Денешна дата
01/12/2021

ДАТУМОТ ЗА ПРЕГОВОРИ ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК ЗАРАДИ РЕФОРМИТЕ, КОРУПЦИЈАТА И ИЗБОРИТЕ

  • Ред честитки и пофалби, ред пораки и предупредувања за исполнување на обврските неопходни за започнување на пристапните преговори со Европската унија.

 

  • Какви оценки ќе добиеме таков ќе биде и исходот со започнувањето на преговорите со Европската унија што треба да се случи во јуни.

 

  • Експертите оценуваат дека не смее да се дозволи да се испушти шансата зашто тоа би значело голем удар за земјава.

 

 

 

Пишува: Светлана Унковска

 

 

Уште неполни два месеца има земјава до затворањето на извештајот со кој ќе се одредува успехот во реформите од што ќе зависи и започнувањето на преговорите за членство, што треба да се случи во јуни годинава. Иако во Брисел беше забележливо расположението и со силни насмевки и прегратки меѓу премиерот Зоран Заев и еврокомесарот Јоханес Хан и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, сепак пораките јасно укажуваат дека има уште многу да се работи.

 

„Почетокот на преговорите за пристапување годинава е и останува стратешка цел. Не само за Владата туку и за целата земја. Мора да кажам дека ние од наша страна ја потврдивме нашата решеност да ги поддржиме сите политички сили на Северна Македонија да ја постигнат оваа цел која е заедничка“, порача Могерини. Таа додаде дека актуелната политика е само доказ дека е можно да се постигнат, како што рече, историски резултати во рамките на односите со соседите и во меѓувреме да се остане фокусиран на агендата на евроинтеграциите и реформите.

 

ЊУЈОРК ТАЈМС ПОСОЧУВА ДЕКА ЗЕМЈАВА Е ПРЕД ЗАПОЧНУВАЊЕ ПРЕГОВОРИ

 

И американски „Њујорк Тајмс“ пренесува дека шефицата на дипломатијата на Европската Унија изјавила дека целта е да се започне преговори за членство со нашата земја во јуни, откако беше отстранета најголемата пречка за да се приклучи со промената на името минатиот месец.

 

„Шефицата на надворешната политика на Европската унија Федерика Могерини во четвртокот изјави дека „нашата заедничка цел е да имаме зелено светло за да почнеме преговори во јуни“. Поранешната Југословенска Република официјално го смени името Македонија за да се отстранат пречките од Грција, која има голема провинција со исто име, отворајќи го патот кон можно членство во ЕУ и НАТО. Но, Северна Македонија останува заглавено со жестокото политички ривалство, откако Европската унија ја повикуваат да продолжи со политичките и судските реформи и да се справи со корупцијата“, пренесува Њујорк Тајмс.

 

Комесарот за проширување Јоханес Хан, пак, потсети на обврските што се уште не се завршени а тоа се реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на разузнавачките служби и јавната администрација. Но, тој подвлече дека реформите не треба да се формални, туку граѓаните треба да имаат бенефит од нив.

 

„Денеска многу слушнавме за прогресот, но морам да ве охрабрам да продолжите а не да ги забавите сите тие напори. Промените во легислативата се позитивни и неопходни, но сакаме да видиме и трајна промена на менталитетот и однесувањето. Тоа е нешто што е многу поважно во поглед на успешен процес за зачленување во ЕУ“, истакна Хан.

 

СЛЕДИ ТРКА СО ВРЕМЕТО ЗА ДА СЕ СТИГНЕ ЈУНИ

 

Ваквите пораки упатени од Могерини и Хан на Советот за стабилизација и асоцијација во Брисел се вообичаени, имајќи во предвид дека годинешниот извештај на Европската комисија (ЕК) е се уште во подготовка, смета Симонида Кацарска, извршен директор на Институтот за европски политики.

Симонида Кацарска

Последните месец-два од подготовката на Извештајот често се трка со времето. Со овие изјави претставниците на Европската комисија креираат дополнителен притисок и очекувања од реформските процеси. Од изјавите, сепак, може да се заклучи дека ЕК во овој период значително не поддржува, но одлуката за преговори не зависи од Комисијата, туку од земјите членки каде што има поинаква динамика“, посочува Кацарска.

