Денешна дата
01/12/2021

Британски паралели

Пишува: Александар Кржаловски

 

Во минатиот напис „Брексит или не“, се осврнав на сличностите и разликите меѓу Британскиот излез од Европската унија (попознат како Брексит) од нивниот референдум за тоа во јули 2016 година, до неодамна постигнатиот договор меѓу Велика Британија и ЕУ, со патот на нашиот Преспански договор со Грција (малку обратен – од постигнувањето на Договорот во јуни, со референдумот).

Написот беше со цел да научиме нешто од нивната демократија, прво од поставувањето на самото референдумско прашање (јасно и недвосмислено), преку над партиските кампањи Замини или Остани (Leave или Remain), начинот на евиденција на гласачите и постигнувањето на цензусот, па се до „плаќањето на политичката цена“ (оставката на премиерот Камерон по изгласувањето на спротивната опција од таа што тој ја застапуваше).

Сепак непосреден повод беше почетокот на дебатата за постигнатиот договор (за Брексит) во Британскиот парламент, со најавено гласање за 11 декември. Ова се случуваше во услови на (веќе втора) оставка на министерот за Брексит во владата на Тереза Меј, заради несогласување со постигнатиот договор, неколку отстапки кон ЕУ перцепирани како попуштање (прашањето на границата на Северна Ирска, царинската унија и единствениот пазар, статусот на Гибралтар), односно водење на преговорите кон т.н. „мек (soft) Брексит“ – односно задржување на што повеќе од бенефитите (и обврските) од членството во ЕУ, наспроти тврдиот (hard) излез со прекинување на повеќето или сите договори со ЕУ, што исто така би се случило автоматски на 29 март 2019 година доколку не се постигне(ше) договор.

 

Согласно со очекувањата, дебатата беше жестока и во голема мерка против Договорот, особено од пратениците на Конзервативната партија на премиерката Тереза Меј. Критиките кон неа и самиот договор беа толкави, што беше сосема јасно дека ако се гласа – договорот ќе беше „погребан“ и од тие причини премиерката одлучи да го одложи гласањето за договорот (кое сега е презакажано за 13 јануари).

Тоа што за мене беше интересно во целата ситуација е постапката на Меј, да го врати договорот назад на преговарачката маса со ЕУ и побара отстапки од нив за некои од клучните прашања за кои се противат и пратениците од нејзините редови, а со цел да придобие назад дел од нив и собере доволно гласови за договорот да биде усвоен во британскиот парламент. Сметам дека е ова одговорно однесување и е драматично различно од однесувањето на нашите политичари – поддржувачи на Преспанскиот договор – по неуспешниот референдум од 30 септември. Имено, слично како размислувањето на британските парламентарци, резултатот од нашиот референдумот може да се толкува на следниот начин: во ред, добро е што има договор; тој има и голема поддршка (од околу 35% од гласачите и околу 30% од вкупната популација… повеќе од било која партија или претседателски кандидат досега, освен Киро Глигоров и повеќе од поддршката за Брексит од 26%), но дека едноставно договорот не е доволно добар за мнозинството граѓани на Република Македонија.  Па така, барем според мене, одговорно однесување ќе беше да се врати и Преспанскиот договор на преговарачка маса со Грција и да се направи обид да се издејствува поповолен договор за Македонија (на пример без „ерга омнес“ употреба на новото име, или пак без уставни промени), а со тоа да се стигне до мнозинска поддршка меѓу граѓаните и во идеален случај и до толку посакуваниот и потребниот внатрешен консензус, односно согласност и поддршка и од најголемата опозициска партија – ВМРО-ДПМНЕ. Но, како што знаеме, никој не ни помисли на таква можност, туку се продолжи „со главата низ ѕидот“ и со Собраниска постапка за уставни измени.

