Денешна дата
26/06/2022

СИТНИ СЛУЧАИ – ПРВИ НА ЛИСТАТА ЗА КАЗНУВАЊЕ НА НОВИТЕ АНТИКОРУПЦИНЕРИ

  • Таргетираните декани тврдат дека постапката е забрзана и без основа, но со надеж дека станува збор за технички и ненамерен пропуст
  • Дел од деканите пак, признаваат дека со право се нашле на листата поради неисполнување на законските обврски
  • Од ДКСК велат дека „ до техничка  грешка во евиденција на пријавите може да дојде кога има повеќекратно зголемен прилив на пријави, барање мислења, анкетни листови и изјави за интереси кое вообичаено се случува после изборен циклус во државата“

 

Пишува: Љубица Иванова

 

Будењето на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) од длабокиот сон во кој долг период беше навлезена, побуди надежи кај јавноста дека конечно ова независно тело ќе почне посериозно да се бори со корупцијата. Новиот состав на Комисијата веднаш се фати за работа, па по цела година исчекување презеде активности.

Иако се очекуваше да се зафатат со големи коруптивни зделки, сепак на приоритетната листа се најдоа анкетните имотни листови на деканите на повеќе факултети во земјава.

„При вршење на увид, комисијата констатираше дека одреден број од ректорите, деканите, директорите и заменици директори на институти при сите државни универзитети во Република Северна Македонија не поднеле Анкетен лист за имотната состојба по изборот/именувањето на функцијата поради што на 4-тата седница одржана на 07.03.2019 година, ДКСК заклучи да поведе прекршочни постапки согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Законот за прекршоците“, информираше Антикорупциската.

 

 

РЕАГИРААТ ДЕКАНИТЕ, ВЕЛАТ СЕ РАБОТИ ЗА ПРОПУСТ

 

Но, и оваа првична активност на антикорупционерите како да беше промашување. Имено,  станува збор за непријавување на имот, односно за непополнување на имотни листови на дел од деканите на македонските факултети.

Реакциите на широката јавност беа дека новите антикорупционери се фатиле за маргините на корупцијата, а од професорската фела реагираат дека податоците што ги објавила Комисијата се делумно неточни.

Таргетираните тврдат дека постапката е забрзана и без онова, но со надеж дека станува збор за технички и ненамерен пропуст.

Од Центар за информации на Универзитет „Мајка Тереза“ известија: „Го изразуваме нашето изненадување за оваа предвремена постапка на членовите на оваа почитувана Комисија, и покренувањето на прекршочна постапка пред законскио утврдениот рок, согласно Законот за спречување на корупција, според кој треба да дејствува комисијата“.

„В.Д. деканите на УМТ ја презедоа функцијата на 16 февруари оваа година, а Законот за спречување на корупцијата им дава право да го достават анкетниот лист, во рок од 30 дена од денот на преземањето на функцијата,  според кој, имаат уште 10 дена време да го сторат истото.“, велат во писмениот одговор претставници на овој универзитет.

Реагираше и деканот на Стоматолошкиот факултет во Скопје, Ќиро Ивановски. Тој потврди дека во предвидениот рок до  Комисијата испратил анкетен лист и дека очигледно тамошната администрација тоа не го ажурирала па го објавила на веб својата страна во редот  меѓу тие кои такви листи не доставиле.

Инбокс7 се обиде да стапи во контакт со лицата за кои ДКСК поведе прекршочни пријави.

Телефонски, од лицето задолжено за слободен пристап до информации од јавен карактер во Државната комисија за спречување на корупција, Славко Ѓорѓески, ја побаравме листата со декани и директори до кои се поднесени прекршочни пријави поради недоставени Анкетни листови за имот. Меѓутоа, Ѓорѓески констатираше дека листата не може да ни ја испрати поради водење сметка за презумпција на невиност на лицата.
Но на јавната седница на Антикорупциска имињата беа веќе кажани, па листата ја најдовме веѓе објавена во повеѓе медиуми.

Проф. д-р Никола В. Димитров, декан  на Факултет за туризам и бизнис логистика при  Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ни изјави:„ Пополнетите Анкетни листови од сите декани на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип до Државната комисија за спречување на корупција се испратени. “

Проф. Сашо Јосимовски, в.д декан – Економски Факултет при УКИМ вели:
Мислам дека ќе биде добро да се јавите до Комисијата и да ја прашате зошто објавува дека в.д деканот на Економски Факултет не ја обавил обврската за поднесување анкетен лист, кога е назначен на 18 Февруари 2019 година и има законски рок од 30 дена. За нивниот пропуст веќе им укажав. Инаку во законскиот рок веќе поднесов анкетен лист.

Проф. Д-р Кирил Сотировски, декан -Шумарски факултет при УКИМ ги демантира наводите од ДКСК. Откако проверив низ мојата дигитална и обична архива, и пронајдов соодветни записи и документи, го демантирав наодот на ДКСК, приложувајќи ја првата страна од анкетниот лист кој сум го поднел во УЈП, на 29.12.2016, на 36 дена по моето назначување за вд декан на ШФ (6 дена по рокот). Во истиот ден сум поднел и во просториите на ДКСК т.н. „Изјава за интереси“.Заедно со демантот, јас пишав до ДКСК, и ги известив за истото“.

