Денешна дата
26/06/2022

Се откриваат нови сведоци за злоупотреби во „Лепеза“, норвешката амбасада проверува

Војникот Илија Тодев го повикува Министерството за одбрана да го преиспита работењето во „Лепеза“, пред се во делот на обуките за професионалните војници, и евентуално ако испливаат на површина какви било злоупотреби на норвешката донација да бидат преземени соодветни мерки и санкции против инволвираните лица. Случајот го проверува и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград

автор: Стојанка Митреска

 

Војникот Илија Тодев од Велес кој нема возачка довола, ниту пак било кога полагал во која било авто – школа во земјава и пошироко, тврди дека се нашол на списокот на војници кои добиле возачка дозвола  преку „Лепеза“,.

Спротивно на случајот со Тодев, Инбокс 7 пред извесно време објави сторија за  војникот – Зоран Карадаковски од Велес, исто така поранешен скорпион, кој тврдеше дека посетувал часови организирани преку програмата „Лепеза“ за да добие лиценца за обезбедување, но дека тоа подоцна бил принуден лиценцата за обезбедување да  си ја плати од свој џеб.

„Лепеза“ е програма на Министерството за одбрана (МО) за преквалификација на воениот кадар, финансиски и стручно поддржана од Кралството Норвешка. МО со норвешката помош и поддршка веќе осум години уште во времето кога ресорот одбрана го водеше Лазе Еленовски ја спроведува транзицијата на припаднците на Армијата на Република Македонија, кои по истекот на договорите се принудени да ја напуштат армијата, и да почнат нова кариера како цивилни лица. Обуката се спроведува во три центри во Македонија – Скопје, Кичево и Штип. Војникот Тодев, како поранешен припадник на армиските „Скорпиони“во 2011 година ја посетувал „Лепеза“ во центарот во Штип. Тоа е периодот кога според тогашната законска регулатива од АРМ беа отпуштени 120 професионални војници со наполнети 38 години. Подоцна, во февруари 2012 беа направени промени во Законот за служба во АРМ, според кои војниците остануваат на работа во армијата до 45 годишна возраст. Во таа тешка и тегобна година за отпуштените војници оставени во голата егзистенција, некои од нив решаваат да си ја пробаат среќата во „Лепеза“.

Меѓу нив е и Илија Тодев кој, како што вели, ако не дошол во ситуација да се соочи со одговорните за спроведување на возачкиот испит под закрила на „Лепеза“, со намера да побара промена во обуката на категоријата за возач, немало ни да открие што му се слуќило во заднина и какво изненадување го очекува – се нашол на списокот на војници кои ја завршиле обуката и кои требало да добијат возачка дозвола.

ilija todev  „ Кога дојдов во Скопје, се обратив кај старешина со чин во касарната Гоце Делчев, за да ми помогне да направам промена на категоријата за возач.  Уште немав почнато со обуката во авто – школата во Велес, која требаше да ни ја платат преку „Лепеза“.Старепината со чин многу арогантно ми одговори: „Што бараш сега од нас, кога ти веќе имаш добиено возачка дозвола“. Со кого си играш мајтап?“. Нервозно од фиоката извади документ на кој стоеше моето име“, сведочи Тодев и тврди дека на списокот што му бил покажан стоеле имиња на војници со завршена обука за возачка дозвола.

Потоа, тој, заедно со старешината заминал во АМСМ, за да се сретнат со одговорната за спроведување на обуките на кандидатите за возачка дозвола.

Со свои очи го видов договорот со „Лепеза“ со мое име и презиме. Имаше и мој потпис. Се стаписав. Како е можно тоа, кога никогаш претходно не бев полагал за возачка дозвола. Јас и ден денеска немам возачка дозвола. Ниту, пак, докрај ги искористив поволностите што ми се нудеа преку „Лепеза“. Неколку пати бев на предавањата што се организираа во касарната во Штип. Но, од тоа буквално ништо не можев да искористам во ситуацијата во која се најдов “, сведочи Тодев.

