Денешна дата
28/11/2022

GREATEST OF ALL TIME

Пишува: Александар Кржаловски

 

После неколку недели и написи на политички теми, пред се поврзани со Преспанскиот договор и постапките околу него, особено изгласувањето на уставните измени кај нас и ратификацијата на договорот во Грција, време е малку да одмориме од тоа и да свртиме на пример (пак) на спортски теми.

Во еден од претходните написи (Фудбалот и демократијата) се обидов да ги споредам спортот и политиката, аргументирајќи како подемократската распределба на средствата во англиската Премиер лига, води кон поголема конкурентност / компетитивност, а тоа пак го зголемува интересот на гледачите (или пак во споредбата – на гласачите за избори), резултирајќи со подобар квалитет и неминовно (затворајќи го кругот) – успех (меѓу другото и со уште повеќе средства за распределба меѓу клубовите… а во случајот на изборите, тоа би кореспондирало со подобри кандидати и потоа решенија за подобар животен стандард за граѓаните).

Овој пат, сакав да се осврнам или подобро речено запрашам и самиот себе, а и вас читателите – за спортскиот феномен „најдобар на сите времиња (или на светот)“ (во било кој спорт) и на тоа зошто такви индивидуалци (или тимови) се јавуваат повеќе во некои држави, а не во други? За жал ние како држава сме најчесто во овие другите, па затоа и си го поставувам прашањето!

Непосреден повод секако ми е завчерашната победа на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ на отвореното првенство на Австралија (Australia Open) во Мелбурн, која за него беше седма на овој гренд-слем турнир (еден од четирите најпрестижни во тенисот, заедно со Лондонскиот Вимблдон, Парискиот Ролан Гарос и Њујоршкиот US Open), поставувајќи го рекордот на турнирот (досега го делеше со Роџер Федерер и Рој Емерсон со по 6 титули). Со тоа, тој стигна до својата 15-та гренд-слем титула и повторно ја отвори дебатата за „најдобриот на сите времиња“ (или Greatest of All Time – GOAT), која пред само година дена изгледаше дека конечно се затвора, кога Федерер ја освои својата 20-та титула (а Новак тогаш беше застанат на 12). Секако, има многу варијанти што се треба да се земе предвид кога се зборува за избор на најдобриот отсекогаш, но во тенисот тоа најчесто се врзува со престижните гренд-слемови. Но и тука работата не е толку едноставна. Додека вкупната бројка е прво и јасно мерило (а Ѓоковиќ како 6 години помлад од Федерер, ако го послужи здравјето и тоа како ќе има време да ги достигне тие 20 титули, а може и рекордните на сите времиња, на девојката Маргарет Корт која има 24), може да се зборува и за други аспекти. На пример, дали ги имаат освоено сите 4 гренд-слеми во својата кариера? Тоа во машка конкуренција го имаат постигнато само 8 тенисери во историјата (покрај актуелниве тројца: Федерер, Надал и Ѓоковиќ, тоа се: Фред Пери, Дон Баџ, Род Лавер, Рој Емерсон и Андре Агаси). На легендарни играчи како Сампрас, Борг, Конорс, Лендл или Мекинро не им успеало тоа. А и од овие 8, само двајца го направиле тоа во иста календарска година (Баџ и Лавер). Ѓоковиќ пак е само третиот покрај нив, кој во исто време ги имаше титулите на сите 4 гренд-слема. Некои во анализата на изборот за најдобар, внесуваат и артистички елементи (стил на игра, уникатност на потезите, итн.), популарност кај публиката или пак, однесување надвор од теренот (дали е пример за другите).

Оваа дебата е можеби и вечна, т.е. зависно од постигнувањата во текот на целата кариера, можеби никогаш нема да има консензус (целосна согласност) за тоа кој е најдобар на сите времиња, меѓу другото и заради нашите лични мислења и симпатизерства кон еден или кон друг тенисер (или воопшто спортист… во фудбалот на пример дебатите се за Пеле или Марадона, или пак во последнава деценија за Меси или Роналдо).

