Денешна дата
02/07/2022

Канцероген азбест наместо на отпад, завршува на ниви

Општините без посебни места за селекција и складирање на азбестниот отпад. Обичните граѓани го фрлаат заедно со обичниот комунален отпад, несвесно изложувајќи се на ризик од вдишување на азбестната прашина и честици кои предизвикуваат канцер

Автор: Иванка Спировска-Зивосовска

 

Две дечиња си играат држејќи во рацете мали сиви искршени парчиња од кровот кој неодамна го смениле на зградата каде живеат. Со рацете ги кршеа парчињата од покривот фрлен во купот ѓубре, каде локалните жители со текот на времето се навикнале да го фрлаат и другиот смет, во кој може да се види се и сешто. Навидум наивната детска игра го занемарува фактот дека она што го држат во рацете не е детска играчка, туку канцерогени парчиња од азбестни плочи кои во Европа се уште одамна забранети.

IMG_0586

Училишта, градинки, општински згради, па дури и цели населби во државава се покриени со штетните азбестни површини за кои никој не сака да се прогласи за надлежен. Ниту една државна институција не знае колку точно површини се покриени со азбест или пак каде се е вграден овој материјал. Реткост се и фирмите кои би требало да се справуваат со овој отпад на посебен начин бидејќи неговото вдишување е со кобни последици. Официјалната бројка зборува дека годишно, од канцер поради изложеност на азбест се лекуваат десетина луѓе, кои се пријавени во дел од институциите. Иако, се проценува дека бројката е поголема и поради фактот што канцерогениот азбест убива полека, со години.

Свети Николе е една од општините, чии граѓани се плашат да пијат од водата од локалниот водовод поради азбестните цевки, што жителите го поврзуваат со растечкиот број на заболени од канцер. Ја посетивме општината со цел да прашаме кое е мислењето на надлежните во врска со ова прашање и дали имаат информации каде се има материјали од азбест во нивната општина, како и каде се отстранува. Официјално, претставниците од општината тврдеа дека нема никаква опасност за граѓаните од водата, но официјалното лице со кое разговаравме ни призна дека лично тој ја купува водата. И официјално се обративме до општината, од каде ни одговорија дека имаат објекти низ целата општина кои се покриени со азбестни материјали, меѓу кои пошта, училиште и многу други помошни објекти. Но, на прашањето каде се отстранува отпадот од азбест, одговорот беше навистина запрепастувачки:

“Отпадот се префрла од објект на објект, се отстранува од градот и се префрла на помошни објекти во периферијата или на објекти во сопствените ниви”, велат од општина Свети Николе. Азбестот, според нив, го отстрануваат самите сопственици без никаква заштитна опрема. Иако, според законската регулатива има точно пропишан начин како се отстрануваат азбестните површини, кои, инаку треба да ги отстранува специјализирана фирма за таа намена, чии работници треба да работат со посебна опрема.

IMAG0143

Побаравме информации од  општините дали имаат информации за присуството на азбестните површини и дали имаат воспоставен систем за управување со азбестот и отпадот од азбест. Најголем дел од поголемите општини немаа никакви податоци за јавните установи, ниту пак, за индивидуалните живеалишта на жителите во кои има азбестни површини. Истражувајќи ја проблематиката со азбест, дојдовме до сознанија дека дури цели населби во некои општини се покриени со азбест. Никој ниту се грижи на кој начин се отстранува азбестот од страна на обичниот граѓанин, ниту пак, каде се одложува.

Ниедна Општина нема посебни места за селекција и складирање на азбестниот отпад.

Најчесто, незнаејќи, обичните граѓани го фрлаат заедно со обичниот комунален отпад, несвесно изложувајќи се на ризик од вдишување на азбестната прашина и честици кои предизвикуваат низа заболувања, меѓу кои и канцер.

