
Политичарите се најголемата кочница за конфискацијата на криминално стекнатиот имот
Иако конфискацијата на нелегално стекнатиот имот и пари се смета за најефективна борба против корупцијата, Македонија не може ни оддалеку да се пофали со такво нешто. Моделот од Бугарија за одземање на нелегално стекнатиот имот, кој се смета за успешен бил предлаган во земјата, но тогашната влада на Никола Груевски не го прифатила. Нашето истражување покажа дека политичката волја сепак e клучна за ова прашање
Пишува: Горан Лефков
Корупцијата и натаму е најисплатлив „бизнис“ во Македонија. Ова го покажуваат фактите и податоците во земјата. Aгенцијата за управување со одземен имот на начинот на кој работи во рамките на целиот систем покажува слаба ефикасност, која на пример може да се прикаже и на тој начин што веќе не може да собере пари ниту колку што има трошоци, односно онолку колку што и е буџетот. Вредноста на паричните средства кои се одземени од криминални активности се најниски во 2017 година.
Минатата година се одземени само 27 милиони денари (450.000 евра). Претходните години одземале по многу повеќе пари. Во 2016 година биле одземени 1,2 милиони евра, додека во 2015 година над 5 милиони евра.
И во делот на одземените возила, моделот за борба против корупцијата и преку конфискација кој го има Македонија, дава се помали и помали резултати. Tака во 2014 година во земјава се одземени 558 возила во 2015г., 639 возила, додека во првите 6 месеци од 2018 година само 51 возило.
Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Фатон Асани, на оваа позиција е околу една година и вели дека Агенцијата ја затекнал во катастрофална состојба.
„Агенцијата ја затекнав занемарена. Не знам колку и државата и обратила внимание. Се трудиме да го дадеме најдоброто од нас со тие капацитети што ги имаме. Имаме 47 вработени од кои 27 се чувари“, вели Асани.
Тој додава дека во Агенцијата за управување со одземен имот се затекнати повеќе од 15.000 возила, бидејќи судските спорови траеле предолго. Некои од овие возила стојат и повеќе од 10-тина година. Годинава за прв пат се продадени 100-тина возила за старо железо.
Во меѓувреме бројот на вработени од 2010 г. до денес се зголемил од 10 на 45 или за 4,5 пати повеќе.
Според систематизацијата, оваа Агенција треба да има околу 70 вработени.
Првата година инкасирани 11 милиони евра!
Агенцијата за управување со одземен имот е поставена во 2009 година, со Закон за управување со одземен имот од 2008 година, како значајна алка во борба против корупцијата и организираниот криминал. Прв директор на оваа Агенција е адвокатот Ванчо Шехтански.
„Ја основав Агенцијата во 7 метри квадратни, во ИТ центарот на Министерството за правда. Таму требаше да превземам 14.000 кривични предмети од сите судови наеднаш и од првите 10 предмети беа наплатени 11,3 милиони евра“, вели Шехтански.
Ваква бројка на одземен имот во 2010 и 2011 година потврди и сегашниот директор Асани, кој додаде дека дел од одземените објекти од пред 8-9 години тој дури сега ги продава. Досега Асани потврди дека Агенцијата, додека е тој директор, има наплатено над милион евра од запленетите добра од кривични дела.
Но, зошто ефектите се најблаго речени недоволни, иако за формирањето на Агенцијата интенцијата било да се искористи моделот кој функционира во Бугарија?
Според Шехтански, македонската агенција е седма ваква агенција во Европа. Сите останати агенции како посебни тела се формирани подоцна. Шехтански вели дека сон му било да создаде Агенција по модел на Бугарија.
„Во регионот најсилна е Бугарската Агенција и нема да кријам дека како модел е користена Бугарската Агенција“, додава Шехтански.
Во 2009 година заедно со Ванчо Шехтански во посета на Бугарската Комисија за управување со одземен имот заминува и Ване Цветанов, тогашен директор на Управата за спречување на перење на пари.
„Тогаш имавме еден заеднички предлог со тогашниот директор на Агенцијата за управување со конфискуван имот Шехтански и заедно бевме во посета на Бугарија, во Комисијата за одземање на имот во корист на државата, позната како комисија „Кушлев“. Бевме воодушевени како функционира таа Комисија“, вели Цветанов.
