Денешна дата
08/08/2022

ПАЃА БРОЈОТ НА СУДСКИ СЛУЧАИ ПРОТИВ НОВИНАРИТЕ, НО РАСТЕ ПРИТИСОКОТ

По донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, тужбите против новинарите често завршуваат со отфрлање на обвинението како неосновано и барање за извинување, но тоа не ја подобри слободата на изразување. Во исто време нема судски епилог во кој новинар добил спор против функционер. Додека владејачката ВМРО – ДПМНЕ отвора судски процеси против своите политички ривали, а не против новинарите, какви што се случаите Груевски против Петковски, како и против Заев, првиот човек на државна безбедност ја доби тужбата против неделникот „Фокус“, кој треба да му исплати 9.000 евра за клевета и за судските трошоци

Понижени и истоштени од судските спорови, новинарите сметаат дека декриминализацијата на клеветата ја отвори вратата за нови притисоци и загрозување на слободата на говорот. Од 59 случи на навреда и клевета во последните 2 години 23 се целосно завршени, 9 се завршени во првостепена постапка и се чека на апелација, а 27 се сè уште активни, вели статистиката на Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), кој перманентно ги следи случаите и обезбедува правна помош за тужените новинари.

Во најголем број од завршените случаи тужбата била отфрлена како неоснована, а само мал дел се оние каде е утврдена одговорност за клевета и навреда за што пак е побарано извинување.

Според заклучоците од јулскиот извештај објавен од ЦРМ, досегашната пракса покажува дека постои разлика во работата на судиите кога станува збор за судски процеси во кои се инволвирани државни функционери наспроти случаите во кои нема нивна вклученост, ниту како тужители, ниту како тужени. Кога се работи за случаи во кои како една од страните се јавуваат државни функционери односно политичари видливо е дека тие се одвиваат побрзо односно постои тенденција за поитно постапување на судот. А примената на Европската конвенција и праксата од Стразбур е недоследна и во насока на поголема заштита на честа и угледот на функционерите. Таков е последниот случајот со Сашо Мијалков против новинарите Јадранка Костова и Владо Апостолов од неделникот „Фокус“, кои треба да му исплатат 9.000 евра кои тој веќе најави дека ќе ги донира во Домот за деца без родители. Претходно и премиерот Никола Груевски во експресно време го доби спорот за клевета против лидерот на Новасоцијадемократска партија Тито Петковски, кој треба да му плати 10.000 евра за нанесена душевна болка.

 

Оттука и заклучокот дека со донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета односно, со декриминализацијата на навредата и клеветата, од речиси 300 предмети кои се водеа во кривична постапка, само околу 50 се обновени и за нив се води постапка пред Граѓанскиот суд. Сепак, намалениот број на судски предмети не значи и подобрување на слободата на изразување.

Претседателката на Самостоен синдикат на новинари и медумски работници, Тамара Чаусидис не мисли дека проблемот е во законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, туку во неговата несоодветна и селективна примена.

tamara

 

„Случајот со новинарите на „Фокус“ тоа најдрастично го покажува – тие се казнети за пренесено мислење, што во самиот закон е нотирано како случај кога Законот е неприменлив. Во некоја друга земја, веќе на старт тужбата ќе беше одбиена како неоснована. Кај нас видовме како заврши. Впрочем беспредметно е да се полемизира со аргументи околу законот и членовите, кога е јасно дека и тужбата и казната имаат една единствена цел – да се замолчат новинарите, најнапред на Фокус, а потоа преку нивниот пример и сите други“, смета Чаиусидис.

 

 ТУЖБИТЕ НОСАТ СТРАВ И САМОЦЕНЗУРА

 

Главните уредници со критики кон постоечкото законско решение, како што велат, се влечкаме по судови наместо да се занимаваме со новинарство. Уредникот Зоран Андоновски смета дека е истоштувачко искуството со одење по судови.

zoran[4]

Зоран Андоновски

Понижувачки е да се одговори  на тужби за клевета кои немаат врска. Најголем број на приватни тужби беа поднесени во времето кога јас бев уредник на Време и Нова Македонија, истоштувачко е искуството со влечкање по судови наместо да работите новинарство. Од моето искуство има две заклучоци, едната работа е лоша едната е добра. Доброто е што после тоа повеќе внимавате, а лошото е што после 5-6 тужби следува автоцензурата. Наместо да се занимаваме со суштината на темата за која се пишува ние се плашиме од можната тужба“, изјави за Инбокс7, уредникот и новинар Зоран Андоновски за Инбокс7.

