Денешна дата
28/01/2023

Македонија на балканското дно според извозот

Извезуваме седум пати помалку од Словенија и два пати помалку од Бугарија

Добре Митров, сточар од Кочанско и годинава се подготвува за продажба на своите јагниња за велигденскиот шпиц. Тој одгледува околу 100 овци, а очекува да продаде нешто повеќе од 120 јагниња.

Секоја година јагнињата ги продавам пред Велигден. Доаѓаат трговци, прекупци, накупци кои ги откупуваат, а дали ги носат во Грција, во Саудиска Арабија или во Европа не знам, а и не ме интересира“, вели Митров.

Каде ќе се конзумира трудот на земјоделците нив не ги интересира, велат тоа е обврска на трговците, кои пак се многу претпазливи во пласманот и најчесто се насочуваат на домашниот пазар каде им е најсигурно.

Игор Митревски, трговец и сопственик на фирмата за трговија со земјоделски производи „Еурокост“ од Преспа вели дека пласманот на странските пазари е многу понесигурен од домашните.

Работам со откуп на земјоделски производи 6 месеци, и за почетник како мене, многу посигурен е домашниот пазар “, вели Митревски и додава дека доколку некој не му плати во земјава може да го даде на извршител и веднаш да си ги наплати парите. Додека за да го тужи на меѓународен суд тоа ќе го чини десетици и стотици илјади евра, кои Митревски ги нема.

Ова се дел од причините кои ги одвраќаат домашните компании од извоз на странските пазари.  Земјава минатата година извезла стоки вредни 4 милијарди долари или 1.900 долари по жител, што ја сместува на самото дно на Балканот и во Европа.

Најмногу извозно се орентирани Словенците, 13.000 долари, потоа Бугарија со 4.000 долари по жител, Грција 2.800, Хрватска 2.700 Македонија и Србија со 1.900 долари по жител.

Третина од извозот за земјава е непродуктивен

 

Една третина од извозот во земјава отпаѓа на извозот на конфекција која се шие во земјава и на извозот на катализатори од страна на компанијата Џонсон Мети.

Ова според економистите е многу лоша состојба бидејќи во земјава освен ефтина работна рака немаме никаков импут во овие производи.

Трите компании, во Бунарџик две Џонсон Контролс и Џонсон Мети и втората компанија на Џонсон Контролс во штипската зона, изминативе 3-4 години драстично го зголемија извозот. Од тој извоз што го прават овие компании, Македонија како земја скоро и да нема никаков ефект. Тие внесуваат се од нивните фирми мајки, овде ја користат само работната сила, и повторно заминуваат надвор од Македонија без никаква додадена вредност“, вели Стојче Самарџиски, економски аналитичар од Штип.

Тој додава дека, извозот на компаниите кои работат во овие зони и лон работите во конфекциите треба да се издвои од останатиот извоз во земјава.

Минатата година како извоз на лон производство и катализатори, државната граница ја поминале стоки вредни околу 1,5 милијарди долари.

Доколку навистина ги извадиме овие производи од македонскиот извоз, како што предлага Самарџиски, тогаш земјава би имала извоз од околу 1.100 долари по жител што ја сместува земјава во „Африканско друштво“ заедно со Свазиленд кој има 1.140 долари по жител и Мауританија со 800 долари по жител.

Извоз по жител во 2013 година (во САД долари)

Држава

Извоз по жител

Вкупен извоз
Словенија

14.000

28 милијарди
Бугарија

3.900

27.9 милијарди
Грција

2.700

30 милијарди
Хрватска

2.600

12 милијарди
Србија

1.900

13,4 милијарди
Македонија

1.900

4 милијарди

 

Извор: ЦИА

Уредник: Тамара Чаусидис 

lefkov@yahoo.com