Непријатната атмосфера, како што тврди војникот Тодев, во канцеларијата на одговорната во АМСМ ја прекинало военото лице со ред прашања:„Зарем е ова вистина“? Како е можно ова“?, по што добил уверување од одговорната од АМСМ дека ќе бидат направени сите потребни проверки, со констатација дека мора е некаква грешка.

После непријатната случка во Скопје, Тодев се вратил во Велес, без некоја надеж дека, кога било ќе може да го оствари правото на обука за возачка дозвола, затоа што како невработен и како примател на социјална помош од 2.200 денари не бил во состојба на своја рака да ги преземе давачките за дозволата.

И пред да ми се случи ова, слушав секакви коменатри за „Лепеза“ од мои колеги, но после ова се уверив дека проектот е само една добро смислена приказна, која треба да ги увери војниците дека државата, сепак не им е маќеа, туку татковина која се грижи за нив и по истекување на договорите и која прави се воениот кадар да не остане на улица. Идејата за проектот е добра и потребна, но реализацијата е многу лошо скроена и затоа решив да проговорам за мојот случај, зошто не знам дали тоа беше нечија грешка или нечиј обид за криминално работење. Ако е ова обид за криминално работење, тогаш ги повикувам првите луѓе на Министерството за одбрана да го испитат случајот и да преземат соодветни мерки доколку се докаже дека имало злоупотреби во „Лепеза“, вели Тодев.

 Тој го повикува Министерството за одбрана да го преиспита работењето во „Лепеза“, пред се во делот на обуките за професионалните војници, и евентуално ако испливаат на површина какви било злоупотреби на норвешката донација да бидат преземени соодветни мерки и санкции против инволвираните лица. Ваквиот повик на  гласноговорникот на отпуштените професионални војници Илија Тодев е предизвикан, како што вели, поради непријатното искуство и неоснованите обвинувања што му биле упатени од одговорно лице во „Лепеза“ дека ги искористил поволностите на оваа програма, дека потпишал договор за обука за возачки испит, дека си поигрува со старешинскиот кадар, иако како што вели Тодев, никогаш претходно не ставил свој потпис на каков било документ поврзан со „Лепеза“. Ги злоупотребува ли некој поволностите наменети за курсистите во „Лепеза“, кој се потпишал во мое име и зошто бев јас обвинет за дело кое не сум го сторил“ ?, прашува Тодев.

Одговор на сите отворени прашања за случајот на Тодев побаравме од Министерството за одбрана кое повикуваjќи се на известувањето од АМСМ кој бил задолжен за спроведување на обуката вели дека Илија Тодев ја завршил обуката, која всушност не ја ни почнал.

Одговорот од Министерството за одбрана ви го приложуваме во целост:

„Поранешниот професионален војник Илија Тодев, достави барање за вклучување во Програмата ЛЕПЕЗА во месец февруари 2011 година, кога со истиот е реализиран прв поединечен разговор. По тродневнииот транзициски семинар во Центарот за транзиција во Штип (15.03. – 18.03.2011 год.) Тодев достави Барање за реализација на стручно оспособување за цивилна професија, за полагање за „Б“ категорија. И покрај советите од стручните лица за враќање во цивилен живот лицето да избере друга обука која ќе му овозможи побрзо вработување во цивилство, Тодев инсистираше на избраната обука за „Б“ категорија, со аргумент дека сака професионално да се бави како такси возач.

Врз основа на неговото барање, на ден 28.04. 2011 година Илија Тодев има потпишано Договор за стручно оспособување за цивилна професија – Обука за автосообраќајна струка, заради добивање на возачка дозвола за управување на моторно возило од „Б“ категорија.

