Денешна дата
21/10/2021

КОИ СЕ СУДИИТЕ КОИ СТЕЈТ-ДЕПАРМЕНТОТ ГИ НОТИРАШЕ КАКО ПОЛИТИЗИРАНИ?

  • Судиите со цврсти докази за партизираност се најдоа во извештајот на Стејт-департментот
  • Владимир Панчевски, кој не ја крие приврзаноста кон ВМРО-ДПМНЕ, е еден од судиите за кои е нотирано дека дозволиле политичко мешање во судството
  • Ни трага ни глас за одлуката на судии да не им се суди за случајот „Титаник“ на СЈО

 

Пишува: Александар Тодески

 

Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, актуелниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, судијата во Кривичниот суд, Сoфија Лаличиќ, поранешната членка на Судскиот совет, Александра Зафировска и Светлана Костовска од Вишиот Управен суд се петмината судии кои, според Извештајот на американскиот Стејт-департмент, дозволиле политиката директно да се вмеша во судството. Но, кои се овие судии?

 

ПАРТИСКИТЕ ВРАБОТУВАЊА СТИГНАА И ДО СУДОВИТЕ

Софија Лаличиќ

„Бомбите“ на премиерот Зоран Заев како лидер на опозицијата ги открија скандалите во судството, но и дел од судиите кои работеле по партиска директива од сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Овие судии беа нотирани и во извештаите на СЈО, а против дел од нив има постапки за злоупотреба на Акмис-системот, кој автоматски бира и доделува предмети кај судии.

Разговорите на судијката Лаличиќ со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков беа меѓу оние јавно објавени, на кои се слуша како тој и кажува дека „работата е средена“ и дека таа станува судија.

 

 

Разговор помеѓу Софија Лаличиќ и Сашо Мијалков

СМ: Што праиш?
СЛ: Ништо еве во Охрид сум.
СМ: Има снег?
СЛ: Многу.
СМ: Многу!?
СЛ: Многу, да.
СМ: Е па тоа е добро. Ќе памтиме дека со првиот снег некои работи се завршиле.
СЛ: Ме зезаш?
СМ: Да, ајде, со среќа нека ти е.
СЛ: За кога?
СМ: Понеделник.
СЛ: Ме зезаш?
СМ: Не те зезам, бе. Само не збори на никој, ништо.
СЛ: Не, не, не.
СМ: На никој. Само за себе држи си го ова.
СЛ: Како!? Добро. А што сакав да те прашам. Другите кои ги договоривте?
СМ: Уште една таа од КС, како се викаше?
СЛ: Лидија Тупанчевска, ме зезаш?
СМ: Не, Петровска бе, не Тупанчевска.
СЛ: Тупанчевска се презива, таа му е на Тупанчевски братучетка.
СМ: А?
СЛ: Тоа и е моминско, и е Тупанчевска, Петровска и е од мажот.

 

Светлана Костовска

Во еден од извештаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), за Лаличиќ пишува дека „нејзините конекции со извршната власт не завршуваат со изборот за судија, туку напротив уште повеќе се интензивираат„. „Задоволување на приватни интереси и интереси на нејзини блиски луѓе, споделување информации до кои дошла при вршење на функцијата за цели кои не биле поврзани со судиските должности, запознавање на трети лица со внатрешните состојби и односи во судот, недостоинствено однесување во личните и социјални односи и дозволување истите да влијаат на несоодветен начин во нејзиното однесување при вршење на функцијата се само дел од начините на кои била користена моќта која ја носи судиската функција“.

Уште една судијка од „бомбите“ се најде на тапет од Стејт-депарментот. Судијка, истовремено вработена во Управата за безбедност и контраразузнавање – Светлана Костовска исто така е посочена како судија во служба на партиски интереси. За неа „бомбите“ исто така покажаа дека Сашо Мијалков телефонски ја известува дека ќе стане судија, избрана партиски.