 

За него овој закон е непотребен, бидејќи таа проблематика веќе е апсолвирана со постојната законска регулатива, со неговото носење само се заострил проблемот кој што требало да го решиме.

 

Со ваков закон најлегитимно е мешањето на сопствениците на медиумите во уредувачката политика, вели Горан Михајловски, главен и одговорен уредник на дневниот весник „Вест“.

goran mihajlovski

Горан Михајловски

 

„Полошо е секој си дава за право да тужи. Во овој закон казните за новинарите ја зголемуваат самоцензурата, а газдите се поттикнати да се мешаат директно во уредувачката политика. Во последните судски процеси од свештено лице и еден државен службеник судот пресуди во моја корист, но тие се жалаат на Апелација па сега ќе видиме што ќе се случува, сметам дека судот добро пресудил“, дециден е Михајловски.

 

 

 

 

ПОТРЕБНА Е ДЕМОКРАТИЗАЦИЈА НА ЗАКОНОТ

 

Експертските се на мислење дека слободата на медиумите и говорот во Македонија е загрозена и од силните врски кои постојат меѓу власта, бизнисмените и уредништвата. Според Петрит Сараќини од Македонскиот институт за медиуми Законот за навреда и клевета донесе малку решенија и многу нови проблеми.

Од она што досега го видовме тој може да биде користен како инструмент пред сè за притисок врз слободните новинари и медиуми но и за поттикнување на самоцензурата. Високите казни, диспропорционалитетот во изрекување на казните (некои случаи се судат, некои се забораваат), како и силниот притисок кога се суди за луѓе кои се во високите ешалони на власта, покажува дека таму има работи кои треба допрва да се решат, но тоа е само еден од елементите кои ј нарушуваат слободата на медиумите. Една од главните причини кои со години ја детектираме е спрегата меѓу владеачките партии, големите бизниси и уредништвата, која сериозно ја поткопува медиумската слобода и потенцијалот таа да се анулира. Внатре во редакциите се користи принципот на стап или морков, стапот за тие што се непослушни и сакаат да бидат новинари, морковот за тие што се послушни и политички подобни. Токму поради тоа добрите новинари, коишто работат според стандардите и етиката најчесто се бркаат од работа или доколку имаат среќа да бидат во јавниот сервис ќе бидат ставени во некој дел од редакцијата каде што ќе бидат заборавени и ќе имаат некој третман на внатрешно раселени лица“, истакнува Сараќини.

 

Тој објаснува дека и внатре во медиумските куќи се случува и корупција на новинарите, „освен лостот на заплашување, преку разни тендери на некои други форми преку кои што им се доделуваат разни хонорарчиња, работа во повеќе медиуми или повеќе медиумски платформи и сето тоа најчесто финансирано преку државни пари или владини реклами или преку инструкција кон бизнисите кои се блиски до власта да ги даваат своите реклами во оние медиуми кои што се во пријателски односи со власта“ вели Петрит Сараќини.

 

Каде да се бара излез од амбисот во кој западнаа медиумите во Македонија, бележејќи рекорден пад за 82 места за само две години на индексот на слобода на изразување.

 

Извршниот директор на организацијата „Репортери без граници“ од секцијата во Германија, Кристијан Мир, упати силен повик до властите за стопирање на сите судски процеси против новинари и итно пуштање на слобода на Кежаровски.

 

Според него, Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда има многу критични точки, посебно околу дефинирањето на новинарството и потребно е негово демократизирање.

DSC00082

 

Најпрво, треба да се промени начинот на респектирање на човековите права кои се викаат слобода на печат и тоа треба да започне со некои многу конкретни одлуки. Како што е слобода за Томослав Кежаровски, во услови на независно новинарство тоа мора да се реализира зашто е вистинскиот индикатор, симбол на слободата тука во Македонија. Тоа е првата работа. Втората која сакам да ја истакнам е дека е потребно навистина поголема транспарентност во медиумските врски со јавните реклами затоа што тука е поентата за влијанието врз медиумската содржина и врз медиумската независност“, изјави за Инбокс7, Мир.

Aivo Orav

Аиво Орав

 

Евроамбасадорот Аиво Орав вчера повторно ги потсети домашните политичари дека слободата на медиумите е еден од клучните предуслови за влез во Европската унија, а состојбата во Македонија продолжува да биде проблематична.Тој се повика на извештајот на Европската комисија. Според него, формирањето на Советот на етика на медиумите е основа за напредок во оваа сфера.

