Денешна дата
21/10/2021

ОПШТИНИТЕ ПРЕВРАБОТЕНИ, А ГРАЃАНИТЕ НЕЗАДОВОЛНИ ОД УСЛУГИТЕ

  • Неда Малеска Сачмароска од ЦУП обелодени дека бројот на вработени во општините и јавните претпријатија основани од општините расте континуирано во изминатите години.
  • Претставникот на Делегацијата на Европската унија, Фреек Јанмат смета дека сите реформи и реорганизации на јавната администрација имаат за цел, пред се, за да ја подобрат интеракцијата на државата со граѓаните.
  • Аце Коцевски, градоначалник на општина Велес смета дека јавната администрација е премногу партизирана, а вработувањата во истата сеуште се врши не според квалитет, заслуга и знаење, туку според партиска припадност.

 

 

Пишува: Ивана Рамаданова

 

Поголем процент од граѓаните не се задоволни од услужливоста на јавната администрација. Ова се резултатите од анализата направени од Центарот за управување со промени во партнерство со Асоцијацијата за менаџмент консалтинг МКА-2000 и Центарот за истражувачко новинарство СКУП.

 

На денешната конференција за стандарди за добро управување во единиците на локалната самоуправа, беше истакнато дека еден од клучните принципи за добро управување, утврден во насоките на Европската Унија за развој и координација на политиките, е постоење успешно и посветено водство коe своите визии ги преточува во стратегии и планови со што се обезбедува јасен патоказ во спроведувањето на јавните политики.

Овие плански документи треба да ги формулираат приоритетите, да воспостават показатели на резултатите со коишто ќе се мери нивото на остварувањето на целите, како и да ги определат дејствијата и одговорните субјекти/структури за нивно спроведување.

 

Според Неда Малеска Сачмароска, истражувањето покажа дека мал број општини носат Стратешки план на општината, планските документи не се објавуваат доволно, околу 15 проценти од општините изработуваат извештаи за планските документи, не се објавуваат доволно информации за работата на Советот на општините.

 

Се забележува тренд на намалување на граѓанскаа партиципација, околу 12 проценти од општините имаат организациска единица за стратешко планирање, а планските документи не ги содржат сите потребни елементи, истакна Малеска Сачмароска.

Услов за добро управување на локално ниво, според Малеска Сачмароска е постоење професионална, добро организирана и обучена јавна администрација којашто ќе има капацитет да одговори на потребите на грашаните во обем којшто произлегува од надлежностите на единиците на локалната самоуправа.

Бројот на вработени во општините и јавните претпријатија основани од општините расте континуирано во изминатите години. Општините во просек имаат 3 вработени на 1.000 жители, но има општини со 12 вработени, како и општини со близу 1 вработен на 1.000 жители, вели Малеска Сачмароска.

 

Раководителот на Секторот за економски прашања, институционален развој и прекугранична соработка при Делегацијата на Европската Унија, Фреек Јанмат смета дека земјите кандидатки индикатор на националната јавна администрација за земјите кандидати е ефективно да ја имплменетираат легислативата на ЕУ по критериумите кои што Европскиот совет ги има зацртано.

Со овој проект се надеваме дека ќе добиеме повратни информации за тоа како овие принципи се спроведуваат на локално ниво, а имаме интересни резултати од ова набљудување. Сите реформи, реорганизации на јавната администрација се тука пред се за да ја подобрат интеракцијата на државата со граѓаните. Европскиот процес на интеграција во оваа насока ќе биде од интерес за сите засегнати страни, потенцираше Јанмат.

На конференцијата учествуваа градоначалници од неколку општини кои едногласно се согласиј дека дека е потребно повеќе да се работи со општинската администрација.

Аце Коцевски, градоначалник на општина Велес смета дека јавната администрација е премногу партизирана, а вработувањата во истата сеуште се врши не според квалитет, заслуга и знаење, туку според партиска припадност.

Јавните администрации служат како институции кои треба да згрижат што поголем број на партиски заслужни кадри и тоа не доведе во една ситуација да имаме една прегломазна администрација како на државно така и на локално ниво, а во оваа ситуација кога економијата ни е премногу кревка тоа станува многу тежок товар и мислам дека во наредниот перид нашата влада треба многу повеќе да работи на тоа како да се намали бројот на вработените на јавната администрација. Друг проблем е што заради лошата селекција на  јавната администрација секогаш има преголем долг на општините и токму поради тоа градоначалниците мора да направат напори да направат мала, професионална и стручна општинска  администрација која треба да биде темел на општината, вели Коцевски.

 

Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашко Поцков истакна дека многу е важен етничкиот кодекс на однесување во јавната администрација која треба да биде силна алатка во секоја општина.

Очекувањата на граѓаните се се поголеми, голем дел од надлежностите на централната власт се префрлаат во локалната самоуправа, но проблемите и бремето кое го носиме од транзицијата и партизирањето на администрацијата добива кулминација. Поради законските нормативи, ние како градоначалници не сме во можност да созадеме професионален и способен тим, истакна Поцков.

Ели Чакар од Министерството за локална самоуправа смета дека 80 проценти од националното законодавство се имплементира токму на локално ниво од страна на локалната администрација.

„Тоа значи дека многу од директивите на Европската Унија се имплементираат токму на локално ниво од страна на локалната администрација. Идеата е да се воспостават сервис центри во сите општини кои што ќе покриваат територии кои се одалечени од центарот на оптината и да се овозможи пристапност за лица возрасни и лица со попреченост“, вели Чакар.

 

Конференцијата која се организира во рамките на проектот „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредности на добро управување“, финансиран од ЕУ, а имплементиран од Центарот за управување со промени во партнерство со Асоцијацијата за менаџмент консалтинг 2000 и Центарот за истражувачко новинарство СКУП има за цел да поттикне дискусија за важноста од воведувањето стандарди за добро управување во локалните самоуправи, како основа за подобро функционирање на локалните власти.

 

Проектот се фокусира на воспоставување стандарди за добро управување во единиците на локалната самоуправа, преку прилагодување на одредниците на ЕУ поставени во начелата на јавната администрација изработени од СИГМА. Врз основа на овие стандарди, локални граѓански организации вклучени во проектот ја следеа работата на локалните самоуправи во пет области: развој и координација на политиките и стратегиите, управување со човечки ресурси, транспарентност и отчетност, обезбедување услуги, и управување со општинските финансии.