Со членот 4 од Договорот за стручно оспособување за цивилна професија уредена е обврската на Министерството за одбрана, на лицето за транзиција (Илија Тодев) да му ги надомести трошоците за стручното оспособување, додека со членот 9 уредено е дека лицето за транзиција (Илија Тодев) се обврзува да го положи испитот предвиден со програмата за стручно оспособување и доколку не успее да го положи испитот од прв пат, сите дополнителни трошоци за второ и секое наредно полагање ги обезбедува само. Во врска со одредбата од член 9 од Договорот, Илија Тодев не достави никакво известување, ниту барање, ниту пак приговор во врска со реализацијата на Договорот. Во групата за обука за возачи беа вклучени уште 22 професионални војници, кои успешно ја завршија обуката.

По завршетокот на обуката, на ден 11.07.2011 година добивме известување од АМСМ дека Илија Тодев ја завршил обуката.

Работниот однос му завршил на ден 29.07.2011 година со навршување на 38 години возраст. Од наведеното може да се заклучи дека Министерството за одбрана му ги обезбедило сите права кои му произлегуваат од Законот за служба во АРМ, а се однесуваат на подготовката за враќање во цивилен живот. Согласно измените на Законот за служба во АРМ од 06.02.2014 година, Илија Тодев потпиша Договор за вработување во Министерството за одбрана“.

Откако Инбокс 7 почна да го истражува случајот на Тодев и откако побаравме одговор од Министерството за одбрана, наспроти тврдењето на одговорните дека Тодев ја завршил обуката, се огласи автошколата од Велес „Тила“, во која требало да се спроведе обуката за возачка дозвола.

Сопственикот на велешката авто – школа Илија Капчев вели дека во допис од АМСМ со број 03 -12 од 9 јануари 2015 година (четири години откако Тодев, според тврдењето на МО, ја завршил обуката,) било побарано од него да каже до каде е реализацијата на обуката на војникот Тодев што многу го изненадило. Во дописот (Барање на информација за обука на кандидат) испратен на 3 јануари 2015 година АМСМ, како што тврди Капчев, вели дека од АМСМ, односно од МО и од Кралството Норвешка во ноември 2012 година биле уплатени средства за обуката за Б – категорија на војникот и поради тоа бараат информација дали Тодев ја завршил обуката. Капчев го тврди спротивното – „дека била уплатена само симболична првична сума од 14.000 денари “.

Дописот од Капчев до АМСМ ви го приложуваме во целост:

„ Прво ме изненадува фактот дека Вие сте потпишале некој си договор со Министерството за одбрана РМ за кој што јас воопшто не сум запознаен, а мислам дека нема потреба бидејѓи ни јас со Вас, исто така немам склучено никаков договор, ниту пак знам по која основа Вие како АМСМ, МО на РМ и Министерство за одбрана на Кралство Норвешка му платија дел од обуката за возачка дозвола на г. Илија Тодев. Во целата оваа наводна релација за која мислите дека е дојдена до некои конечни резултати, освен Вашиот телефонски разговор и симболична пвична уплата од 14.000 денари, не се случи ништо друго.

Г. Илија Тодев нема добиено возачка дозвола бидејќи Вие не го упалтивте целиот износ и навистина ме зачудува Вашиот допис со кој барате да Ве известам дека односниот господин ги завршил сите потребни дејствија за да добие возачка дозвола. Уште еднаш напоменувам дека господинот Илија Тодев нема добиено возачка дозвола за Б категорија бидејќи прекинавте со уплатите на потребните средства за да истата обука биде доведена до крај.“

Според Независниот синдикат на отпуштените професионални војници случаите на Тодев и на Карадаковски не се единствени и поради тоа најавуваат дека оштетените преку тужби и на суд ќе бараат исправање на неправдата.

Во нашето истражување, одговори за двата случаи побаравме и од донаторот – Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград за Инбокс 7 најави дека откако ќе направат проверка во постарата документација со оглед на тоа што станува збор за случај од пред неколку години ќе ни ги испратат потребните одговори.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)