Денешна дата
28/11/2022

Ако странците не бдеат врз државава таа одамна ќе ни отидеше јабана

Клучните партиски фактори уште не најдоа за умно барем малку да се европизираат. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не го напуштаат примитивизмот во меѓусебната комуникација дури и кога теми се највиталните државни интереси

Пишува: Зоран Иванов

Сега целата јавност, сите медиуми и целиот овдешен терен на социјалните мрежи брмчат за итроштината на Груевски и за поразот на институциите. За неговото бегство ќе нема одговорни. Ниту ќе има крупни оставки ниту крупни чистки. Затоа пак ќе има компромиси на штета на правната држава. Промотори пак ќе бидат двете доминантни политички партии. Нивните двеиполдецениски меѓусебни подметнувања и кавги и досега беа извориштата на семакедонското континуирано стагнирање во секој поглед.

Кризите, политичките кризи ни станаа национален континуитет, препознатливост, автентичност, белег, државен имиџ. Во изминативе повеќе од две и пол децении нивен главен промотор, ако се изземат меѓуетничките инциденти, без исклучок се двете доминантни политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

 

Државотворниот романтизам на меѓупартиското џентлменство им заврши далечната `93-тата со нивниот прв поголем меѓусебен конфликт. Темата за првата поголема кавга им беше референцата ФИРОМ. Оттогаш, значи набрзо по првите парламентарни избори во 1990-та година одржани во се уште романтичарскиот амбиент на осамостојувањето, партиите почнаа да си ги одмеруваат мускулите и едните спрема другите нагласено да ја манифестираат својата нетрпеливост и агресивност.

Двата партиски субјекта, главните управувачи со Македонија, до денешен ден ништо трајно капитално не испланираа и не реализираа единствени. Ниту, пат, пруга, школо, болница, здрави институции, независно судство. Ништо покрупно едногласно не сторија за државата и за граѓаните. Освен што произведуваат кавги со кои, како некаква забава за народ, ги  компензираат сиромаштијата и стагнирањето на земјата. Практично ништо особено и вонредно добро што хронологијата би го забележала како нивен позначаен заеднички влог во нашиот сеопшт просперитет.

Таквата практика еве се влече до денешни дни. Двеипол децении не слушнавме ниту од едните ниту од другите да си разменат барем по една фалба за било каква добро завршена работа за државата и нејзините граѓани. Ниту гест поддршка едната спрема другата за било што. Дури и нивните програмски заложби за евроатланските интеграции се туркаат исклучиво преку директната помош однадвор. Практично ништо без странците, без помирувачките посредувања на меѓународна заедница. Без оглед на нивните мотиви, излегува дека е таа повеќе заинтересирана за нашите стратегиски цели отколку се тоа нашите политички водства. Но, странските дипломати, за жал, ги нема на македонскиот избирачки список.

И додека двата доминантни македонски политички фактори, секој засебно, себично си ги бркаат сопствениот партиски интереси, другите земји од регионов со исто така идејно спротивставени политички гледања на нивните партии кои се менуваат на власт, забрзано бележат прогрес. А само пред една декада во регионов бевме речиси пред сите. Бевме, ама сега, евидентираат статистиките, по сите основи како што се економските, технолошките, инвестициските, социјалните, правните, сме зад сите. Не претркаа и Романија и Бугарија и Албанија и Црна Гора. Па ако е некаква утеха, некаква бедна утеха, засега зад нас заостанува уште само Косово.

