Денешна дата
28/01/2023

Земјоделци останаа без субвенции

Државата, на дел од земјоделците им должи пари за субвенции за 2012 година. Од владините институции молк колку земјоделци не се исплатени и колку пари им должат

„Годинава за земјоделците се предвидени 140 милиони евра“. Слушајќи ја оваа реченица низ медиумите, Стојан Митков од Кочанско, не може да остане рамнодушен. Не знае дали да се радува или да тагува. Се радува доколку се зголемуваат парите за земјоделски субвенции, но коj ќар кога државата не му ги исплаќа, се жали Митков.

„Субвенциите не ми се исплатени за 2012 година, додека за 2013 година немам земенo ниту денар. Треба да ми исплатат околу 4.000 евра за двете години. Чувам 6 крави, а обработувам околу 80 декари земја. Сега ми рекоа додека трае предизборната кампања немало да исплаќаат субвенции“, додава Митков.

Слична е приказната на ситниот фармер Власто од Пишица, Пробиштипско, кој точно пресметал колку пари му следуваат од неисплатените субвенции.

Vlasto Pisica

„Имам 5 крави, и 10-тина декари земја. За кравите имам за земање околу 15.000 денари за субвенции, и уште 5.000 денари треба да ми исплатат за предадено млеко во млекарниците. Немам земено субвенции за 2012 година, а камо ли да ми исплатат за 2013“.

Од Федерацијата на фармери немаат евиденција колку земјоделци не се исплатени за 2012 година. Велат дека само посредувале доколку некој член им се пожали дека нема добиено субвенции.

Судбината на овие фармери ја делат стотици, а можеби и илјадници земјоделци, но за колкав број станува збор – нема податоци.

Субвенциите-мистерија за јавноста

Исплатата на субвенциите останува една од најголемите тајни во државата. Никој од надлежните институции јавно не соопштува  колку пари се исплаќаат за субвенции. „ИНБОКС7“ побара одговори, за исплатата на субвенциите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој и од Министерството за финансии, но до објавувањето на темата ваков одговор не добивме.

Анализа на завршната сметка на буџетот

Според анализите на Професорот Анакиев, само во изминативе три години околу 100 милиони евра повеќе се планирани, отколку реализирани средства. Така во 2010, 2011 и 2012 година вкупно се планирани 338 милиони евра, а се исплатени 237 милиони.

Најголема отстапка од планираните и реализираните пари има во 2011 година кога се планирани 110 милиони евра, а се исплатени само 65 милиони, што претставува отстапка од дури 45 милиони евра.

Во 2010 год. со буџетот се планирани 99 милиони евра, а потрошени се 79 милиони евра или 19,6 милиони евра помалку. Во 2012 година со буџетот се планирани 128 милиони евра, а исплатени се 92 милиони евра или 35,3 милиони евра помалку.

Проблеми со обезбедување на податоци за плаќањата на субвенциите во земјоделството имале и професори, аналитичари и агроекономисти што ги консултиравме.

Д-р Борис Анакиев,  поранешен професор на катедрата за агроекономија при Факулетот за земјоделски науки и храна во Скопје, е револтиран од затворањето на податоците од страна на Министерствата и Владата.

traktor zemjodelec oranje (2)

Со години барам од Министерствата и владините институции, колку пари се исплатени и за кои производи, но досега таков податок немам добиено“, се жали Анакиев.

Тој додава дека има правено некои паушални анализи за исплатата на субвенциите преку завршната сметка на буџетот, но тоа ни одалеку не може да се смета за транспарентно работење.

Затворањето на институциите за информации за исплатата на субвенциите „ е направено намерно за да се сокрие каде се трошат парите од субвенциите“, вели за Инбокс  експерт од агросекторот под услов на анонимност.

Тој додава дека со измените на Законот земјоделство и рурален развој, за разлика од порано, кога Собранието ја носеше Национална стратегија за земјоделството и руралниот развој 2007-2013 и ѝ наложуваше на Владата каде и колку да субвенционира земјоделско производство, сега сѐ е во рацете на извршната власт. Владата е таа што го предлага, усвојува и извршува субвенционирањето без при тоа да дава јавен отчет Собранието на РМ.

Намерно е направена таа измена за да се покрие каде и по кои мерки се трошат парите од “земјоделскиот буџет’. Единствено отчет пред парламентот се дава за ИПАРД програмата бидејќи ЕУ го бара тоа, вели нашиот извор, автор на повеќе закони од земјоделската сфера.

 

Нема пари за субвенции

 

За земјоделецот Митков, главна причина за неисплатените субвенции за 2012 година е што државата нема пари да ги исплати.

Со слично мислење околу неисплатените субвенции е и поранешен висок функционер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Мислам дека немаат пари во власта за исплата на субвенциите затоа и се доцни, затоа и овие луѓе кои ги споменувате во текстот не зеле субвенции за 2012 година“, вели тој.

Ристе Велков претседател на земјоделското здружение Агросојуз од Струмичко со ист став за исплатата на субвенциите има,.

traktor zemjodelec oranje (3)

„Лани во ноември беа исплатени субвенциите за 2011 година во Струмица, иако законски се должни до 30 јуни наредната година државата да ги исплати субвенциите. Мислам дека буџетот нема веќе пари за исплата на земјоделците и за секоја позначајна исплата на субвенции и пензии државата се задолжува“, вели Велков.

Тој со радикално решение – ги повика земјоделците да ја тужат државата доколку имаат неисплатени субвенции за 2012, или доколку државата им задоцни со плаќањето на субвенциите за 2013 година после 30 јуни, 2014 година. Законска обврска на Министерството за финансии е да ги исплати субвенциите за тековната година до 30 јуни наредната година.

Исплатени сретства за субвенции според завршните сметки на буџетот на РМ (во милиони евра)

Година Планирано Исплатено Отстапка Отстапка во %
2010 99,4 79,8 19,6 19,7%
2011 110,5 65,1 45,4 41%
2012 128,1 92,8 35,3 28%
Вкупно 338 237,7 100,3 30%

 

Извор: Завршни сметки на буџетот за 2010, 2011 и 2012 година

 

 

Уредник: Тамара Чаусидис

lefkov@yahoo.com