Министерството за животна средина и просторно планирање нема податоци за количините на вграден материјал од азбест, од каде велат дека тоа не е во нивна надлежност. Ваквото тврдење е сосема спротивно од ставот на општините кои го посочија токму министерството дека е надлежно за состојбата со присуството на азбест во јавните институции.

Според Законот за управување со отпадот, отпадот што содржи и ослободува азбестни честици, влакна или азбестен прав може да се складира и да се отстранува на места предвидени исклучиво за таа намена, како и да биде одделен од другите видови отпад, селектиран и соодветно спакуван. Ваква дозвола од ресорното министерство има само депонијата Дрисла. Според податоците од депонијата, во првите 10 месеци од годинава се отстраниле скоро дупло повеќе азбестни површини во споредба со 2013 година. Но, дали ова зборува дека свеста на граѓаните и институциите за ризикот од азбест е зголемена?

 

Примени и складирани количини на отпад кој содржи азбестни компоненти во депонија Дрисла во период од 2011 до 2013 година
година количина ( тон )
2011 51,26
2012 46,34
2013 76,16
2014 (до 1 ноември) 111,22

 

Експертите велат дека азбестот сам по себе не е опасен, доколку не е оштетен. Проблемот настанува на пример, при кршење на површините каде е вграден бидејќи тогаш честичките се разнесуваат со ветер и можат да бидат кобни за луѓето ако се вдишат.

Според информациите од Клиниката за пулмологија годишно се дијагностицираат 7-10 нови случаеви на канцер како резултат на изложеност од азбест. Додека, околу 90 % од сите видови на канцер (мезотериуми) кај мажите и оклоу 50% од видовите канцер (мезиториумите) кај жените се должат на професионална изложеност на азбест.

Jordan Minov, pulmolog

Јордан Минов

 

Пулмологот Јордан Минов од Институт за медицина на трудот – СЗО Колаборативниот  центар вели дека Македонија има легислатива за Заштита на вработените од влијание на азбестот. Таа е  хармонизирана  со легислативата на Европската Унија и  ги покрива сите подрачја за професионална заштита.

„Работниците кои се изложени на влијанието од азбест, согласно легислативата, бараат превентивни прегледи и истите се применуваат во Центарот за медицина на трудот. Но, немаме информации што е со професионалната изложеност на влијанието од азбестот кај малите градежни фирми, како и кај обичниот граѓанин кои најчесто сами го отстрануваат азбестот при реновирање и рушење, непрофесионално и без лична заштитна опрема“, вели професорот Минов. Тој додава дека токму тука треба да се обрне внимание на превентивната заштита, како и зголемување на свеста преку поголема информираност.

Општина Карпош е една од ретките општини кои се активни во поглед на справувањето со азбест.  Голем дел од азбестните површини на училишта и градинки во општината се заменети со други побезбедни материјали. Азбестот го отстрануваат специјализирани фирми, велат оттаму. Но, и оваа општина како и во многу други кои ги консултиравме нема план, ниту систем за справување со азбестот.

Општина Битола вели дека нема евиденција за опасниот азбест и упатува на Министерството за животна средина. Општина Прилеп нема податок колку површини кај нив се со азбест, ниту пак кој или како го отстранува. И Општина Струмица нема информации за азбестниот вграден материјал во какви било површини, а до сега не отстранувале отпад, ниту пак, имаат посебна депонија за ваков вид отпад. Општината нема план за управување со азбестот. Посебен систем за справување со ваков вид отпад нема ниту општина Неготино, каде две градинки се покриени со салонит табли кои содржат азбест, како и подрачните училишта во селата Криволак и Пепелиште. И во општина Штип основни и средни училишта се покриени со абзестни плочи, иако општината нема информации за тоа колку точно површини се покриени со вакво градежен материјал. Не знаат ниту кој и како го отстранува овој опасен отпад, ниту пак општината има воспоставено план или систем за справување во опасниот отпад.

