Денешна дата
29/06/2022

Гасоводна војна

Стратегискиот балкански гасоводен проект Транс – јадранскиот гасовод – „TAP“ (Trans-atlantic Pipeline) станува реалност. Тоа е постигнато со долго лобирање на Атина, Тирана и Рим кај светските центри на моќ, но многу потпомогнати од кризата во Украина. Тој ќе испорачува касписки природен гас од турската граница, преку северна Грција, јужна Албанија, па се до Италија и Европа. Гасот ќе се преземе од мегасистемот „TANAP“ во Турција, а целта е намалување на руското енергетско влијание врз регионот и Европа како целина. Од 880 километри должина, 540 километри ќе поминуваат низ Грција, а 160 километри низ Албанија, потоа низ Отрант, за да потоа гасоводот стигне до Италија. Експертите дополнително предвидуваат дека еден крак од „TAP“ треба да сврти кон Црна Гора, БиХ, Хрватска и Западна Европа.

Во 2013 година, Грција, Албанија и Италија во Атина потпишаа договор за изградба на гасоводот „ТАP“ и дека се спремни самите да вложуваат над милијарда евра. Акционерска структура на снабдувачот „TАP“ се – швајцарскиот „Arho“, норвешкиот „Statoil“, германскиот  „Е.ОN“, но тука интерес покажуваат и компаниите – „ASPROFOS“ која припаѓа на концернот „Helenic Petroleum ( ELPE)“, британскиот џин „BP“, шпанскиот „Enagas“ и азербеџански „Socar“. Се очекува во 2020 година Европа конечно да добие гас од овај систем.

Системот има голема важност за Европа оти видно ќе ја намалува енергетската зависност од „Гаспром“ кој претставува тешко енергетско и политичко оружје во рацете на Русија. „Гаспром“ веќе почна да гради низ неколку балкански држави. Се работи за проектот „Јужен поток“ кој се предвидува да помине низ Бугарија, Србија, Унгарија и да продолжи кон западна Европа. На овај проект безуспешно пробуваше да му конкурира европскиот нафтоводен проект „NABUKO“, но тој поради незаинтересираност на инвеститорите останаа само во ниво на идејно решение. Уште од гасната криза во 2009 година, кога Русите ги затвориле гасоводните вентили на системот низ Украина (наводно поради долгот и ниската цена за Украина) – ЕУ плати висока цена. Оттогаш ЕУ трага по диверсификација на снабдувањето со гас и тоа е многу важна нејзина политичка ориентација.

„TAP“ е подржуван и Европската комисија, која е спремна и финансиски да помогне. Со овај проект азербејџанскиот квалитетен гас ќе се пренесува до десетина европски држави. Имено со азербејџанскиот гас управува Конзорциумот „Shah deniz II“ кој поседува лиценца за експлоатација на резерви од гас во износ од 16 милјарди кубни метри годишно. Важно е што и од страна на овај силен конзорциум се подржува „TAP“ како главниот транспортер за гас кон југоисточна Европа, се до Италија и други делови на ЕУ. Меѓународната агенција за енергетика предвидува дека потребата за гас во ЕУ ќе порасне од сегашната 526 милијарди метар куб гас годишно, на 622 во 2030 година.

По избивањето вооружен конфликт во Украина, ЕУ упати барање до балканските држави кај што веќе било почнато со градењето на рускиот нафтовод „Јужен поток“ – ќерка на „Гаспром“ – да се стопира со градбата со образложение дека не се испочитувани европските стандарди. Тоа дополнително ја искомпликува состојбата, така што многу лесно ваквата ситуација може да произведе реторзични мерки, со што не се исклучува можноста зимно време да ескалира со повторно затворење на руските вентили кон ЕУ. Сегашните западни санкции против Русија го преполовиле економскиот раст на оваа држава (сега е само еден отсто). Нервозата на Москва може да доведе до запирање на испораката на рускиот гас за ЕУ. За разлика од САД каде што благодарејќи на фракингот, тие немаат голема потреба за увоз на гас, Европејците се многу зависни од рускиот гас. Една четвртина од гасот што се троши во Европа доаѓа од Исток. Во Германија тој процент е поголем – околу 39%.

Каде сме ние тука? Како и секогаш – никаде. Веќе сме пишувале дека Македонија го прокоцкала Коридорот 8, а со тоа прокоцкала десетина милијарди евра. Власта била зафатена со лавови, коњи, мазги и магариња. Постојната власт има многу лош имиџ пред меѓународната заедница и не и е лесно лобирањето. Таа трубеше дека ќе бидеме транзитна позиција со „Јужен поток“ а добивме само обичен крак за снабдување. Сега повторно шансата е тука. Но, власта треба да престане да ја троши целата енергија само за зачувувањето на нејзиниот рејтинг. Туку треба силно да лобира за да добие крак од „ТАP“ било од Албанија било од Грција, со што истовремено ќе може да ги снабдува и Косово и Србија. Со тоа таа ќе добиеше транзит на гас, ќе добиеше силна геополитичка позиција, внатрешно и регионално снабдување, многу вработувања и 30 милиони евра годишно само за транзит. Па еве докажете се барем еднаш дека не им служите само на личнте и групните интереси! Но, за жал таа со светлосни години е далеку од тоа.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

bilali@inbox7.mk