Денешна дата
16/08/2022

ТРАГИКОМЕДИЈА НА ЕДНА ИМПРОВИЗАЦИЈА

Пишува: Бардил ЗАИМИ

 

Импровизацијата останува постојана состојба во Македонија. Обично за судбината на граѓаните одлучуваат политичките елити, кои секогаш се повикуваат на волјата на електоратот. Иако оваа логика останува легитимна, политиката во ниту еден случај не може да се сведува само на „моќ„ која извира од изборите, бидејќи се независните сфери на мислењето тие што ги даваат неопходните вектори на постојаната дебата, која ги шири границите на политичката рецепција.

За жал, во рамките на трајната транзиција, политичкиот живот во Македонија е сведен само во партиски размислувања, преместувајќи го во маргини јавното мислење на оние кои имаат што да кажат. За секоја можна тема зборуваат само претставници од политичките партии и протагонисти на „независното мислење„, кои секогаш се врткаат по партиските седишта во зависност од моќта што ја имаат.

Со тек на време се појавиле наместени „мислители„ кои во име на  општ интерес и на лажен патриотизам го окупирале јавниот простор. Политиката во балканската смисла, освен што им  го обезбедила потребниот простор се погрижила овие „мислители„ на големи прашања кои се совпаѓаат со партиските политики да го најдат потребниот ек негувајќи ја секогаш ароганцијата а не креативноста и давањето на решенија за различни прашања.

И како и секогаш, власта доаѓа и си заминува, а импровизациите остануваат. Импровизирачката логика не ги решава проблемите, таа само ги допира со партискиот снобизам, барајќи секогаш изговори и барајќи ја вината секогаш кај претходната власт. Но што всушност претставува импровизацијата?

Импровизацијата е еден начин на кој луѓето ги гледаат работите што не се компетентни за нив. Начин да се зборува за проблеми без да се има познавање за нив, без да се има идеја за соработка за да се реши проблемот. Политиката на импровизација е највисоката точка на некомпетентност која понекогаш може да се дегенерира во трагикомедија.

Секогаш кога се приближува зимата, вистинскиот проблем на загадувањето на воздухот во Македонија се појавува со сета негова сериозност. Проблем кој е воочен навреме од страна на еколошките здруженија, но досега не се преземени соодветни мерки за спречување и намалување на ова смртоносна “чума”. Дури и во овој сериозен проблем кој, со години, според многу статистички податоци и професионални истражувања, им го одзема животот на луѓето, се појавила импровизациската логика. Пред неколку дена оваа импровизација се појави на гротеска форма. Министерот за здравство, Венко Филипче, апелираше граѓаните да не излегуваат надвор кога има загадување, а препорачал да јадат што повеќе овошје и зеленчук. Според ова логика, луѓето веќе треба да навикнат и да се прилагодуваат со ова состојба, и без оглед на нивниот социјален статус, дали имаат или немаат пари, треба да јадат колку што е можно повеќе овошје и зеленчук.

Најоптимистичкото решение за проблемот со загадувањето значи период од две години. Вака предупредиja владините претставници, кои не заборавиja да истакнат дека ова е наследен проблем. Импровизациите секогаш започнуваат со логиката на наследените проблеми, иако оваа власт вети дека ќе го реши проблемот со загадувањето.

Политичките елити секогаш се подготвени да импровизираат. Дури и во јавната расправа за амандманите на Преспанскиот договор, импровизацијата беше неизбежна. Веќе во јавноста се зборува за контролирана дебата, која не сака да даде многу појаснување за проблемите што се покренаа во меѓувреме. Во меѓувреме „предавања држеа„ владините претставници заедно со јавните “елитни мислители„ а и по некои партиски меурчиња кои во суштина не можат да ги надминат “директивите” и слоганите.

Импровизацијата несомнено имплицира “пакт” на елитите за одредени проблеми, кои се однапред пакетирани и кои треба да се пласираат во јавност, без оглед на реалностите што треба политички да се третираат со поголема одговорност и друг хоризонт на очекувања.

Сепак, се чини дека многу е далечна аргументираната дебатата и со компетенции. Се чини дека сè уште е далеку независното и непристрасното размислување кое има за цел долгорочна кохезија во државата и сеопфатна перспектива за сите граѓани, без оглед на нивната политичка, етничка и верска припадност. Импровизациите на политичките „елити„ остануваат за привремена употреба, додека на Македонија и требаат добри политики, кои ќе ја стават во шините на европскиот концепт. Импровизацијата може да се надмине само давајќи им поголем простор и глас на маргините, таму каде што се формира објективното мислење во согласност со реалноста во државата.

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.