Денешна дата
21/03/2023

Нови избори, слични забелешки

Исто како и на минатите избори и на овие мисијата на ОБСЕ/ОДИХР забележа мешање на партиските и владините активности

Во првичниот  извештај на ОБСЕ/ОДИХР  за гласањето од првиот круг претстедателски избори се наведува дека основните слободи биле почитувани, изборите биле ефикасно администрирани, а кандидатите можеле слободно  да ја водат кампањата. Сепак тие забележуваат дека пристрасното и небалансирано известување на медиумите и неподеленоста на државните и партиските активности создаде небаларансиран терен за изборниот процес.

И покрај големиот број медиуми, многумина со кои набљудувачите разговараа тврдат дека постои индиректна контрола врз медиумите од страна на владејачката партија преку владиното доминирање на рекламниот пазар. Постои недостаток од политичка анализа и независно информирање, а јавниот сервис не успеа да обезбеди балансирано покривање– наведуваат набљудувачите.

OBSE izbori prv krug pretsedatel (4)

Постои недостаток од политичка анализа и независно информирање

Од шефот на набљудувачите Герт Аренс на денешната прес конференција не се слушнаа квалификации како фер и демократски избори. Запрашан зошто е тоа така тој  одговори дека не ги оценуваат изборите како „црно – бели“ и оти конечната оценка за изборите ќе ја дадат по завршувањето на вториот круг.

Портпаролот на Европската комисија Петар Стано пак се огради од конкретен коментар. За државната агенција МИА тој рече дека следеле одблиску што се случува, но оти официјално ќе коментираат по вториот круг и финалниот извештај на мисијата на   ОБСЕ/ОДИХР.

Мастило, агитации, притисоци

Од граѓанската асоцијација МОСТ соопштија дека изборите биле мирни со изолирани тензични ситуации. Претседателот на асоцијацијата Дарко Алексов оцени дека тоа што видливото мастило лесно се острануваше имаше влијание врз довербата на гласачите во изборниот процес.

И на овие избори беше присутна практиката избирачките одбори на глас да ги читаат имињата на гласачите и покрај тоа што на обуките на изборната администрација беше назначено дека ваквата практика е неприфатлива. Иако ова не претставува прекршување на законот, сепак оваа практика е форма на индиректен притисок врз гласачите. Пред објектите на одреден дел од гласачките места беа забележани лица кои ги евидентираа граѓаните кои гласаа, ова, исто така, е притисок врз гласачите– соопшти Алексов.

Вчера во текот на изборниот ден имаше и јавувања за тензична атмосфера во Шуто Оризари, човек со повеќе лични карти, поткуп и уцени на гласачи.

Darko Aleksov Most (6)

Дарко Алексов – Мост

Од невладините Цивил и Хелсиншки комитет за човекови права пак соопштија дека имало агитации и притисоци. Според нивните набљудувачи имало семејно и групно гласање, проблеми во однесувањето на членовите на изборните комисии, на избирачките места, кршење на изборниот молк.

Тешко да се оцени влијанието

Според Тито Петковски кој беше кандидат за претседател во 1999 година, а од скоро не е активен политичар, оцената дали неправилностите имаат влијание врз крајниот резултат  зависи од тоа  како се гледа на нив.

Ако се гледаат како изолирани случаи веројатно и немаат силно влијание врз конечниот резултат. Но, тоа се само детектирани случаи во јавноста , таквата практика масовно се применува и затоа мислам дека има сериозно влијание-вели Петковски.

Според професорот Јове Кекеновски кој не успеа да ја помине партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ и директно да влезе во трката за претседател, разликата меѓу двајцата кандидати е многу голема за да може да им се припише на нерегуларностите.

Нерегуларностите придонесуваат за извесен број гласови, но не и за ваква голема разлика меѓу двајцата кандидати. Сега треба да реагираат институциите на системот за да се спречат нерегуларностите и понатаму.

Кекеновски вели дека е жално што ниту измените на Изборниот законик не ги надминаа проблемите со регистрирани нерелгуларности на гласањето.

Уредник: Тамара Чаусидис

dimeska@inbox7.mk