Денешна дата
26/06/2022

Апел за потпис

Асоцијацијата за детски дијабетес Баланс МК ја информира јавноста дека по објавувањето на информацијата за обезбедени донации од инсулините кои се дефицитарни во инсулинските аптеки во државава, и по позитивниот одговор од Министерството за здравство дека ќе ги процесуира донациите (во инсулин), согласно законските надлежности и обврски, сепак 10 дена од тогаш донациите, односно инсулините се уште не се пристигнати онаму каде што им е и местото  – во инсулинските аптеки.

Имено како што е информирана нашата асоцијација, донацијата вредна 700.000 евра (инсулини од типовите “ново рапид“ и “левемир“) од данската компанија “Новонордиск“ се уште чека на потпис во Министерството за здравство, иако од таму добивме уверување дека сите други формалности веќе биле завршени и останал само – нечиј потпис.

Со оглед дека тој “нечиј потпис“ по правило е обична мануелна работа (да се земе пенкалото во рака, малку да се подигне над лист хартија и да се испише скртатено име и презиме) која не трае подолго од, да речеме, десетина секунди, асоцијацијата “БалансМК“ апелира до ресорното министерство, доколку е можно во што пократок рок, да ја оконча оваа “операција на потпишување“ со што ќе направат благородно дело бидејќи потребните инсулини ќе стасаат до оние на кои им се наменети – лицата со дијабетес во Република Македонија.

Асоцијација за детски дијабетес Баланс МК