Денешна дата
08/08/2022

НЕМИРОТ НА АХМЕТИ ПРЕДИЗВИКА НЕМИР ВО ЈАВНОСТА

  • Што значи оваа порака и кому му е упатена? Дали на премиерот Зоран Заев кој постојано јавно говори дека нема да се меша во судството, па сега од него Ахмети бара да направи прагматичен чекор со цел да се обезбеди потребното мнозинство и со најавената амнестија да ги опфати и оние кои ќе му бидат потребни за обезбедување за гласањето на уставните амандмани. Дали лидерот на ДУИ е директно загрижен и погоден од притворањето на Мијалков кој се уште важи за влијателна личност во многу структури?
  • Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани вели дека поранешниот директор на УБК Мијалков се уште ги држи конците со одредени структури во ВМРО ДПМНЕ, но и се уште има влијание и во ДУИ.

 

Пишува: Светлана Унковска

Процесот на уставните измени влегува во финална фаза откако заврши јавната дебата по амандманите, а конечното гласање  за нив се очекува да биде на 15 јануари идната година. За нивно донесување потребно е двотретинско мнозинство, кое, како што е познато, беше обезбедено во првата фазата при отворањето на уставните измени со гласовите на осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, но засега се уште останува непознато како тие ќе гласаат овој пат.

 

ДАЛИ МИЈАЛКОВ ОСТАНУВА ЧОВЕК ОД ИНТЕРЕС ЗА ДУИ?

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, во неговото последно интервју дадено за Радио Слободна Европа, изрази стравување околу можните импликации од последните случувања со изречените притвори. Тој рече дека некои настани го загрозуваат процесот кој според него може лесно да биде поткопан и да биде доведено во прашање потребното мнозинство од 80 гласови. Иако не спомена име, несомнено е дека тој алудираше на апсењето на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кого ВМРО-ДПМНЕ јавно го обвини дека ги обезбедил гласовите за отворање на процесот на уставните промени. На Мијалков минатата недела му беше одреден нов притвор, овој пат за случајот „Империја“.

„Како да имам еден немир, затоа што ова е еден многу важен процес, се плашам да не се повреди од невниманијата на институциите, да не се создаде јавното мнение дека ова е еден процес кој веќе е затворен и дека е завршен. Овој  процес се уште е во развој и треба сите државни институции, законодавни, институции кои ги спроведуваат законите, да бидат внимателни, да го чуваат од надворешна инфламација, бидејќи лесно може да се оштети имунитетот на овој процес“, истакна Ахмети.

Што значи оваа порака и кому му е упатена? Дали на премиерот Зоран Заев кој постојано јавно говори дека нема да се меша во судството, па сега од него Ахмети бара да направи прагматичен чекор со цел да се обезбеди потребното мнозинство и со најавената амнестија да ги опфати и оние кои ќе му бидат потребни за обезбедување за гласањето на уставните амандмани. Дали лидерот на ДУИ е директно загрижен и погоден од притворањето на Мијалков кој се уште важи за влијателна личност во многу структури?

 

НА НЕЗАВИСНИТЕ ПРАТЕНИЧКА ГРУПА МОЖЕ ДА ИМ СЕ ПРИКЛУЧАТ И ДРУГИ ПРАТЕНИЦИ

Дел од независните пратеници велат дека веќе е сигурно усвојувањето на уставните измени и потврдуваат дека многу е веројатно за нив да гласаат и уште некои други пратеници. Неофицијално се вели дека е се поизвесно и пратеникот Панчо Минов кој го замрзна своето учество во ВМРО-ДПМНЕ, да ја даде својата поддршка во гласањето за уставните промени што треба да се случи на 15 јануари идната година.

 

РАМАДАНИ: МИЈАЛКОВ СЕ УШТЕ ИМА ВЛИЈАНИЕ ВО ОДРЕДЕНИ СТРУКТУРИ НА ВМРО ДПМНЕ, НО И ВО ДУИ

Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани вели дека поранешниот директор на УБК Мијалков се уште ги држи конците со одредени структури во ВМРО ДПМНЕ, но и се уште има влијание и во ДУИ.

Ахмети веројатно работите ги знае поодблизу, зашто сепак беа партнери и беше очигледно дека Мијалков имаше влијание и кај него и кај раководството на партијата, и се чини дека тој и натаму претставува човек од интерес за ДУИ. Не знам дали се бизнис врски или се работи за нешто друго, но тој останува човек кој во одредени структури на ДУИ веројатно има и влијание“, вели Рамадани.

Тој додава дека она што се шпекулираше дека Мијалков го обезбедил потребното мнозинство во првата фаза на отворањето на процесот на уставните измени останува да биде мислење во јавноста и оттука Ахмети како да упатува апел до институциите да не преземаат некакви дејства кои би можеле да предизвикаат да се случи да се предомисли некој од пратениците.

Тоа е еден апел до институциите да не преземаат некакви дејства кои би можеле да влијаат врз она што значи двотретинско мнозинство, токму поради актуелните судски процеси со настаните на 27 април, но и со продолжувањето на притворот на Мијалков. Сепак сметам дека кога ќе дојде време за финалното гласање за поддршката на уставните амандмани осумтемина пратеници ќе останат на ставот кој го имаа за поддршката, но дека ќе има и некои други пратеници кои ќе се приклучат во гласањето“, уверен е Рамадани.