Денешна дата
25/05/2022

ЖИВОТ СО ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР

Пишува: Александар Кржаловски

 

Со петочното изгласување на уставните измени (четирите амандмани и соодветниот Уставен Закон), Република Македонија ги исполни своите (досегашни) обврски од „конечната“ спогодба со Грција, и со тоа – Преспанскиот договор е тука да остане!

Како и Охридскиот договор пред него, па и (привремената) спогодба со Грција од 1995 година, а особено Одлуката за прием на (поранешната Југословенска) Република Македонија во Обединетите нации во 1993 година (која патем беше најавена дека ќе трае два месеци под тоа име), Преспанскиот договор е веќе вграден во Уставот и станува наша реалност.

 

Да, знаеме во каква постапка се изведе сето ова, или подобро кажано се протурка. Од самите преговори и склучувањето на договорот, во кои не се успеа да се постигне национален консензус (барем спрема тоа што е достапно во јавноста, вклучително од двете лидерски средби, како и од однесувањето на главните актери на политичка сцена – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ); преку неуспешниот референдум (за кој врвни наши правници и само-прогласени експерти за се и сешто во државава, се обидуваа да ни објаснат дека тоа не е така, односно дека не бил важен законскиот услов за цензусот, туку било поважно што над 90% од граѓаните што излегле на гласање, дале поддршка на Договорот… а прилично истите тие во 2004 година, на еден друг референдум, не убедуваа во токму спротивното); па се до амнестијата и последните отстапки кон барањата на Беса; процесот се одвиваше по принципот „целта ги оправдува средствата“ и со многу правни пропусти притоа и уште повеќе прекршувања на други принципи кои наводно ни се многу важни за интеграцијата во ЕУ и НАТО, како што се владеењето на правото и правото на само-определување.

 

Но, процесот е сега завршен и доби 2/3 поддршка во Собранието и сакале или не, стана дел од нашиот правен систем и државно уредување. Досегашните обиди за оспорување на договорот (вклучително и во Уставниот суд), останаа без успех. Слично како и во 1994 година, ВМРО-ДПМНЕ ја повтори грешката со бојкотот и како и тогаш (кога овозможи апсолутна власт на СДСМ во следните четири години), така и сега не успеа да го спречи договорот, ниту промената на името. Останува иднината да покаже дали навистина биле/се против договорот и како што велат направиле се да го спречат, или напротив – со своето (не)постапување, всушност овозможија процесот да се приведе до крај како што Владата имаше замислено. Можеби ќе видиме уште на мартовските претседателски (или како што тие бараат – и парламентарни) избори.

Значи, според поговорката „подобро да се спречи, отколку да се лечи“, сметам дека кога веќе не се успеа досега да се спречи стапувањето на сила на Преспанскиот договор, отсега е многу тешко да се очекува дека такво нешто ќе се случи и јалови ќе бидат понатамошните обиди тој да се оспори (и со нови претставки пред Уставниот суд, а и со најавената иницијатива за нов референдум). Исто така сметам дека се нереални надежите дека „Грција ќе ни го спасува името“, односно дека оставката на Панос Каменос и излегувањето на Независни Грци од Владата на Грција, ќе доведат до пад на Владата и со тоа да не дојде до ратификација на спогодбата кај нив. Напротив, многу поверојатно е дека Ципрас ќе го преживее утрешното гласање за доверба на Владата и дека наскоро Преспанскиот договор (а потоа и Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО) ќе бидат ратификувани во грчкиот Парламент и  со тоа ќе стапат на сила и уставните измени во Македонија и примената на новото име – Република Северна Македонија.

 

Па така, наместо да се навраќаме назад и жалиме за пропуштените прилики за подобар договор и можностите овој договор да се оспори или спречи, како и наместо и понатаму да губиме време во обиди „да ја вратиме историјата назад“, подобро да видиме што добро има во Договорот и како да ги искористиме придобивките кои тој ги предвидува. Сега, кога веќе ја проголтавме горката пилула (или неколку такви), да се концентрираме на заздравувањето (на целото општество) и работиме на остварување на ветувањата за евро-интеграциите и за подобар живот.

