Денешна дата
21/10/2021

Изборна берза (5): ОБВИНИТЕЛ – „ПОСЛЕДНА БУДАЛА…“

Државниот обвинител, пред Велигден веројатно вапцаше јајца. Среќа е што по изборите Зврлевски не ја славеше победата на ВМРО-ДПМНЕ во друштво со осудениот Амди Бајрам, како во познатата кич прослава и кулинарската полициско-бизнис маса, еден од најгледаните интернет лајкови. Неговиот општински подреден за 1 Мај можеби бил на викенд, зашто во државата ништо битно не се случува, освен избори и само некакви партиски хирови на СДСМ?

Ниту на допрен глас ниту на предадени документи, аферите со „каса прими“и„Македонска банка“ не го нарушија имунолошкиот систем на Обвинителството.Наместо борба со криминалот, воистраги за откривање на вистината за (не)стореното противправно дејство, со јасни кривични постапки и пресуди во „Име на народот“, Зврлевски, комотно и конечно, вербално се огласи. По изборите. За време на кампањата молчеше. Стана категоричен откако до него стигна ехото од врисокот на министерката Јанкуловска. Таа не го дочека ниту прашањето за обвинувањата дека е актер во примањето кеш од сопартиецот Тумбовски, кога, избезумена и неверодостојно, изговори две „НЕ, НЕ!“ Таквиот крик на министерката допре до државниот обвинител кој заклучи дека аферата со донациите за ВМРО-ДПМНЕ не се разгледува зашто се „со низок степен на основано сомнение“.Мега скандалите, вклучувајќи го и случајот Македонска банка што го објави СДСМ, конечно дошле на ред во Обвинителството, но со скроени оценки и без елементарна обработка на индициите. Однапред осудени на ништовност.

Борбата против организираниот криминал станува тривијална. Наместо истрагата да ја насочува Обвинителството, доказите се бараат од поднесителите на супсидијарната тужба. Такватa сугестија стигна од министерката, која во име на приватниот тужител – Премиерот, кажа дека Заев ќе треба да ja докажува веродостојноста на телефонската снимка, во приватна постапка за клевета покрената од Груевски против првиот опозиционер.

Има редица дилеми и прашања. Дали Обвинителството е подготвено, дома или во странство, да изврши графолошко и аудио-вештачење за веродостојноста на потписот и на гласовите во двете афери? Каде се и кој ги има извештаите за одземените предмети од претресот во домот на Тумбовски и дали, како што самиот изјавува, е исчезната потврдата за каса прими, дали тие списи биле составен дел од постапката против него? Кога е распишана интерна или меѓународна потерница за овој осуденик, член на најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ уште од најраната партиска фаза? Може ли да се гарантира дека неговиот сведок, што го најавува, би бил заштитен, како во неколкуте случаи досега кога таков статус имаа и лица со сомнително криминално минато, на што се потпираше и обвинителниот акт и врз чии искази се изречени долги затворски казни? Каде е сега демантот од еден од директорите на Телеком, Ден Дончев, задолжен за неговата продажба. По таа трансакција на деценијата, осамнаа написи за сомнително исчезнување на 20 милиони долари (евра) при трансферот на парите? Тој кадар за сите вмровски партии, чиј глас можете и полунаглув да го препознаете, пишуваше колумни и се јадосуваше од социјалната демагогија и апашлакот на неговите довчерашни партиски истомисленици. Каква е поврзаноста на Смиленски со овие афери, кој така молневито и инкогнито, директно замина од македонските затвори во Виена? Може ли Обвинителот да побара од македонските тајни служби информација (ДБК, АР, ФП) дали актерите во овие предизборни афери се инструментализирани или дел од странските разузнавачки агенции што влијаат врз (не)контролираната дестабилизација на Македонија? Дали нивниот словенечко-хрватски модел со дисквалификација на експремиерите Јанша и Санадер, само се пресликува како заплет на политичката криза во Македонија?

И случајот „Актор“, поврзан со изградбата на автопатот Смоквица – Демир Капија е во предистражна постапка. Сомневањата на опозицијата, која ја покрена аферата, се дека на овој начин се одлеани 3 милиони евра дел од кредитот од Европска банка за обнова и развој.

