Денешна дата
08/08/2022

ПАНИКА ВО МАКЕДОНИЈА: ДАЛИ ИСИС ПЛАНИРА ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАДИ?

  • Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот не добил информации од МВР за спречениот терористички напад
  • Од Министерството за внатрешни работи велат дека се работи за осетлива тема, па затоа пласираат одбрани информации
  • 150 лица од Македонија заминале да се борат за ИСИС во 2017 година

 

Пишува: Александар Тодески

 

Веста за противпожарните возила повикани во амбасадата на САД неполни два часа пред Министерството за внатрешни работи (МВР) да излезе со соопштение дека е спречен терористички напад во Скопје создадоа голема паника во Македонија. Од МВР смируваат дека планираните акции на ИСИС се спречени, па нема место за паника.

Во Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот велат дека се уште немаат информации од МВР за настанот.

„Министерството за внатрешни работи се уште не ни дало повеќе информации во врска со овој случај“, вели за Инбокс7 заменик координаторот од Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам, Златко Апостолоски.

Дали на листата за терористички акции на ИСИС е и Македонија? Додека институциите молчат, експертите велат дека со распуштањето на ова терористичка организација во Сирија и Ирак многу нејзини припадници се вратени на нивните земји на потекло.

 

ОД ИСИС ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ВРАТЕНИ 80 ЛИЦА

 

Официјалните статистики за 2017 година говорат дека дури 150 лица ја напуштиле државава и се придружиле на терористичките групи во Сирија. Од нив 30 се убиени, 40 останале, додека пак 80 се вратиле назад во Македонија. За 2018 година, бројката останува непозната бидејќи се уште не се јавно објавени статистиките.

Министерството за внатрешни работи за Инбокс7 на средина на 2018 година даде речиси идентични бројки – 150 лица од Македонија кои се придружиле на терористички групи и 80 повратници. Наспроти светските статистики кои говорат дека 30 лица се убиени, информациите на Управата за безбедност и контраразузнавање говорат друго – дека 33 македонски државјани кои се приклучиле на терористичките групи се загинати. До 2017 година, 17 лица од повратниците се на издржување на затворска казна.

„Нивните патишта до Сирија и Ирак минувале преку Турција, по копнен или воздушен пат. Пред да заминат, лицата посетувале верски предавања на радикални имами, некои се радикализирале преку интернет (социјални мрежи), а некои преку лични контакти, од кои добивале и логистичка поддршка за нивно заминување и приклучување кон тамошните паравоени формации. Од превентивен аспект, се врши постојан оперативен увид врз активностите на повратниците во земјава“, стои во одговорот на МВР.

Во 2016 година, македонските власти во соработка со Албанија и Косово уапсиле 23 лица осомничени дека се дел од терористичка група. Во 2015 година пак, имало индиција дека 37 лица се дел од терористичка група, а уапсени се други 13 лица заради истото сомневање.

Овие официјални статистики за Македонија датираат од 2014 година, но за таа година истите не се впишани, бидејќи тогаш нашите власти официјално почнале да соработуваат со државите ширум светот во борбата против тероризмот.

 

ИВЗ: ПОТРЕБНА Е РЕСОЦИАЛИЗАЦИЈА НА ПОВРАТНИЦИТЕ

 

Поглаварот на Исламската верска заедница Реис ул-улема Сулејман ефенди Реџепи во 2015 година на прес конференција со амбасадорката на Франција, Лоренс Оер најави еден проект за ресоцијализација на повратниците од ИСИС. Овој проект ИВЗ го испрати до тогашниот премиер Никола Груевски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и сите амбасади во државава, но никој не дал финансии за него.

Портпаролот на поглаварот на ИВЗ, Агрон Војника за Инбокс7 вели дека овој проект не бил целосно прифатен и затоа останал само на хартија.

„Многу делови од проектот ги реализиравме со свои средства, на пример, сензибилизација на младите. Ние дадовме мислење дека затворот не е правиот начин да се справи со тие луѓе бидејќи тие поминале низ многу екстремни ситуации. Сметаме дека тие ќе го радикализираат самиот затвор, па затоа дадовме неколку совети како да се постапи. Со тие луѓе треба да се работи, треба да се вклучат социјални работници, но и целото општество, а не само да се затворат“, рече Војника.

Кога го прашавме какви информации имаат во врска со спречениот напад на ИСИС во Македонија, тој кратко одговори дека не може да даде информации за тој настан.