Но, друго нешто ме замисли по овој повод – а тоа е, како една земја како Србија продуцирала ваков врвен и светски квалитетен спортист? Можеби нам комшиите ни изгледаат големи (со своите нешто под 8 милиони жители, не сметајќи го Косово, се 4 пати поголеми од нас), но во светски рамки се работи за мала држава. А и не е само Ѓоковиќ… две од нивните тенисерки (Ана Ивановиќ и Јелена Јанковиќ) своевремено беа први на светската ВТА листа, a и не е само тенисот – имаат светски прваци и во други спортови – веслање, борење, па и атлетика. А во колективни спортови – уште повеќе: ватерполистите веќе цела деценија „владеат“, а од минатиот месец шампионки се и одбојкарките. Кошаркарите во 2005 година станаа светски шампиони и тоа сред колевката на кошарката – САД и тоа преку нивниот шести „дрим тим“, а во 2015 нивните младинци (до 20 години) станаа и светски прваци во фудбал.

Не мора да се држиме само до примерот на Србија. Хрватите се двојно помалку од Србите (а двојно поголеми од нас), а се неколкукратни победници на сите големи ракометни натпревари. Нивните кошаркари стигнаа до финалето на олимпијадата во Барцелона 1992 година (веднаш по прогласувањето на независноста), а фудбалерите изминатово лето стигнаа исто така до финалето. Нивниот капитен Лука Модрич пак, стигна до признанието „најдобар на светот“ за 2018 година. Уште помалото (а според жители колку нас) Косово, во ликот на Мајлинда Келменди, доби олимписка шампионка во Рио де Жанеиро.

Во овој контекст, посебно импресивна ми е приказната на Словенија, која ете – е баш колку нас… и по површина на земјата и по број на жители. Пред неколку години имав можност да присуствувам на одбележувањето на 20-годишницата од нивната независност во еден од хотелите во Скопје. Во кратката презентација, тогашниот амбасадор Адам Бергант, направи интересни паралели – на политичките со спортските успеси. Па така, секој значаен настан во државата (прием во ОН, па НАТО, па во ЕУ и слично) го спореди со сличен спортски успех – пред се на Олимпијадите (зимските) и првенствата во зимски дисциплини (скијачки скокови, скијање, но и други). Од тогаш Словенија битно напредуваше и во колективните спортови, па нивните тимови во најпопуларните (барем кај нас) спортови, како фудбалот, кошарката и ракометот, стигнаа до учества на најзначајните манифестации – светските првенства.

Прашањето е значи, како речиси сите наши комшии и поранешни сограѓани од времето на Југославија (која патем и самата беше спортска велесила) се поуспешни од нас во спортот? Нашите најзначајни успеси како држава се во колективните спортови и тоа 4-то место во кошарка (Литванија, 2011 г.) и 5-то место во ракомет (Србија, 2012 г.), двете на Европски првенства (а не на светски првенства, до каде стигнуваме само во ракометот, но со пласмани од 9-то место надолу). Секако на клупски план, тоа се шампионските титули во ракомет на европско ниво, на Кометал Ѓорче Петров во женска и Вардар во машка конкуренција, кои се поврзуваат со посветеноста и финансирањето од среднорочен период од неколку години на клубовите од Трифун Костовски и Сергеј Самсоненко, респективно.

Големината (популацијата) на државата веројатно има врска, но очигледно не е пресудна. Словенија е иста со нас, а Хрватска и Србија, два односно три пати побројни, но сите се мали во светски рамки, а гледаме се компетитивни на глобалната сцена и стигаат до најзначајните трофеи.

Некои велат дека е тоа до системот, односно грижата за спортот од најрани возрасти и овозможување на услови за спортување од училишна возраст, а потоа активно вклучување на сите заинтересирани млади во клубови со соодветно внимание на нивниот раст и развој. Понатаму, насочено и континуирано финансирање на клубови во одредени спортови, заради стабилност во обезбедувањето на доволно и на нови (генерации) врвни спортисти. Во таа смисла, парите очигледно се повеќе стануваат битен фактор (и нашите два клупски проблесоци го потврдуваат тоа), но ако се сетиме на времето во Југославија – тие не беа ни фактор, а камоли битен.

Други пак ќе речат – до менталитетот е! Некои имаат победнички дух, а некои (мислејќи на нас) – немаат. И можеби е така – кога се  градеше на пример Портата Македонија, имаше изјави во смисла „кои тоа успеси/триумфи ние ќе ги славиме?“. Но ете, дочекавме низ неа да поминат и кошаркарите и ракометарите, дочекани од 100-илјадна публика, жедна за такви успеси (иако двете се вратија без медали). Ова не враќа на дилемата од пред некој напис – може ли да не биде како држава?

Да завршам од каде што почнав, со Ѓоковиќ. Една анегдота вели што е тајната на неговиот успех, па се констатира дека е тоа: 1% среќа, 9% талент и 90% напорна работа. Веројатно до тоа ќе е!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.