Денешна дата
29/06/2022

Страв до коски

Ако сакате да владеете со луѓе држете ги под страв – вели славниот Пауло Коељо. Помина многу години, секоја полоша од претходната, а власта се посилна. Силна, не заради успесите туку по сеењето страв. Таа се погрижи за пирамидален страв. Од дното до врвот. Оти пирамидалната состојба може да опстои само со пирамидален страв. Сите стравуваат. Невработените се плашат дека ќе им се укине осигурувањето. Социјалците дека ќе им се укине помошта. Земјоделците дека ќе им се укинаат виртуелните субвенции. Наставниците дека ќе ги бркаат од работа. Дуќанџиите и бизнисмените стравуваат од инспекторите. Студентите од партиските професори. Новинарите од газдите. Газдите од министрите, а министрите од премиерот. А претседателот од сите.

Стравот се шири. Страв од од извршителите, од судиите, од полицајците, од поштарите, од казните, од процедурите и што не!? Поради толкав страв луѓето заслепуваат. Па затоа трњата мора да им изгледат како убави рози. А најголемиот мрак ни се случи токму кога почна да излезе сонцето од Вергина. И сега и да имаме здрави очи, сепак умот ни стана неразвиен. Па оттука масовно се сомневаме во можното и веруваме во невозможното. А секој ден за џабе си продаваме дел од себе.

Најефикасен страв е стравот од полошото. Тогаш лоштото се смета за добро оти има и многу полошо. На нам ние помалку лошо поради многу големите светски лошотии. Поинаку, за дуинг бизнис сме четврта земја на светот, и воопшто не е важно што по сиромаштијата сме прва. Важно, луѓето да не се жалат од лошото, туку да стравуваат од полошото. Тоа што уште не стигнал најлошото е заслуга на власта и нејзиниот премиер. Премиер кој свесно ги побркал темното мината и светлата иднина. Кој смета дека лажното минато треба да ни биде вистинска сегашност. И сега стигнавме до тоа да имаме многу луѓе ама да немаме човек. Оти за најдобри ги прогласивме најлошите. И сега со една нога стоиме на светот на бајките, а со другата на работ на провалието.

Стравот се потхранува со затворење новинари, доктори, политички опоненти, судии, и други функционери. Зачудува тоа што и мерилото на стравот е поместено. Возрасните имаат поголема почит кон владиниот страв отколку кон грижата за загубена иднина на нивните деца. Помладите од страв, никако не можат да разберат дека подобро е да плачеш во својата земја отколку да пееш во туѓата. А сите заедно тешко сфаќаат дека животот  за разлика од политиката нема два мандата.

Сеењето страв веќе премина во меѓународни размери. Апсурдот ги надмина не само границите на државата, туку и на безумието. Власта е убедена дека секого може да заплашат, па и странците. Македонија ќе отидела на прегратките на Русија ако Запад  не се опамети! Светот ќе го запашат со приказната на Лавров дека интегрирањето на Србија, Црна Гора и Македонија во Запад, ќе го сметале за закана за Русија. Оти што може да направи Македонија кога има отворени понуди и претензии на Русија кон регионот, а нема никакви позитивни реакција од ЕУ и НАТО – констатирал и прашал еден вмровец пред надлежните собраниски комисии, кај што присуствувал и евроамбасадорот Аиво Орав. Па тука е и руската воена база во големина на Бондстил во Ниш! А и неформалниот советник на претседателот не пропуштува прилика да ги оцрни Брисел и Вашингтон, а да ја величи Русија. Стравот до коски.

Епа драги мои помлади властодршци. Крајот ви се наближува. Наместо да го обвините целиот свет, свртете малку кон вашиот шеф. Не бидете само послушни измеќари. Па тој лично напарви со антиката Грците да добијат крила и да блокираат. Сигурен сум дека тоа не го направил од незнаење. На крај на краиштата, кажете му дека тој е таму да решава проблеми, а не да плаче и обвинува. Како што ги решавале Хрватите, Србите, Косоварите и сите други нормални. Прашајте го како тоа корупцијата стана сериозен дестабилизационен фактор кај нас! Прашајте го за медиумите, за судството, за политичкиот дијалог! Немојте и вие со страв! Волерс ни укажа дека – не сака да го види случајот на Украина во Македонија поради корупцијата! Прашајте го за (не)зависното судство, за медиумите, за политичкиот дијалог! За жал ја доведовта ситуацијата до тоа власта да прашува, а ние да одговориме.

Така е во животот. Често со голема жестина се бориме за идеали, за потоа да увидиме дека сме се бореле за обична заблуда. Оти наместо паметот одлучувало срцето. Или лагата. Но, да отруете толку луѓе нема шанси отровот да не ве затруе и вас. А потоа ќе биде многу тешко да се најде толкава нормалност за да се исправи ваквата голема количина на ненормалност.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

bilali@inbox7.mk