Денешна дата
29/06/2022

Македонија се обложува на погрешен коњ

Со години кај нас се пропагира про-путинска ориентација. Ваква потреба имаат само тоталитарни режими со цел подолго заеднички да владеат. Бројни медиумски сегменти, дури и меѓу советниците на главните носители на власта, со години го величаат Путин, а го навредуваат Западот. Но, и ова е легитимно во еден демократски амбиент, кој ние го немаме. Последниве години имаме чудни руски инвестиции, како почеток во спортски клубови, инвестиции кои се менаџираат од еден руски магнат, кој на големо гради сали и хотели. Една друга руска компанија сега се спрема да му гради споменик на првиот руски космонаут Јуриј Гагарин, но исто така планира да изгради импозантен руски верски комплекс во Македонија, кои според сите анализи ќе служат за политичко импресионирање, оти на таков начин најбрзо се влијае врз мислењето на јавноста.

Но, реалноста се движи во спротивна насока на овие цели, но и на среќата на промоторите на тие цели. Според релевантни анализи, Русија сега видно ја губи меѓународната релевантност и влегува во сериозна економска криза како епилог на нејзини погрешни политики. Руски аналитичари го обвинуваат Путин дека поради неговиот политички провинцијализам, не само што државата ја губи политичката релевантност во трка со Западот, туку и со Кина. За разлика од путинизмот што се заснова врз политика на суети, конспирации и апокалипси, кинезите рапидно ја освојуваат светската економија. Пријатели на Путин останаа само Лукашенко, Орбан и нашите водачи. Во самитот Г-20, Путин не бил ниту забележен од светските медиумски магнати. Дури, за да падне во очи, тој ја покрил со голем шал првата дама на Кина, што било коментирано како докрај несериозен и смешен чин. Револтиран од многушто, а можеби најмногу од себе, тој пред време го напуштил самитот. Главна звезда, покрај Обама таму бил премиерот на Кина – Кси Џинпинг, кој докажа дека сериозно работи на тоа својата држава да ја претвори во светска економска велесила. Таму Американците и Кинезите потпишаа неколку спогодби од кои се очекуваат астрономски профити. „Евро-Азискиот Сојуз„ – идејата на Путин не бил ниту спомнат. Истовремено, кинезите потпишаа спогодба за слободна трговија и со Австралија, чин што само државите со силна самодоверба го прават. Истото се очекува да го направат и со Јужна Кореја.

Дека кинезите одамна не ги практикуваат суетите во политиката, се гледа, не само по дологогодишното толерирање на Хонг Конг и Макао, туку и по последниот спор со јапонците за некои острови, а сепак тоа да не биде пречка за да склучат договор за либерална трговија и со таа држава. Значи, кинезите проблемите ги одвојуваат од економските потреби и по никаква цена не им даваат доза на агресивност. Тие сега серизно планираат да го реализираат мегапроектот „Една зона – еден пат„ со цел зајакнување на влијанието во Азија и Европа, како некаква нивна варијанта на ,,Маршалов план„ со почетен капитал од 40 милјарди евра кое ќе се финасира од мегабанката ,,AII,, (Asian Infrastructure Investment), со седиште во Пекинг. А Путин продолжува да се однесува како разлутено дете кое смета дека му се одземени играчките. “Некои земји сакаат да ја растурат Русија, дури тоа го посакуваат со векови„ – деновиве кажа Путин! Сега руската економија се движи накај колапс. Рубљата е рекордно падната на берзите, дури околу 30 отсто, а надворешниот долг ја надминува цифрата од 550 милјарди долари. Путин побарал од Централната банка да направи се што е можно за да се спречи понатамишен пад на рубљата, но ефектите се никакви. Но, факт е дека кога не знаете накаде пловите, ниедни ветришта не може да ви помогнат.

Играта е тука многу голема. Запад заедно со OПEK се одлучни максимално да го зголемуваат производството на нафтата, со што нејзината цена е падната од 110 долари по барел лани, на 68 долари сега.. Но, “The Wall Street Journal” предвидува дека цената ќе падне дури на 60 долари, што за руската економија и нејзиниот буџет кои воглавно се потпираат на нафта и гас, е рамно на хаварија. Со големи проблеми сега се соочуваат и големите руски енергетски гиганти како што се „Гаспром“, „Новатек“ и „Роснефт„ од кои живеат милион луѓе. Сега е под голем знак прашалник и изградбата на меганафтоводот „Сила на Сибирот„ (низ Сибир за Кина). Деновие од устата не самиот Путин излезе дека „Јужниот поток„ е пропаднат, а со овај проект, иако не многу оправдано, многу се фалеше вицепремиерот Ставревски! А сега велат дека никогаш не го третирале серозно овај проект!!!! Исто како што велат за Субрата Рој, дека не го познаваат!!!

Додека нашиот режим прави големи планови смислени од мали глави, Грците ги присвоија сите коридори во вредност од десетина милијарди евра (а кои претходно беа планирани за нас). Додека ние копавме антички гробoви, тие испокопаа автопатишта и гасоводи. Додека ние врзувавме античките јажиња, тие ја користеа ситуацијата. Тоа им дојде како чиста десетка. Поголема услуга – здравје. Ја зграбија иднината додека ние продававме магла од минатото.?????Ја добиле „Виа Игнација„ и ТАП додека ние Александар и Филип! Абрахам Линколн ќе каже – “Знам кој ми е дедо ама повеќе сум загрижен за внуците”. Трагедија е да имаш ваква власт која државата ја краси со партиски грб. Со големи лавови ги покоруваат малите луѓе. Сиромашните и бедните, кои такви ги направил и во умот. Заедно со албанскиот партнер кого го претвориле во нивен партиски огранок, со влијание на она од Долно дупени!

Пак се кладиме на погрешен коњ. Пак многу ќе загубиме. Ќе потонеме заедно со путинизмот кој сега дебело плаќа поради Украина, која му се крши од главата. Така е кога живееме заедно со ѓаволот. Се дружевме со власт која троши огромна енергија за да не претвори во ненормални! Изгледа ѓаволот тотално ни го окупирал умот. Ќе треба да му дадеме име. Можеби – „Владина коалиција„!

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

bilali@inbox7.mk