На дводневната конференција на СЕЕМО која се одржува во Скопје генералниот секретар на Организацијата за медиуми на Југоисточна Европа, Оливер Вујовиќ, оцени дека нетранспарентното владино рекламирање ја доведува во прашање слободата на медиумите.

oliver vujovic

Оливер Вујовиќ

„Она што нас посебно не загрижува во Македонија е владиното рекламирање. Како се одредуваат средства за рекламирање и на кој начин тие се распределуваат. Тука навистина недостасува транспарентност. Ние пред две години имавме средба со македонскиот премиер и оттогаш се обидуваме да добиеме некои официјални податоци, но уште не сме добиле одговор колку државата одвојува пари за реклмирање во медиумите“, изјави Оливер Вујовиќ – генерален секретар на SEEMO.

 

 

ДЕМОНСТРАЦИЈА НА СОЛИДАРНОСТ

 

Тоа што новинарите се соочени со егзистанцијални проблеми е само потврда дека законот е лош, сметаат новинарите. Неколкупати досега во хуманитарни акции организирани од самите новинари или нивните пријатели се собираат финансиски средства за новинарите од „Фокус“, за семејството Кежаровски, како и сите други чија егзистенција е загрозена.

Според Чаусидис новинарското достоинство е погазено, новинарите се затвораат, добиваат закани за физички напади, а оние што работат во независните медиуми се казнуваат со високи казни за пренесено мислење новинарската солидарност е неопходна. Чаусидис повикува на солидарност за новинарите на „Фокус“ и за Томислав Кежаровски, кој е во домашен притвор бидејќи, како што вели, утре секој од нас ќе страда – поединечно.

aco-kabranov

Ацо Кабранов

Главниот и одговорен уредник на порталот „Либертас“, Ацо Кабранов дел од вината ја адресира кај самите новинари. „Проблемот е кај нас, зашто молчиме. Живееме во двоглав режим, предводен од Груевски и Ахмети, а треба да знаеме дека ниту една власт не би го дала она што не го бараш или ако молчиш. И уште повеќе се затвораме во своите гета“, смета Кабранов.

 

За разлика од Кабранов, Сараќини е ставот дека заедницата полека се буди. „Имаме добра стартна основа гледаме дека заедницата се буди но, треба таа солидарност и таа соработка да биде многу поискрена покоординирана да не се гледаме како конкуренција особено во овие времиња, бидејќи сега треба да извојуваме една поголема и поважна битка- битка за нашата слобода. Второ, треба да се инвестира што повеќе во независна содржина, медиуми коишто се слободни, новинари коишто истражуваат. Тука пред се е важна улогата на меѓународната донаторска заедница, меѓународните институции но, и на тие внатрешни структури коишто колку толку можат да придонесат во таа борба, без оглед дали се тоа приватни бизнисмени или некои домашни фондации. Трето, треба што помалку да се бавиме со себе особено во случајот кога гледаме дека настаните коишто ни се наметнуваат за дискусија се само со цел да се етикетираат или омаловажат или да дискредитираат новинари. Очигледно дека сите лостови на моќ се во рацете на власта и судството и обвинителството и полицијата“, вели Сараќини.

 

На прашањето на Инбокс7, што ќе се случи доколку на 24 овој месец Апелација ја потврди пресудата за Кежаровски, Сараќини рече дека очекува силна реакција од новинарската фела.

Соопштенија нам не ни вршат работа. Видовме дека првиот пат кога поцврсто застанавме позади нашиот колега имаше каков таков резултат, тој веќе не е во Шутка туку е во домашен притвор. Сигурно дека реакцијата ќе биде силна“, истакнува тој.

Синдикалниот лидер Тамара Чаусидис потсетува дека половина од членовите на Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски се членови на Извршниот одбор на ССНМ, тоа доволно говори колку Синдикатот е вклучен во одбраната на Кежаровски, а преку него и одбраната на правото на истражувачко новинарство.

ОПАЃА ИНТЕРЕСОТ ЗА СТУДИРАЊЕ НОВИНАРСТВО

Според информации од Високата школа за новинарство и односи со јавноста, чијшто основач е МИМ, од година во година опаѓа интересот за запишување на нови студенти на студии по новинарство. „Очигледно тоа е состојба којашто коренспондира со реалноста. Не верувам дека некој кој реално ги согледува состојбите гледа некаква иднина во ова професија. Иднината постои, тие новинари и тие медиуми коишто ќе ја воспостават повторно врската со нивните вистински газди- публиката“, вели Сараќини од МИМ.

 

 

stavrova@inbox7.mk