Најновите законски надлежности му овозможуваат на Обвинителот широк дијапазон на самостојно профилирани истражни дејства и постапки. Во членовите 21 и 22 е утврдено дека „Јавниот обвинител ја насочува работата на овластените лица од МВР и другите државни институции во пронаоѓање на сторителот… должни се да му се достават списи, документи, предмети, известувања…, а во гонењето на организираниот криминал и корупција, Обвинителот има право да бара да му се стават на располагање овластени лица (едно или повеќе) додека трае кривичната постапка…“ Има ли таква иницијатива од обвинителот Зврлевски за доставените или сигнализираните (не)дела? Мислам дека го зафаќа летаргија од неговите претходници.

Во Комората, кај сицилијанската мафија, „Претпријатијата што гидржеле клановите се мешале во урбанистичките планови, се инфилтрирале во локалната здравствена управа, купувале терени на кои се граделе трговски центри. Тие ги одредувале градските слави, имале фирми за одржување на хигиената во јавните установи, обезбедувале превознички услуги… На клановите на Комората не им се потребни политичарите. Системот им е очајнички потребен на политичарите…“ На мафијата ѝ е важно„поважните и медиумски поизложените политички структури да уживаат формален имунитетод соучесништво и врски со криминалот“.

Ова е опис на делокругот на Коза Ностра во романот, ремек-делото ГОМОРА (стр. 67), на младиот италијански писател Роберто Савијани. Нему повеќе не му се знае местото на живеење.

„Верувам дека јас бев последната будала што дојде на таа функција, простете ми на изразот. Следен нема да има“, кажа обвинителот Александар Прчевски. Во своето тестаментално признание, на крајот од својот предвремен мандат, тој призна дека е зависен од власта. Како судија имаше контрола врз најголемата афера со пирамидалната штедилница ТАТ, по што од Црвенковски доби место во Скопје. Прчевски не ја прифати документацијата од привремениот политичар Хари Костов, добиена со следење на текот на парите и актерите во багателната продажба на градежна парцела во центарот на Скопје. Ниту интегративецот и тогашен министер Агрон Буџаку беше пред судот на правдата, ниту неговиот бизнис партнер остана на ветувањата дека ќе соработува со МВР во разоткривање на новата урбана мафија од ДУИ. На Црвенковски му требаа изборните гласови контролирани од Ахмети. На крајот, Костов од „Илинденска“ се врати во Комерцијална банка, обвинителот остана „последната будала“ која тврдеше дека нема дело.

Веројатно, малкумина знаат дека еден oд шестмината досегашни државни обвинители има напишано десетина книги: за егејската голгота, за атентатот врз Глигоров… Толку авторство Ставре Џиков нема врз завршените големи кривични предмети иако покрена обвиненија против воените злосторства на ОНА. Но тој ја состави познатата „Шиндлерова листа“ на 430 сомнителни приватизации и нивните актери. Нивните досиеја никогаш не влегоа во судска постапка, но вмровските влади континуирано ги препрочитуваат пред рекетирањето на дел од бизнис олигархијата, обезвреднувањето на имотот или преземањето на сомнително пропаднатите фирми. И толку од битката со потранзициската корупција и криминал.

Обвинителите останаа клатно во распределбата на националното богатство, со несторување или како поттикнувачи на криминалот и на корупцијата. Толку сомнителни процеси и осуденици се на товар на обвинителите чиј авторитет не го црпат од законот и функцијата, туку од моќта на политичките елити. Второстепените судови вратија серија од сомнително процесирани случаи.

„Апелациските судови не ги уриваат обвиненијата, туку пресудите“. Ова го зборуваше Љупчо Шврговски, кој пополнил повеќе тикет-талони во обложувалниците од напишани и ситематизирани докази во обвинителските настапи. Какво срамно алиби за македонското правосудство?! Веројатно ќе го изучуваат во Академијата за обвинители и судии, но актуелниот Марко Зврлевски не треба да биде предавач. И ораторство му недостига, што е доблест на секој бранител на законот, а не адвокат на политичките елити.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

Лектор: Елена Цуцулоска

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)