За разлика од нив, општина Чаир, во детали опишува колку азбестни површини досега смениле од јавни установи. Како што наведуваат во нивниот одговор, на теријаторија на општина Чаир досега се сменети 6.700 метри квадратни азбестен кров од училишта, а во план е за идниот период да се замени кровот на преостанатите три училишта на територија на општината.

Азбестот не се разградува, туку полека убива

Во зависност од степенот на поврзаноста на азбестот во производот или материјалот и од степенот на нарушување, микроскопските азбестни влакна се ослободуваат во воздухот во мали или големи квантитети. Кога овие влакна се вдишуваат, тие може да влезат во белите дробови и да останат таму многу години. Врз основа на нивната постојаност и игличната структура, азбестните влакна што ќе се наталожат во белите дробови, веќе не можат да се разградат.

Работниците кои вдишуваат прашина при разурнувања или реновирање и замена на азбестни материјали (доколку се кршливи) може да бидат изложени на ризик за рак на белите дробови, мезотелиум, азбестоза, болест која предизвикува лузни и заострување на белите дробови. Азбестозата е неизлечива болест на белите дробови, чии причинители се микроскопските честички на азбест. По вдишување на штетните честички, болеста може да се појави дури по десет години и поради тоа тешко е веднаш да се открие дали некој боледува од азбестоза. Симптомите на болеста се манифестираат со тешко дишење, кашлање, бронхитис,  а по долгогодишно воспаление настапува смрт.

Времето меѓу изложеноста на азбест и првите знаци на болеста може да биде и 30 години.

Општина Охрид, пак, планира во следниот период да замени дел од водоводните азбестни цевки, како и дел од кровните конструкции на училиштата. Оттаму се повикуваат на Законот за управување со отпад и тврдат дека во надлежност на општините е само комуналниот, додека за опасниот отпад се грижи ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање.

Во општината Бутел азбестот е присутен во кровните конструкции на градинки и ушилиштса. Станува збор за 15.000 метри квадратни. Досега се отстранети 6.000 квадратни метри. Општината најавува дека идната година за нив е „година за образованието кога ќе преземат големи градежни активности“.

По иницијатива на Светската Здравствена Организација и Македонија е потписник на Пармската декларација. Согласно ова, Македонија има обврска до крајот на 2015 година да изработи и усвои Национална програма „Национална програма за елиминирање на болести од азбест “.

Дали  Македонија ќе успее во временскиот рок да го  усвои Профилот и врз основа на истиот да изработи Национална програма како стратешки документ останува да се види.

Штетноста на азбестот утврдена уште во 70 тите години на минатиот век

 

Првите докажани резултати дека азбестот е штетен по здравјето се појавиле во седумдесетите години на минатиот век. Од тогаш голем број европски земји откако ги увиделе здравствените проблеми предизвикани од азбест започнале со донесување на закони за ограничување и забрана на производството и прометот на азбест. Скандинавските земји први ја забраниле употребата, додека пак последните неколку години речиси и да нема европска земја што може да произведе или тргува со производи од азбест.

Најголем производител и извозник на азбест е Русија која заедно со Кина и Индија кои продолжуваат непречено да ги користат производите од азбест во секојдневните процеси посебно во градежништвото. При дејности со продукти кои содржат азбест, од основно значење е да се води сметка, да се превземат сите потребни и специјални мерки за заштита за лицата , посебно кога се отстранува материјал од  азбест, кога  се кршат материјали што содржат азбест (ставање или демонтирање на покриви, фасадни облоги, подни подлоги или плочки со смеси за пополнување) како и при демонтажа на градежни елементи кои се во контакт азбестот.

Пред отпочнување на било какви активности, потребно е да се изврши  едукација на вработените кои ќе бидат во контакт со азбестот.  При тоа посебно внимание треба да се обрне на својствата на азбестот и последиците по здравјето , употреба на  заштитна опрема,  посебно употреба на респираторната опрема, деконтаминација, отстранување на отпад и  медицински надзор.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство“.)