Но ним, на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и овие факти како да не им пречат и натаму да си ја негуваат меѓусебната агресивност. Откако се на политичката сцена од почетокот на македонскиот плурализам, взаемниот кавгаџиски арсенал им е патриоти, предавници, гангстери, криминалци. А, излегува, нивните мотиви се само гола борба за власт, за доминација врз институциите. Најсвежите конфликти кои со несмален интензитет траат во континуитет, датираат од крајот на 2012-та. Тогашната опозиција СДСМ, за да не продолжи да го блокира усвојувањето на буџетот, физички како партал беше исфрлена од парламентот од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.  И тогаш пак европската и американската дипломатија скокнаа да ги смируваат нашите раскарани партиски елити. Средби, интервенции, убедувања, ургенции. Медијации за државава да обезбеди каков таков меѓупартиски дијалог и барам колку толку посамостојно да профункционираат институциите.

Непосредно потоа пукнаа „бомбите“, се обелоденија прислушуваните разговори. Тие до самата срж го разголија обемот на корупцијата. Ја разоткрија беспримерната безгранична алчност на власта предводена од партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ. Во тие 2015-та и 2016-та на македонската политичка сцена никна нов, уште пораспламтен меѓупартиски судир. Реприза на кавги и меѓусебни обвинувања пожестоки од кога било порано. Амбиент на нова државна криза, уште подлабока и понеизвесна. И пак самите ништо. И пак странците, пак меѓународни посредништва и повторно притисоци од влијателните странски центри.  Нивните напори резултираа со помирувачки пржински договори во низа. Креираа привидни компромиси и ново соочување со граѓаните.

И по нив, по ланските избори пак нови меѓупартиски конфликти испровоцирани од речиси нерешениот изборен скор. Епилогот е ланскиот 27-мо априлски крвав четврток.  ВМРО-ДПМНЕ не можеше да се помири со опозицискиот статус, со фактот дека повеќе не е сопственик на институциите и на државниот буџет. Очекувано, странците и овојпат по дома ни ги метеа остатоците од силеџиските партиски манири. И сега, и во овој актуелен период со договорот со Грција, пак истото. Пак со странците. Без нив ниту преспанскиот ќе беше, ниту амандмани ќе имаше, ниту квалификувано мнозинство во собранието.

На истекот на третата деценија од меѓупартиските битки во континуитет, двете моќни политички сили, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, и натаму се однесуваат како амазонски племиња. Тие, со нивните перманентни меѓусебни конфликти, продолжуваат да ги малтретираат сиротите странци вчудовидени колкави се нашите капацитети за самодеградирање и колку ни е неопходна нивната енергија постојано да не` извлекуваат од сопствениот примитивизам. Двете водечки политички партии се уште не најдоа за умно барем малку да се европеизираат. Дури ни ова сегашно „постпреспанско“ време не им е доволен мотив разумно да се посветат на дофатливите интеграции.

Најсвежиот бран препукувања меѓи ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ деновиве го предизвика егзилот на експремиерот. Истата приказна. Обвинувајќи се меѓусебе, двата партиски штаба се уште тоа го прават на начин како да се тие институциите. Како партиските централи да им се и полиција и обвинителство и суд. Нивниот ментален склоп ги вообразува дека државата се тие. И по три децении актерство на политичката сцена, како уште ништо да не им говори дека тие подеднакво, неважно дали се во опозиција или се на власт, се  најодговорните за функционирањето на државата.

Ете така, од кавга во кавга и натаму катадневно се креираат нашите автентични кризи. Нашите политички вариетски претстави како оваа последнава со новопечениот Унгарец или Сибирец сеедно. Ниту едната ниту другата доминантна политичка структура не успеаја да изградат сопствени демократски механизми. Во нивниот колективен партиски ментален склоп тие уште не си вградија етички стандарди за својата одговорност спрема граѓаните и државата. Особено да прифатат доктрина на елементарен цивилизациски меѓупартиски дијалог. Да купат барем по нешто од практиките на своите западни европски колеги. За почеток макар елементарен култивиран меѓупартиски дијалог за теми од општите развојни цели на земјава.

Некогаш ќе биде и тоа. Дотогаш да ни се живи и здрави странците кои ревносно ни ја чуваат државава.

Без нив, уште поприлично долго, не ќе нѐ бива.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.