневска- Делева.

Таа додава дека, оние фирми кои ќе одлучат да уплатат пари  ќе бидат по привилегирани во однос на оние кои нема да уплатат.

Мислење за овој документ побаравме и од Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси Интернешнл“, но иако ја чекавме повеќе од 40 дена да ни одговори, сепак до затворањето на текстот не добивме ништо.

За волја на вистината, од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство ни доставија допис уредно потпишан од министерот Михаил Цветков, дека за реконструкција на просториите е распишан тендер, а добитник на тендерот е скопската фирма МАК БИС Инжинеринг ДООЕЛ Скопје, бидејќи дал најповолна понуда.

„Во постапката за јавна набавка за реновирање и санација на канцелариски простор учествуваа 9 правни субјекти, од кои на електронската аукција се јавија 6. Фирмата која што ја наведувате не се јави на објавениот јавен повик на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и не учествуваше во постапката за јавна набавка за реновирање и санација на канцелариски простор во подрачната единица“, се наведува во одговорот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Притисоци врз фирмите за повлекување на документот

 

Барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер до Министерството за земјоделие беше доставено на 4 август 2014 година, од страна на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија. Во средината на август од страна на вработени во подрачната единица во Кочани и инспектори од други институции, наводно, е побарано од фирмите да им го вратат спорниот документ назад, според кој се бара уплата на пари за реконструкција на простории, на сметка на кочанската фирма. Покрај ова наводно од нив е побарано и да негираат дека таков документ добиле, доколку некој новинар им побара информации за оваа барање.

Во дописот што ни го испратија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се наведува дека конкретниот документ воопшто не е испратен до компаниите.

„Согласно произнесувањето на Подрачната единица-Кочани, документот не е испратен до ниту едно правно лице, и истиот е ПОНИШТЕН во Подрачната единица Кочани во соодветна законска постапка, поради недобиено одобрение од Секторот за координација и организација на подрачни единици за понатамошна постапка. Секторот за координација и организација на подрачни единици упати на поништување на документот“, се вели во дописот на Министерството за земјоделие (симни документ).

 

Документот до Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија е доставен од страна на земјоделец, кој го има примено барањето, наводно, лично од службеници во кочанската подрачна единица.

„Ги уплатив парите на таа кочанска фирма, бидејќи со допис, Министерството го бараше тоа од мене. Се сеќавам, во документот беше наведена жиро сметка на фирмата во Тутунска банка. До денес никој ми ги нема вратено парите што ги уплатив за реновирање на просториите во Кочани“, вели земјоделец од Кочани.

Ова го демантира дописот на Министерството за земјоделство дека документот е поништен и дека не е доставен до правни лица во Кочани.

 

На фирмите им е набиен страв во коски

 

Сопствениците на земјоделските фирми се плашат да зборуваат за барањето на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Дел од нив потенцираат дека знаат за документот, но негираат дека им е доставено барање, иако добар дел од нив знаеја дека барање е доставувано по кочанските физички и правни лица.

На Ванчо Георгиев, сопственик на оранжериите Зелена куќа, од Горни Подлог, Кочанско не му се познати причините зошто нему не му било доставено барањето да уплати пари на фамозната фирма од Кочани за реконструкција на просториите на Министерството за земјоделство во Кочани.

 „Можеби јас сум поголем сопственик на земјоделска фирма, или пак сум од друга политичка опција, па затоа и не ми е доставено барање да уплатам пари за реконструкција на просториите“, вели Георгиев.

Барање немал добиено ниту Сотир Ангелов, од фирмата БНП од кочанското село Зрновци.

„Бев на одмор кога е доставено тоа барање на некои од земјоделските фирми и можеби затоа нема стигнато такво барање до мојата фирма“, вели Ангелов, сопственик на земјоделска фирма од Кочанско.

Влатко Т. Трговец со ориз и зрнести производи, исто така, негираше дека му е доставено барање за реконструкција на просториите во Кочани. Тој негираше дека и уплатил пари на таа фирма.

Извори на СКУП Македонија кои уплатиле пари за реконструкција на просториите велат дека досега не им се вратени парите што ги уплатиле.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство“.)