 

ПЛАНОВИ НА ИСИС ВО МАКЕДОНИЈА

 

Инаку, околу 19 часот во петокот, на 15 февруари медиумите добија известување од Министерството за внатрешни работи дека е спречен терористички напад. Малку подоцна се јави и амбасадата на САД, од каде ги предупредија нивните жители да внимаваат бидејќи е можен терористички напад. Во неделата пак, и Бугарија ги предупреди своите државјани да внимаваат каде се движат во Скопје поради истата причина.

„Министерството за внатрешни работи по претходно разменети оперативни сознанија со партнерска земја, во врска со потенцијални планови и намери за извршување на терористички акт на територијата на Република Северна Македонија од страна на припадници на радикални структури поддржувачи на ИСИС, спроведе оперативно-тактички мерки со цел идентификација на можните организатори, логистичари и потенцијалните извршители на нападот. Со цел попречување на терористичкиот напад и остварување на превентивната функција, Министерството за внатрешни работи изготви план на мерки и активности, за што обезбеди соодветни наредби за нивно спроведување. По добиените наредби на неколку локации на територијата на државата извршени се претреси при што се одземени предмети и уреди кои се поврзани со можниот напад. Министерството за внатрешни работи продолжува да спроведува дејствија, мерки и активности со кои се работи на осигурување на безбедноста на граѓаните“, стоеше во соопштението.

Во недостиг на информации, дел од медиумите шпекулираа дека се уапсени 20 лица за овој случај, а други пак, отидоа дотаму што објавуваа и какво оружје е запленето.

Според информациите на Инбокс7 ниту една од тие „ексклузивни“ вести не е точна, бидејќи се работи за строго доверлив материјал кој многу тешко може да излезе од институциите.

Американската амбасада ги повика своите граѓани да внимаваат каде се движат, алармира да се избегнуваат места каде што има многу гужви.

„Има зголемен ризик од терористички напади инспирирани од екстремистичката идеологија во Северна Македонија. Цел на терористичките организации и индивидуалците инспирирани од екстремистичката идеологија се места на кои има гужва и не предупредуваат. Препорачуваме жителите на САД кои допатувале тука да избегнуваат шопинг центри, пазари, аеродроми, хотели, ресторани, училишта, паркови како и јавни настани од висок профил (спортски настани, политички настани, протести и слично)“, стои во соопштението на амбасадата на САД.

Го контактиравме МВР, од каде ни рекоа дека тоа се информациите кои до сега можеле да ги споделат со јавноста, како и дека внимателно бирале што може да соопштат. Сепак, од таму тврдат дека во моментов нема место за паника бидејќи за други можни настани, Министерството ги следи сите движења и навремено ќе реагира.

Владимир Пивоваров

Експертот од областа на безбедноста, Владимир Пивоваров за Инбокс7 вели дека ниту една земја на светот не е сигурна за живеење. Според него, се е оставено на тоа колку разузнавачките служби се добри и преземаат мерки.

„Ниту една земја на светот не е сигурна, прашањето е какви мерки преземаат разузнавачките служби. Основна цел е да ги спречат овие напади, кога ќе спречат велиме дека се успешни. Заканата е зголемена сега, со членството во НАТО. И порано бевме таргет, бидејќи соработувавме во нивните мисии, а сега, откако сме де јуре членка на НАТО сме поголема цел. Терористичките акции бираат каде што ќе добијат најмногу, тоа се светските метрополи, главната цел е да ја анимираат светската јавност“, вели Пивоваров.

Според него, најголемото прашање е зошто службите дозволиле луѓето да заминат и да се борат со терористичките сили, бидејќи откако ќе заминат таму имаат најстрашни обуки за тоа како да војуваат.

Случајот е стигнат и во обвинителството за организиран криминал, кое сега ги вештачи сите предмети кои МВР ги одзело при акцијата. Освен оваа кратка изјава, од таму не сакаат да дадат повеќе информации.

 

И ВО 2016 ГОДИНА ИМАШЕ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД

На 10 ноември 2016 година, тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков излезе на прес конференција на која истакна дека две лица биле приведени поради сомневање дека планираат терористички напади и кои тој ги поврза со повратници од ИСИС, како дел од поширока регионална антитерористичка операција во која учествуваа македонските, албанските и косовските служби.

Чавков тогаш изјави дека приведените лица се на возраст од 23 и 24 години, еден од Арачиново и еден од Скопје. За двете лица, тој додаде дека имале информации дека се припадници на исламски радикализам, како и дека имаат поврзаност со повратници од ИСИС, но подетални информации за ова никогаш не беа соопштени.