 

Може и да имаме разбирање зошто не се врати договорот на ре-преговарање, особено за тие што беа најдиректно вклучено во процесот. Имено, по шест-месечни интензивни преговори, во процес во кој тие биле далеку најдлабоко навлезени во деталите (за разлика од сите нас кои набљудуваме од страна и коментираме врз основа на јавно достапни информации од преговорите и сега од самиот договор), веројатно дошле до сознание, а подоцна и убеденост, дека ова што е сега содржина на договорот е најповолната варијанта што можела да се постигне за Македонија, а да има договор со Грција. И јас сум убеден во нивната убеденост, дека постигнале најмногу што можеле да се стигне до најповолен договор за Македонија. Тоа што во трите месеци меѓу договорот и референдумот, не успеаја да убедат и мнозинство од граѓаните на државата во тоа, е друга работа, веројатно веќе доста коментирана (а и јас пишував во написот Патот на Преспанскиот договор).

Впрочем, одлуката да не се направи нов обид со Грците, може да најде оправдување и во тоа што и се случи на Тереза Меј со нејзиниот обид минатава недела. Имено, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер веднаш и категорично ја одби иницијативата на Меј и изјави дека нема да има нови преговори за договорот за Брексит. Европската комисија понуди само да даде дополнителни објаснувања и појаснувања за самиот договор на британските парламентарци и граѓаните на Британија. Веројатно и во нашиот случај можеше да се очекува дека Грција ќе одбиеше нови преговори (особено што и кај нив опозицијата жестоко го критикува и ваквиот договор, па може да замислиме како ќе реагираа на понатамошни отстапки), па така е разбирливо зошто не се ни обидовме.

Но, како што реков погоре, а и како што направи Тереза Меј, одговорно ќе беше да се направи обид. И колку што следам, Тереза Меј не се предава, па во ситуација кога е далеку од потребниот број гласови во Парламентот, мора и натаму да се обидува да издејствува нешто плус од Европската унија. Како ќе помине во тој процес, ќе видиме до 13 јануари.

 

До тогаш, поточно до 15 јануари, ќе видиме и како ќе помине процесот на уставните измени кај нас. За тогаш е предвидено третото (и последно) гласање во Собранието, во тој случај на конечните текстови на уставните амандмани.  По изгласувањето на почетокот на постапката на 19 октомври, веќе помина и второто гласање, по нацрт-амандманите, па откако помина и пет-дневната јавна дебата – преостанува уште само завршната дебата во Собранието за секој од амандманите и нивно гласање. Сепак, станува јасно, дека цената за постигнување и овој пат на дво-третинско мнозинство е некаква форма на амнестија. За разлика од првата недела кога премиерот Заев спомна „помирување“ во Собранието (15 октомври) и беше дочекан „на нож“ од своите поддржувачи – дека никаква амнестија не е прифатлива (со потсетување на слоганот од Шарената револуција “нема правда, нема мир“) и кога сите изјави од владејачкото мнозинство демантираа дека се работи за амнестија, сега веќе на секој му е јасно дека токму за тоа се работи и се преговара и дека е прашање само на опсегот на амнестија кој ќе се договори. И тука е „кваката“, како да се опфатат и пратениците од опозицијата кои веќе гласаа за почеток на уставните измени, да гласаат пак и на крај, а дел од нив се меѓу најодговорните за случувањата на 27 април (отворањето на вратите).

Како што пишував во написот Горки пилули,  комбинацијата од формулации на амандманите кои би биле прифатливи и за некои други пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, со некаква форма на амнестија за дел од другите нивни пратеници, може да доведе до доволно гласови за Преспанскиот договор и конечно да биде исполнет од страна на Македонија на 15 јануари, но цената за тоа ќе биде понатамошно ситнење на поддршката за него во јавноста. Во случај на амнестија, дел од поддржувачите на договорот, односно тие што гласаа За на референдумот, секако ќе бидат разочарани (впрочем, тоа и не го кријат и активно го артикулираат на социјалните медиуми), а зависно колку таа амнестија ќе биде „великодушна“ кон учесниците на настаните од 27 април 2017 година, можеби ќе предизвика и помасовни реакции и нов отпор, вклучително и изразен со улични протести. А тоа пак, може да влијае на дел од пратениците и да го загрози изгласувањето на уставните измени во јануари.

Не верувам дека тоа ќе се случи, но, како и на Тереза Меј, така и на Зоран Заев воопшто нема да му е лесен овој месец дена додека се стигне до гласањето и помине неизвесноста дали ќе има или не доволно (80) гласови за поддршка!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.

Latest posts by Администратор (see all)