Тој додава дека предлагале воведување на тој модел и овде. Но од нашите сознанија истражувајќи го ова прашање дојдовме до заклучок дека всушност и самиот модел е различен.
Бугарите користеле искуства од САД и Ирска
За да направи разлика помеѓу двата модела на функционирање на Комисиите, Инбокс 7 замина во Бугарија. Прва средба од бугарска страна имавме со Стојан Кушлев, во неговиот дом во малото село Мрчалево во Софиската општина Владаја. Кушлев го затекнавме на денот кога полни 80 години.
„Идејата за блокирање и одземање на имот потекнува од Американците. Тие ја имаат 25 години пред бугарскиот закон, значи некаде од 1980 година. Јас не сум проамерикански настроен ама сепак, за мојата работа сум награден со златна значка на Федералното биро за истраги (ФБИ) на САД. Имам и целосна униформа на ФБИ. Тие многу ми помагаа во мојата работа. Нашата Комисија беше многу моќна за мое време. Јас бев рамен со големите европски тела за одземање на нелегално стекнат имот и бев единствениот од Источна Европа кој имаше резултати кои можат да се рамнат со нив“, вели Кушлев.
Тој додава дека овој модел во Европа се пренесува 10-тина години покасно, од каде и е преземен моделот. Во Европа одземањето на имот стекнат со перење на пари, за прв пат се појавува во Ирска. Таму е убиена Вероника Гуерин истражувачка новинарка. Општеството во Ирска во тоа време како резултат на вознемиреноста и потрага по модел на успешно справување со корупцијата, ја формира првата Агенција во Европа.
Во Ирска му е одземен имот на еден вицепремиер и на министер за надворешни работи. Бугарската комисија за одземен имот КОНПИ („Комисија за одземање на незаконско придобито (стекнат) имуштество (имот)“), е создадена по ирскиот модел. Ирската Комисија започна со работа на 15 октомври 1996 година. Бугарската Комисија е формирана во 2005 година. Франција и Белгија имаат некои слични тела, но не и комисии или агенции.
„Граѓанска конфискација“, паралелно со кривичната постапка
Еден од креаторите на законот за одземање на незаконско стекнат имот е Крум Зарков, поранешен вработен во КОНПИ. Тој сега е потпретседател на Бугарската социјалистичка партија, најголемата опозициска сила во бугарското Народно Собрание, каде што и го водевме разговорот.
„Бугарскиот модел на граѓанска конфискација е уникатен и мислам дека нема друг сличен модел во некоја друга европска земја. Нашиот модел е целосно одделен од судскиот процес. Кога против некого ќе се покрене обвинение, Комисијата започнува истрага, не на криминалното дело, туку на неговиот имот 10 години наназад од моментот на кривичната пријава. Се проверуваа куќи, коли, сметки, пари на него, на семејството, на блиски, на трговските друштва поврзани со него. Ако КОНПИ утврди дека има разлика повисока од 200.000 лева (100.000 евра), од имотот што го поседува и легалните приходи, таа поведува граѓански спор за одземање на тој имот без при тоа да се чека пресудата за неговото кривично дело. Двете процедури се целосно разделени. Тоа е идејата на т.н. граѓанска конфискација“, смета Зарков.
Тој смета дека ако се тргне по трагот на парите, може да се види, на пример, дека некој сообраќаец изградил палати или некој млад човек вози „бесна кола“ и парадира со голем имот. Веднаш се забележува дека нешто што не е во ред и се поставува прашањето „имаш ли ти за тие пари реален доход“, како што вели Зарков. Ако не може да се најдат легални извори, може да се претпостави дека тие доаѓаат од некоја криминална активност. Ова е многу моќна алатка за борба со корупцијата, но не е доволна. Мора корумпираните луѓе да влезат и во затвор, вели Зарков .
Борбата со корупцијата има два аспекти, едно е кривичниот прогон и затворската казна, а вториот аспект е одземањето на нелегално стекнатиот имот. Еден од најефективните методи за борба против корупцијата е гонење на имотот на криминалците, бидејќи корупцијата е многу тешка за докажување на кривичното дело. Тоа тешко се докажува, бидејќи и тој што дава и тој што зема, имаат интерес се да остане тајно. И втората причина е ако едниот падне, најверојатно ќе го повлече и другиот, смета Зарков.
Вака поставена КОНПИ на почетокот, со тој механизам на одделување на кривичната постапка од граѓанската за одземање на имотот, во дело го преточува Кушлев.
„Кога јас започнав со работата на КОНПИ, Романците немаа ништо. Тие два пати доаѓаа кај мене да учат како функционира бугарската комисија за одземање на нелегално стекнат имот. Тие беа многу наназад од нас. Дури по назначувањето на Лаура Ковеси, и после моето заминување од Комисијата во 2011 година, тие отидоа далеку, далеку пред Бугарија“, смета Кушлев.
Тој додава дека одзел имот на 14 градоначалници кои се стекнале со имот од вршење на кривични дела, 8 пратеници во парламентот, а му биле „клиенти“ и неколку министри.
„Имаше еден интересен случај кога двајца пратеници од ДПС (турската партија во Бугарија) зеле 1 милион лева од европските фондови, заминале за Истанбул и ги изгубиле на комар. Како да им простам на тие? Тие направиле фалсификувани документи дека изградиле пат во Бугарија за тие 1 милион лева, а патот го нема. Имавме најмалку 5-6 поранешни министри на кои им одземавме имот. Обвинителите и судиите се штитеа страшно многу. Никогаш не допуштаат нивни човек да биде обвинет“, се присетува Кушлев.
Но како е сега, а според соговорниците КОНПИ веќе не функционира ефикасно, побаравме изјава од одговорните кои се во моментов во тоа тело. И покрај ветувањата, тие не одговорија на нашето барање.
Сакавме да видиме како функционираат и регионалните канцеларии на КОНПИ во Софија и Благоевград, но тие не сакаа да разговараат со екипата на Инбокс 7.
Закони има – нема знаење и волја за имплементација
За разлика од бугарскиот модел, македонскиот систем за одземање на имот е различен и покрај тоа што Шехтански и Цветанов сакале да научат и да го применат.
Според Слаѓана Тасева, експерт за борбата против корупцијата, Агенцијата го нема потребниот капацитет за функционирање.
„Агенцијата за управување со одземен имот сè уште е еден вид дирекција во Министерството за правда, не е посебна институција. Таа нема капацитет да ја остварува својата функција. Тоа што тие го работат воопшто не е во согласност со нивниот закон. Тие треба да управуваат со имотот што е одземен или замрзнат“, вели Тасева.
„Кога започнува истрагата треба да лоцираме и имот што можеме утре да му го одземеме. Тоа го прават полицијата, Финансиската полиција, Управата за спречување на перење на пари – согласно Законот за кривична постапка ова се води под насоки на јавниот обвинител. Потоа јавниот обвинител треба на судот да му предложи имот што после може да се одземе во кривичната постапка. Со поднесувањето на обвинение треба да напишат конкретно, што е тоа што сакаат да се конфискува, заради тоа што е стекнато со криминал. Тие точно треба да наведат што е тоа што треба да се конфискува. Се ова за што зборувавме досега, не функционира. Го имаме на хартија, го имаме на закон, но го немаме во пракса“, вели Тасева.
Таа учествувала во изготвувањето и на Стратегијата за финансиски истраги.
Нашите обвинители и судии не си ја завршуваат работата претходно и кога ќе биде пресудата готова во неа ќе пишува се одземаат, на пример, 3 милиони денари. Ниту пишува од каде, ниту број на сметка ниту во каква форма. Никој претходно не го идентификувал конкретниот имот и сега Агенцијата почнува од почеток. Таа ќе трага дали лицето што има таква мерка има нешто што може да му се одземе. Тоа воопшто не е нивна работа по закон, смета Тасева.
Тоа е системот кој ние го имаме на хартија, но и таков и иако имаме купишта други закони, тој систем во сите овие години не заживеа.
„Имаме и Закон за спречување на перење на пари каде се вели дека политички експонирани лица како што е сега Груевски, било какви трансакции да прави од неговите сметки треба да биде под посебен надзор, затоа што тие имаат посебни индикатори за следење. Тој и лицата поврзани со него. Ние и тоа го имаме на хартија, но тоа затајува, банките не пријавуваат, Управата за финансиско разузнавање затаила бидејќи не добила информација. Ние закони имаме, институции имаме, меѓутоа системот не функционира, затоа што нема политичка волја да функционира. Сите тие институции се без капацитет. На тие што знаат не им дозволуваат да работат, а имаме и проблем во Обвинителството бидејќи не ја познаваат таа материја“, смета Тасева.
Дека нема волја нешто да се промени, можеби покажува и мини проверката на ветувањето за промена на конкретниот закон за одземање на имотот, што неодамна ја направи и сервисот за проверка на факти „Вистиномер“. Иако е ветен во 2016 година од СДСМ, досега, нов закон нема, ниту има посериозни промени на постоечкиот. Има само една промена откако се на власт во април 2018, но промените се само членовите поврзани со условите за местото директор.
Од друга страна, во предизборната кампања ветуваа и бројчаник на Триумфалната капија во Скопје кој ќе го регистрира секое одземено евро на недозволен начин. Покрај ова СДСМ на еден начин ја толерира целосната блокада на институциите кои имаат многу важна улога во борбата против корупцијата и се дел од системот на антикорупциски институции, како Државната комисија за спречување на корупцијата и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во 2018 година. Речиси цела година овие Комисии немаат членови и не можат да одлучуваат. Илјадници предмети на граѓани стојат нерешени. Јавноста се занимава со прашања дека министри си вработуваат свои блиски роднини во институциите, а Државната комисија за спречување на корупцијата нема членови да решава дали има конфликти на интереси. Дури сега се најавува разврска во Собранието, со новиот предлог – закон.
Политичарите се главна кочница за одземање на имотот
Всушност, нашето истражување покажа дека, без оглед на различниот модел, политичарите им биле најголем проблем на телата и во Македонија и Бугарија во спроведувањето на законот за одземање на криминално стекнат имот.
„Страшни битки водев во Народното собрание при носењето на измените на законот. Се сеќавам дека за едно дополнување на Законот за одземање на нелегално стекнат имот, помина на Законодавно-правната комисија, но подоцна се уплашија пратениците и гласаа против. Имав огромен отпор од пратениците од сите политички партии“, вели Кушлев.
Тој смета дека за да работи оваа Комисија мора да има политичка волја. Ако нема политичка волја во владејачката партија, Комисијата не може да функционира.
„Во 2009 година депутатите во Народното собрание се обидоа да гласаат за затворање на мојата Комисија. Кога слушнав дека се готви ваква сплетка, веднаш ги информирав амбасадорите на европските држави во Софија. Тие веднаш заминаа кај претседателот на Народното собрание, тој го повика претседателот на комисијата кој подготвуваше закон за затворање на мојата Комисија и така го запрев тој обид… Во моментот кога заминав од Комисијата водев дела за 8 пратеници. Никој не ми вршеше толкав притисок, како што тоа беа депутатите. Министрите не смееја да ми вршат притисок бидејќи имав целосна поддршка за работата од премиерот. Јас работев со тројца премиери. Само еднаш Бојко Борисов јавно ме повика да проверам потекло на имот за еден скандал со царинарници во Перник. Јас веднаш му одговорив дека јас не можам да дејствувам, бидејќи по закон прво обвинителството требаше да поднесе обвинение, после јас треба да го попишам и блокирам имотот, а тогаш обвинителството не поднесе никаков поднесок“, вели Кушлев.
Тој додава дека ако нема политичка волја, службите за борба против корупцијата не можат да функционираат.
Ова го потврдува и Тасева, наведувајќи друг факт.
„Тоа што имаме само 26 пресуди за перење на пари од осамостојувањето досега, е резултат на немање на капацитет. Обвинителите не знаат, се плашат и бегаат од таа материја. Ние сме земја во која се перат пари, земја од која се изнесуваат пари стекнати со корупција, но обвинителството нема капацитет“, вели Тасева.
Системот за борба против корупцијата не функционира. Дел не функционира бидејќи нема капацитет, а нема капацитет бидејќи нема политичка волја. На тие институции не им дозволуваат да си ја работат работата. Политичарите ги држат тие институции под контрола. Тие формално постојат, законите постојат, институциите постојат, меѓутоа ефекти од нивното постоење нема, смета Тасева.
Го прашавме и директорот Асани дали државата вистински сака да функционира неговата Агенција или само врши опструкција, тој ни врати дипломатски одговор „дека имаат соработка со властите“.
Наместо примена на бугарскиот модел – разрешувања
За разлика од Бугарија каде борбата против корупцијата покажа како може да работи една врвна Комисија дури во европски рамки, во Македонија таа не ја виде светлината на денот.
„Во 2010 година првичните процени беа дека само во Царина има некаде околу 50 милиони евра конфискуван имот што требаше да се преземе. Прво технички да се преземе, да се направи процена на истиот, па физичко преземање, па постапка за отуѓување за наддавање за истите да бидат внесени во буџетот на Република Македонија. Тоа е една гломазна постапка, тоа не го работа еден, двајца или тројца луѓе. Тоа е сериозна институција. Мислам дека државата немаше намера да прави таква сериозна институција, а таа само ќе носеше корист на Република Македонија, меѓутоа таква каква што беше замислена, не профункционира“, вели Шехтански.
Со исто мислење е и Ване Цветанов, кој вели дека по посетата на Бугарија што ја имале со Шехтански, воодушевени му предложиле на тогашниот премиер да се направи истиот модел.
„Ние воодушевени како функционира во Бугарија, побаравме прием кај премиерот Груевски во тоа време, да ги презентираме тие успеси и поведени од еланот, добрата волја и развојот на системот за борба против корупција, да побараме политичка поддршка, односно да се понудиме да биде изградено, да се оформи такво тело во Република Македонија каде што би биле назначени некои луѓе кои што ќе ја водат таа постапка, затоа што во Република Македонија не постоеше таков орган“, вели Цветанов.
Набргу после ова, директорските места и на двајцата настрадаа.
„Од 15 јуни 2010 година до 24 август беа запленети 11 милиони и 300.000 евра, јас бев разрешен 2010 г. на 7 септември веднаш потоа, значи некаде 2,5 месеци беше ефективна работа. Од тогаш натаму не можам да коментирам кои се резултатите и каков е начинот на работата“ вели Шехтански.
Истражувањето на оваа тема покажа две клучни работи. Првата е дека нема ефикасна борба против корупција, вклучувајќи го и одземањето на имотот стекнато на криминален начин, без политичка волја.
Втората, дека Македонија можеби треба да размислува на промена на моделот и да го воведе бугарскиот, иако ни тоа нема да помогне ако повторно нема политичка волја за имплементација.
Структура и мрежа на Комисијата
Агенцијата за управување со незаконско стекнат имот треба да има одделни канцеларии по регионите од внатрешноста. Тоа е планирано и во Македонската и во Бугарската Комисија, но за жал во Македонија оваа Агенција никогаш не го направи тоа иако била замислена да функционира по регионални центри, од 4 до 8 регионални центри, но тоа не било прифатено од Владата на Груевски во тоа време. За разлика од кај нас Бугарија уште на самиот почеток ги воведува регионалните канцеларии. Тие имале на 3 округа по една канцеларија, осноно вкупно 11 регионални канцеларии.
Бројот на вработени во Агенција за управување со одземен имот е 47, за разлика од Бугарската која има околу 300 вработени.
Стојан Кушлев, прв претседател на КОНПИ:
ИМАВ ОТПОР ОД ПРАТЕНИЦИТЕ ОД СИТЕ ПАРТИИ
„Страшни битки водев во Народното собрание при носењето на измените на законот. Се сеќавам дека за едно дополнување на законот за одземање на нелегално стекнат имот, помина на Законодавно правната Комисија, но подоцна се уплашија депутатите и гласаа против. Имав огромен отпор од пратениците од сите политички партии“
Ванчо Шехтански, прв директор на Агенцијата за управување со одземен имот на РМ:
Мислам дека државата немаше намера да прави таква сериозна институција, а таа само ќе носеше корист на Република Македонија, меѓутоа таква каква што беше замислена, не профункционира.
Промени на Законот за управување со одземен имот – ефектот го нема
Период Променети членови Август 2008 Донесување на законот Октомври 2010 9 Јули 2013 14 Декември 2013 19 Февруари 2014 5 Октомври 2014 7 Јуни 2015 14 Август 2015 2 Април 2018 4
Новинарскиот текст е изработен како дел од проектот Истражувачко новинарство за поттикнување реформи со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.
- Еуростандард банка- агонија без крај - 07/03/2023
- Собрание на Република Македонија – соучесник во стечајот на Еуростандард банка - 21/02/2023
- Дали има крај - 14/02/2023