 

Ваквата оценка беше спомената и на самиот состанок во Брисел, кога за прашањето дали Франција можеби ќе биде пречка поради тоа што е противник за натамошно проширување на Унијата, Могерини порача дека одлуката не ја носи една земја или друга, туку сите заеднички, а ќе се заснова на извештајот на ЕК.

 

Но европските дипломати секако не заборавија да не потсетат дека тие очекуваат сериозни реформи во судството, а по последните несогласување на власта и опозицијата околу идниот статус на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Хан одби да зборува за тој проблем велејќи дека тоа треба да се реши внатре во државата, но сепак посочи дека очекува да има соодветно законско решение.

 

СЈО ДА СЕ РЕШИ И ЧИСТИ УСПЕШНИ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ

 

Универзитетскиот професор Мерсел Биљали вели дека, покрај тоа што ја охрабруваат власта и што и праќаат порака на опозицијата за исполнување на важните сегменти за да можеме да стартуваме со преговорите, секако тие во фокус ја имаат и ситуацијата со решавањето на статусот на СЈО, кое, како што истакнува може дури и да биде пречка за преговорите.

Мерсел Биљали

Тие со дипломатски речник ни кажуваат дека тоа прашање треба внатрешно да си го решиме преку домашните органи и институции. Реалното сепак, е предупредувањето – решете го вие што побрзо инаку во спротивно можно е да се сносат и последици. Практично, недобивањето преговори во јуни би бил голем удар“, анализира професорот Биљали.

 

Кацарска се согласува дека долгорочното решение за обвинителството на Катица Јанева е од посебно значење.

 

Решението за СЈО е во секој случај еден од клучните елементи на стратегијата за реформа на правосудството и има значење за исполнување на условите поставени на Советот на ЕУ од јуни 2018 година во однос на владеење на правото, како и борбата против корупцијата. Поради тоа, истото не треба да се гледа како изолиран случај, туку како основа за исполнување на мноштво критериуми за членство во ЕУ“, смета Кацарска.

 

Сепак, изјавите на Хан и Могерини за претстојните претседателски избори во кој што рекоа дека е потребно да се покаже демократска зрелост и дека будно ќе го следат изборниот процес го крена сомневањето на јавноста дали со тоа европските дипломати предупредуваат дека опозицијата планира бојкотирање на вториот круг на изборите. Директорката на Институтот за европски политики Кацарска вели дека тоа е вообичаено и секои избори се следат од нивна страна.

 

Спроведувањето на изборите во секој случај се следи од страна на европските претставници и ќе биде рефлектирано во наодите на извештајот на Европската комисија за нашата земја во областа демократија и владеење на правото. Регуларноста на изборниот процес ќе биде оценета во извештајот преку оценките на ОБСЕ/ОДИХР и ќе биде тест за демократската зрелост на земјава“, истакнува Кацарска.

 

На иста линија е и Биљали, но тој додава дека сепак се праќа порака и до опозицијата да се однесува фер и демократски и да не размислува на поинакви сценарија.

 

Меѓу редови се чита и порака до опозицијата да не размислува поради нивни дневно политички прашања да ги бојкотира изборите со што би се срушил цензусот. Тоа не само што би отворило некакво ново поглавје на криза, туку практично би значело и неизвесност во повеќе сегменти“, оценува Биљали.

 

Освен регуларни и успешни избори, клучни услови за добивање на датум за преговори се очекува да бидат и овозможувањето на протокот на информации помеѓу финансиската полиција и разузнавачките служби за поефикасна борба против перење пари, резултатите и зајакнувањето на капацитетите на Антикорупциската комисија, реформирање и автономија на Судскиот совет и Советот на обвинители, дефинирањето на јасни дисциплински мерки против судиите и обвинителите кои ги прекршуваат законите и одредбите како и конкретните резултати од областа на сузбивање на организираниот криминал.

Latest posts by Администратор (see all)