Сотировски објаснува дека оттаму добил многу краток одговор дека тие немаат пронајдено документи кај нив за тоа што го тврдам. На негово повторно пишување до нив, и сугерирање да побараат во архива на посочениот ден (29.12.2016 г.) и сугестија да го побараат по телефон, се слушнал со одговорно лице кое го повторило истото.

„Имавме разговор од кој мене ми стана јасно дека тие во принцип не комуницирале со УЈП, и дека моето поднесување на анкетниот лист таму останало на хартија, и не го внеле. На мое прашање, што натаму, како да постапувам, и како може јас да сум крив што системот не функционира, господинот на некој начин се запраша „не знам зашто сте поднеле во УЈП“ (или слично на тоа). И беше неодреден во однос на тоа што натаму, освен да направам повторно пријава, со моменталната состојба. Мене ми е состојбата променета, односно намалена, и сакам да остане трага од тоа.
Накратко кажано, јас за обврската знаев и бев известуван соодветно од нашата правничка, и иако со мало задоцнување, ја исполнив и пријавив соодветно“,
вели Сотировски.

 

ДЕЛ ОД ДЕКАНИТЕ ЈА ПРИЗНАВААТ ВИНАТА


Дел од деканите пак, признаваат дека со право се нашле на листата поради неисполнување на законските обврски.

Еден од нив е проф. Јон Магдески, декан – Технолошко-металуршки Факултет при УКИМ. „На почетокот од мојот мандат за декан бев известен од Секретарот на Факултетот дека треба да пополнам  формулар за мојата имотна состојба но не го направив тоа веднаш. Во меѓувреме се зафатив со други активности и проблеми како на секој почеток од мандат и едноставно заборавив да ја пополнам пријавата.“

 

Инбокс7 побара од генералниот секретар на ДКСК, Розета Трајан да даде кратко објаснување за тоа како функционира администрацијата во ДКСК, во контекст на тоа дали е можно да дојде до грешки при евидентирање на пријави. Исто така ја запрашавме како дошло до случајот од ДКСК да се констатира дека личностите не поднеле пријави навремено, ако тие веќе го сториле тоа, меѓутоа одговорите не ни открија речиси ништо повеќе од тоа што веќе ни беше познато од официјалното соопштение од комисијата .

„По однос на поставените прашања ДКСК Ве информира дека до техничка  грешка во евиденција на пријавите може да дојде кога има повеќекратно зголемен прилив на пријави, барање мислења,анкетни листови и изјави за интереси кое вообичаено се случува после изборен циклус во државата. Притоа сакаме да нагласиме дека секој документ кој е пристигнат во ДКСК е заверен и уредно архивиран“, вели Трајан. „Државната комисија за спречување на корупцијата наоѓа за потребно да укаже дека до пропустот е дојдено поради тоа што од страна на надлежните институции кои вршат избор и именување неажурно се доставуваат податоци за Регистарот на избрани и именувани лица, што е законска обврска, така што Државната комисија за спречување на корупцијата нема точен увид за тоа кога одредени лица се избрани или именувани на функција што е една од основните намени за кои е воспоставен Регистарот“.

Во таа насока Трајан дополнува дека ДКСК од истата седница упатила Јавен повик до сите раководители на институции кои вршат избор или именување или од нив овластени лица доследно да ја спроведуваат законската обврска за доставување податоци или дека во спротивно Државната комисија за спречување на корупцијата ќе поведе соодветни постапки предвидени со закон.

„Проверката која ја спроведе ДКСК до 07.03.2019 година се однесува на тоа дали ректорите, деканите, директорите и заменици директори на институти имаат поднесено Анкетен лист во законски утврдениот рок, под претпоставка дека за време на изборниот период согласно член 8а од Изборниот законик и член 34 став 3 од ЗСКСИ не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен односво државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи“, вели Розета Трајан.

 

КАКО ДА СЕ ИЗЛЕЗЕ ОД ДНОТО НА ЛИСТАТА ЗА НАЈКОРУПИРАНИ ЗЕМЈИ?

 

Индексот на перцепција на корупција во Република Северна Македонија е блиску до дното според годишниот извештај на Транспаренси интернешнл. Македонија со индекс 37, се најде на 93то место, од 183 земји опфатени во анализата. Извештајот на Прибе исто така покажа огромен степен на корупција во земјава, следствено на овие и многу други извештаи поврзани со висока корупција, со нетрпение се исчекуваше формирањето на новиот состав на Антикорупциска, со цел зајакнување на борбата против корупција.
После цела година отсуство на комисија за Антикорупциска, по изборот на новите членови на ДКСК, пред сè јавноста очекува обелоденување на случаите од висока корупција, кои воедно и придонесоа за лошите оценки од Транспаренси интернешнал, Прибе, и сл.

Злоупотреба на службена должност, милионски јавни набавки, се само дел од коруптивните зделки кои кружат низ јавноста без никакви судски разврски.
По разрешувањето на членови од ДКСК во март минатата година, поради што ДКСК немаше можност да одлучува и решава по однос на доставени барања и пријави, новите членови свесни за досегашната неефикасност на Антикорупциска, најавуваа големи институционална ангажираност  и обелоденувања на корупции.

И додека цела една година се полнеше архивата на Државната комисија за спречување на корупција, новиот состав на ДКСК реши да се позанимава со анкетните имотни листови кои деканите, директорите на државните универзитети не ги доставиле (или ги доставиле). Условно речено ситни форми на корупција (чии што елементи на корупција секако не ги оспоруваме).