
Пораз на мегафоните
- Каков крај? - 09/08/2016
- Талибанци, индијанци и мерценари - 16/04/2015
- Заев самиот е бомба - 22/02/2015
Провладините мегафони се во шок. Насетуваат нешто што директно им го загрозува џебот, а можеби и повеќе од тоа. За протестите велат дека биле во мал број 2000 или 3000, и дека тие се организирани од непријатели на Македонија. Дека студентите биле изманипулирани од фактори кои не и мислат добро на државата, кои ја мразат неа и кои сакаат да ја видат на колена. Со еден збор ги третираат студентите како малоумни! А всушност не треба воопшто да си интелигентен за да сфатиш дека Македонија не е на колена, туку во длабока кома, меѓу другото и поради големата “љубов“ на тие медиумски измеќари, кои совеста ја трампале за својот џеб.
Прво: Ако нив ги “боли“ за државата, требаше барем еден збор да кажат за тоа што половина милијарда евра се фрлени на бетон и гипс! И сега се фрлаат 13 милиони евра за барокна фасада и ентериерот на Владата, 11 милиони евра му дадоа на Коце за барокни фасади, а 18,5 милиони евра ќе потрошат за панорамското тркало. А луѓето страдаат, бегаат, се иселуваат, се самоубиваат, семејствата им се растураат! А ова за нив била “гордост“ на државата! Светски рекордер сме во трошењето седативи, рекордер во невработеноста, во сиромаштијата! Па, тоа е манипулација за која и ѓаволот може капа да ви симне!
Второ: Напишете нешто за срамното судството, за бедната администрација (180 илјади која е рак рана за развојот), за насилното преземањето на фирмите, за драконските казни, за бубашвабите по болниците, за франкенштајновата политика, за масовната омраза, за вртоглавиот грабеж, за уништувањето на милиони животи – само поради вашиот и нивниот џеб! Сега поради вас, нас злото веќе не може да не изненади туку само доброто.
Трето: Напишете нешто за мистериозното исчезнување на машините за правење пасоши и лични карти. Во Македонија од 2.100.000 граѓани, најмалку 450.000 се иселени и живеат во странство во последните десетина години (податок на Светска Банка), што значи дека во државата се присутни не повеќе од 1.660.000 граѓани. На возраст до 18 години се 26% или 430.000 граѓани кои немаат право на глас. Значи, во Македонија живеат 1.230.000 граѓани со право на глас. А на последните парламентарни избори излегле да гласаат 1.120.000 граѓани или 91% од граѓаните кои живеат во државата!!! Ако процентот на вообичаена излeзност не е никогаш повисок од 70 % (860.000), тогаш се поставува прашањето кои се тие 21% или 260.000 гласачи кои гласале на последните парламентарни избори?! Тука нема место за ниту една здрава логика, освен дека народот гласа а ѓаволот брои!
Четврто: Ај напишете нешто за тоа кој на денот на протестот ги затвори учениците во кафез како животни со синџири и катанци, за да дознае цел свет за тоа преку Си-ен-ен! Младите ништо не бараат повеќе од нормален живот како сите нивни врсници насекаде во нормалниот свет. Тие на сакаат да бидат робови на лагите дека сме најдобри кога гледаат дека сме најлоши. Тие не сакаат да плаќаат МТВ и други гебелистички куќи за да ги лажат и понижуваат. Тие гледаат дека нечии деца возат луди коли, а самите водат залуден живот. Тие гледаат како нечии деца за една ноќ трошат повеќе отколку тие за цел живот. Тие гледаат дека треба да гладуваат милиони усти за да јадат неколку усти. Гледаат дека нечии деца не знаат што со парите додека нивните врсници не знаат што со животот! Бројни млади се принудени безнадежно да талкаат по лажни патишта барајќи вистинска иднина. Чувствуваат дека лажното минато им ја уништува среќната иднина. Сфатиле дека тој што ја сака ваквата власт не се сака себеси, ниту својот живот. Во Тетово, на еден оглас во некој маркет за 10 чистачи и продавачи, се пријавија 200 дипломирани!!!
Напишете за власта која нема капацитет да разбере што значи чесност и одговорност. За луѓето што газат по нашите животи кои не можат да разберат дека животот ни возвраќа тоа што ние им даваме на другите. И на крај,сите ние треба да разбереме дека ако сакаме да го промениме животот прво треба да ги промениме вредностите. Многумина од нас се лажевме, додека власта сееше зло, мислевме дека злото токму нас ќе не избегне. Сега почнаа да ронат солзи и тие кои на злото долго време му се радуваа и му пееле песни. А вие владини мегафони сè уште мислите дека криењето на вистината е најголем успех во новинарството. Но, најтешката победа е победата над себе.
Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот