Денешна дата
27/03/2023

КАКО ПОМИРУВАЊЕТО СТАНА ПОМИЛУВАЊЕ

  • Измените во Кривичниот законик дочекани на „нож“ од невладините
  • Аналитичарите сметаат ако јавноста не се буни сериозно за тоа, на крајот ќе го сменат и членот 353
  • Со измените се спасуваат и други лица, кои не се поврзани со „помирувањето“

 

Пишува: Александар Тодески

 

Иако и власта и пратениците ветија дека по амнестирањето на инволвираните во крвавиот четврток нема да има нови амнестии, „помирувањето“ сепак отиде чекор понапред. Со измена на Кривичниот законик, лицето на правдата нема да го видат и блиските на дел од пратениците, кои ги отворија вратите за европска Македонија.

 

ЌЕ СЕ СПАСАТ И ОНИЕ КОИ НЕ СЕ „ПОМИРУВАА“

 

Низ собраниските ходници срамежливо се зборуваше за оваа измена, а јавно се слушаа гласни пораки дека нема да дојде до тоа. Сепак, во новогодишната еуфорија и само три дена пред да ја испратиме 2018, пратениците си ја изгласаа и оваа измена.

Со тоа од затворските казни се спасија Василије Авировиќ, синот на пратеничката Владанка Авировиќ и бизнисменот Сеад Кочан, кој беше прв од серијата бегалци на правдата, а е близок на пратеникот Зекир Рамчиловиќ.

Сепак, пратениците изгласаа само една измена – на членот 275-в од Кривичниот законик, иако целта беше да се измени и членот 353, со кој би се спасила и Елизабета Канческа Милевска, но и други.

Она што се смени со изгласувањето на 28 декември 2018 година се однесува за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавни набавки или јавно – приватно партнерство. Со измената на став 3, затворската казна ќе се намали од 5 на 4 години.

Не може Уставните измени да одат на сметка на кривичниот законик. Требаше да бараат заеднички јазик за доброто на државата, а не за спас на едните или другите.- Петар Арсовски

Аналитичарот Петар Арсовски смета дека не треба да се менува кривичниот законик премногу, бидејќи тоа сериозно би го нарушило владеењето на правото.

„Во моментов во Македонија се случуваат два процеса кои се канабилизираат. Не смееме да дозволиме едниот да го канибализира другиот. Не може Уставните измени да одат на сметка на кривичниот законик. Требаше да бараат заеднички јазик за доброто на државата, а не за спас на едните или другите. Ако јавноста не се буни сериозно за тоа, на крајот ќе го сменат и членот 353“, вели Арсовски за Инбокс 7.

Во Собранието велат дека не е исклучено во наредниот период да се пристапи и кон промена на членот 353 од Кривичниот законик. Со менувањето на овој член би се спасиле и Горана Јанкулоска како и Ѓоко Поповски, кои добија пресуда за случајот „Тенк“. Исто така, ова интервенција би ги спасил и Васил Пишев, Миле Јанакиески за „Траекторија“, сите обвинети во „Тарифа“, потоа обвинетите во „Топлик“, предмет во кој првообвинет е Јанакиески, Сашо Мијалков за „Трезор“ и уште многу други лица кои се обвинети од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

 

ПРОТЕСТИ НА НЕВЛАДИНИТЕ ПОРАДИ ПРОМЕНИТЕ ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК

 

Невладините организации не ги дочекаа најсреќно овие измени во Кривичниот законик. Сите оние кои беа рамо до рамо со премиерот Зоран Заев на протестите, но и влегоа во власта преку работни тела и еден пратеник, сега го потсетуваат него дека може поддршката од невладиниот сектор му виси на конец.

Тие веднаш излегоа на прес-конференција, каде најавија дека ќе протестираат против овие измени, но и дека ќе размислуваат дали да продолжат со поддршката на Владата на социјалдемократите.

„Не во наше име“, гласи нивната реакција, а барање за повлекување на измените во Кривичниот законик испратиле до група пратеници.

Неприфатливо е да се менува Кривичниот законик и кој било друг закон за да се избегне правдата и да се продолжи со заробување на државата од политичките партии. – Невладини организации

„Бараме веднаш да го повлечете од дневен ред Предлогот на законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка, доставен од пратениците Артан Груби, Снежана Калеска Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска, Весел Мемеди и Реџеп Мемеди. Инсистираме на повлекување на предлогот, поради промената во членовите на Кривичниот законик, со кои ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот. Неприфатливо е да се менува Кривичниот законик и кој било друг закон за да се избегне правдата и да се продолжи со заробување на државата од политичките партии. На овој начин се амнестираат криминалот и корупцијата, и продолжува неказнивоста“, стои во реакцијата на невладините.

 

МЕНУВАЊЕ ЗАРАДИ ИНДИВИДУАЛЦИ ИЛИ ПОДОБРУВАЊЕ НА ЗАКОНИТЕ

 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веднаш ја напушти комисиската расправа за измена на кривичниот законик бидејќи, според нив, тоа се правело само за да се гласаат Уставните измени.

„Кога ќе завршите по расправа да не ги протрчате наредните точки зошто сакаме да учествуваме“, рече Ане Лашкоска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

Според групата на независни пратеници кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, менувањето не треба да се врзува со индивидуалци, иако со измените се директно за поранешниот државен врв, од кој голем дел се товарат по членот 353 од Кривичниот законик.

Инбокс 7 во истражувањето за Секјуриком пишуваше дека ако дојде до менување на членот 353, кој во последен момент беше тргнат од дневен ред на собраниската комисија, би се спасил и Австриецот Волфганг Гампер, кој без пасош избега од државата, а е осомничен за малверзации при јавните набавки заедно со екс директорот на СОЗР, Васе Доневски.