 

Прво, со сета болка што самиот чин на промена на името против својата волја го носи, сепак може да констатираме дека Република Северна Македонија е многу подобро решение од Поранешна Југословенска Република Македонија. Иако јас лично се сметам за релативно многу југо-носталгичен, за мене беше навредливо што референцата „југословенска“ продолжи да опстојува толку долго по распадот на поранешната ни држава и престанокот на постоење на сите понатамошни „творевини“ кои се обидоа да го задржат наследството на тоа име (во последната форма како Сојузна Република Југославија, која до 2003 година ја сочинуваа само Србија и Црна Гора, а тогаш и таа се трансформира во Државна заедница на Србија и Црна гора, а во 2006 година и престана да постои).

 

Второ, сето ова беше направено за да се постигнат стратешките цели за членство во ЕУ и НАТО, прокламирани уште од независноста на државата во 1991 година. Сега се чини дека НАТО членството ни е веќе на дофат, ако не и извесно. Имено, со Уставниот закон (а и со самиот Преспански договор) е предвидено стапување на сила на амандманите (и промената на името) дури откако Грција ќе го ратификува не само договорот, туку и Протоколот за членство во НАТО, па така – може да се очекува дека тоа ќе се случи ако не истовремено, тогаш брзо едно по друго и во текот на годината тој Протокол ќе биде ратификуван во сите земји членки и ќе стапи на сила, односно Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО. Освен подобрување на безбедноста на самата држава, ова подразбира и гаранции за територијалната целина и осигурување на државниот континуитет, што иако не е толку експонирано во јавноста, можеби е и најважната придобивка од овој процес.

Дополнително, членството во НАТО (а се уште не на ЕУ), покажано е статистички со искуствата од претходните прошируваа, доведува со зголемување на странските инвестиции и со тоа раст на економијата и постепено подобрување на животниот стандард на граѓаните. Во Бугарија на пример, тој сега е двојно поголем отколку пред членството во НАТО (по таа логика, за 10-тина години ќе може да очекуваме просечна плата од околу 1,000 евра).

Не, нема да се намали иселувањето од Македонија (како што не се намали ни од Бугарија, ни од Хрватска, ниту од повеќето други нови членки на Унијата) кон западна Европа, но може да очекуваме во догледно време, дека тоа нема да треба да се прави со земање бугарски или пасоши на други земји, туку ќе може да се направи со македонскиот (добро… северно-македонскиот).

 

Понатаму, мислам дека значајна придобивка ќе е зголемената и уште поважно – порелаксираната комуникација на граѓаните од сите делови на Македонија, односно меѓу нашата држава и граѓаните кои живеат во Грција. Дури, сметам дека тоа ќе придонесе за поинтензивна и секако послободна интеракција на поделените семејства, па дури и напредок во индивидуалните постапки за враќање на дел од имотите на нашите државјани (и/или од дијаспората) со потекло од северниот дел на Грција. Би очекувал и многу послободна манифестација на културата и употреба на македонскиот јазик на етничките Македонци кои по втората светска војна останаа да живеат во Грција.

Конечно, со малку креативност, а и доза на хумор, во Преспанскиот договор може да видат придобивки и т.н. тврдокорни…. зошто, каде што има Северна, значи дека има и Јужна, па може да се оствари и сонот за обединета Македонија (секако не како посебна правна форма или државен субјект, туку преку евро-интеграциите и непостоење на граници меѓу земјите-членки).

 

И, да завршам, како и во мнозинството коментари кои осамнаа викендов на социјалните мрежи, така и јас сметам дека нема што многу да се слави во однос на Преспанскиот договор (впрочем, никој не излезе на плоштад вечерта, ниту со возила се свиреше по улиците), но тој е сега тука и подобро побрзо да го прифатиме тоа и продолжиме понатаму – со максимално (и брзо) искористување на сите придобивки кои ги превидува, нуди или барем ветува!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.