Денешна дата
29/06/2022

Сите бомби на премиерот!

За аферата на “Фокус“, колешката моја Најчевска вели – тоа е основа за паѓање на влада, а ако такво нешто не се случи, тогаш и немаме држава, туку мафијашка банда која управува со одредена територија. Е па драга колешке ептен си ги навредила мафијашите! Па тие си имаат ред и систем, за разлика од ова што ние го имаме и за које тек треба да и смислиме име, оти вакво нешто е невидено во историјата.

Пред некој ден Груевски кажа дека ќе возврати со “позитивни бомби“. И досега во континуитет сме биле бомбардирани со лаги и измами. Првата бомба беше активирана кога пред девет години власта не убедуваше дека ќе сме станеле како Швајцарија. Па од тука не треба да бараме влез во ЕУ, оти тие ќе молат да се интегрираат со нас! Втората бомба – кога се увиде дека ништо од економијата, и се удри по национализам – “никој не може нам да ни ја скрши кичмата за да го смениме името“. Третата бомба беше посветена на референдумот за името. “Ако ме прашате како јас ќе гласам на тој референдум – јас ќе гласам против“ – кажа премиерот. Четвртата бомба беше ветувањето од осум милјарди евра кои станале магла. Петтата бомба е аферата “Актор“ и бројните невидливи вмро-вки станови и деловни простории во вредност од стотина милиони евра. Шестата бомба беше “Македонска банка“, која докажа дека за Груевски судот и обвинителството се смоквин лист или обочна крпа за чистење тоалети. Седмата бомба беше Загорац со корпус деликти виден од Месечината, ама невидлив за правосудтвото. Осмата бомба е изјавата на Груевски за можното одземање на препораката – “ништо не можам да исклучам. Се што доделуваат може и да го одземат. Само душата не можат да ни ја земат„ – ќе изјави премиерот…

Па сега редот е и јас да фрлам една бомбичка – за да кажам дека крајот на власта е сосема блиску. Заедно со неговата гебелсистичка машинерија која ќе треба да одговара за помагање во суспендирањето на државата (тивок државен удар). Аферата со патните исправи е детска играчка во споредба со тоа што тек треба да следи. Со партискиот став, власта сама си го призна делото. Во елемнтарно нормална држава тоа ќе предизвикуаше хаос, но штом власта тоа го прогласува за “комедија“, тука мора да се работи за трагедија. Чудо невидено колку ја потценуваат интелигенцијата на луѓето. Ги третираат како овци. Мислам дека завршува ерата кога си плаќавме за гебелсизам за да бидеме излажени. Половина милион луѓе се исселија од патриоти за патриотски причини. Луѓето бегале, умреле, се убивале и самобивале во мизерија, за на патриотските водачи да им биде супер лукс.

На лагите им дојде крајот. Никој веќе не верува во светски лидеризам во дуинг-бизнис за да бидеме најсиромашна земја на светот. Не убедуваа дека имаме здрава економија ама нездрави луѓе за да го почуствуваат тоа. Отвараме нови работни места за третина од населението да живее во беда. Се гранатирале интеграциите со антички огнофрлач за да се краде немилосрдно и за се да стане пустош. Се тоа во име на патриотизмот. Името беше главната алатака. А таа ќе згаснеше сама по себе кога пред 2012 ќе бевме и во НАТО и во ЕУ, со невработеност од под 10 проценти и со просечна плата од 700 евра. Но, за да се биде дражвник треба да се верува или во Бога или во морал. Тогаш знаете дека бродовите се најсигурни по пристаништата ама сепак не се градени поради тоа.

Премиерот падна на најниски гранки кога студентски ги искара студентите, а тие премиерски, зрело и мудро му одговориле – „уморни сме од оваа реторика, преку која премиерот се обидува да даде партиска конотација на иницијативата и со тоа да ја делегитимира. Студентскиот пленум ќе настојува да го врати академското ниво кое се базира на критичност и аналитички пристап, а не на лични дисквалификации и етикетирање.“

А претседателот Ѓорѓе Иванов секогаш радосен – ,,Со радост можам да кажам дека денес Македонија има најбрзо растечка економија од целиот наш регион, се отвораат нови работни места за младите кои не можат да чекаат години и години да се решат проблемите кои други ги наметнуваат“. Никако да разбере дека среќата за луѓето завршува на скалите на неговата резиденција. Внатре кај него е голема светлина ама надвор е целосен мрак. Од тој мрак не го гледа извештајот на Светската организација на трудот дека државата со околу 54 проценти невработеност кај младите е свестки рекордер. Дека со над 30 проценти невработеност е светски лидер во апсурдот. А да се фалите малку со овие цифри господине Ставревски!

А Муса Џафери ја фрлил во канта изјавата на својот лидер дека за шест месеци ќе ја напуштиме владата ако не влеземе во НАТО. Па кој будала напушта власт која им служи само нив! А очекуваат АЛСАТ-М да им ја заврши работите!!! А самите со знамиња да ја покријат катастрофата!

 

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

bilali@inbox7.mk