 

 

Разговор помеѓу Светлана Костовска и Сашо Мијалков

СМ: Ало.
СК: Ало.
СМ: Светле, што праиш?
СК: Еве се спремам директоре.
СМ: Се спремаш а?
СК: Да.
СМ: Е па, сакав да ти кажам една работа сега. Ќе те бираме за судија или не те бираме?
СК: Како нема да ме бирате?
СМ: А?
СК: Јас би сакала да ме бирате.
СМ: Е па добро, јас средив работа да бидеш избрана.
СК: Да?
СМ: Да. Што значи ќе треба да ме частиш.
СК: Ееее, цел живот ќе Ви бидам должна.

 

По „чешлањето“ од страна на Специјалното јавно обвинителство, се дозна и за нејзината двојна работа – во Вишиот Управен суд и во Управата за безбедност и контраразузнавање.

„Според нејзината професионална биографија објавена на Судскиот портал на Вишиот управен суд на Република Македонија, во периодот од 2005 година па сѐ до нејзиното заминување во 2011 година Светлана Костова е на позиција началник на Сектор за менаџмент и едукација во Управата за безбедност и контраразузнавање. Во периодот од избор за судија во Виш управен суд во март 2011 година, па сѐ до стапувањето на функција на 1.07.2011 година, според податоците од Агенцијата за вработување на Република Македонија, Костова продолжува со работа во Министерството за внатрешни работи. Фактот дека Светлана Костова паралелно извршувала работни задачи и како судија и во Управата за безбедност и контраразузнавање несомнено го доведува во прашање како нејзиниот личен интегритет, така и институционалната независност на судиската функција“, пишува во еден од извештаите на СЈО.

 


Александра Зафировска – член и поранешен претседател на Судскиот совет, е исто така судија чие име е запишано во извештајот од Стејт-департментот. Нејзиното работење е наведено како подобно за претходната власт, а се потврдило и во „бомбите“, делот кој не беше објавен во јавноста, но и најавата кај екс премиерот Никола Груевски дека ќе се распишуваат огласи за судии и претседатели на судови.

 

 

Разговор помеѓу Александра Зафировска и Ленче Самарџиевска (Секретарка на Груевски)

АЗ: Ало?
ЛС: Ало, добар ден.
АЗ: Добар ден.
ЛС: Александра, Ленче е. Сте ме барале, ми кажаа колешките.
АЗ: Да моменат само. (Значи, почекајте ме надвор, сега ќе ве викнам) Вака…
ЛС: Е, да.
АЗ: Се договоривме на минатиот состанок, да го известам Премиерот, кога ќе…ова…распишам оглас, значи, пред да распишам оглас за судии.
ЛС: Добро.
АЗ: Значи, да го известите дека ќе распишам оглас за двајца судии на Апелација Скопје…
ЛС: Добро.
АЗ: За претседател на Основен суд Скопје I, и за претседател на Основен суд Кратово.
ЛС: ….Скопје I и за претседател на
АЗ: ….Основен суд Кратово.
ЛС: Во ред.
АЗ: Значи, ќе следи оглас за овие места.
ЛС: Добро, во ред, ќе го известам.
АЗ: Е така.
ЛС: Добро, благодарам, пријатно.
АЗ: Ајде, пријатно.
 

 

СЈО за неа напиша дека го известувала екс премиерот Никола Груевски при носење на значајни одлуки во Судскиот совет, но и го консултирала за избор на судии и стручни соработници.

„Додека таа ја вршела функцијата претседател на Судскиот совет била во постојана координација со извршната власт. Содржината на аудиоматеријалите несомнено упатува на заклучок дека тогашниот премиер на Владата не само што бил известуван и консултиран при носењето на најзначајните одлуки на Судскиот совет туку истиот имал клучна улога при изборот на судии и стручни соработници“, пишува во еден од извештаите.

 

ОСОМНИЧЕНИ ДЕЛ ОД „ПАРТИЗИРАНИТЕ СУДИИ“

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кум на екс претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, е еден од судиите чие име е забележано како „политички подобен судија“. Тој беше споменат и во „бомбите“, за случај на братот на Лина Петровска, член на Судскиот совет.

 

 

Разговор на Гордана Јанкуловска и Михајло Маневски

ГЈ: Сакав една консултација со тебе. Ми пишала Лина, знаеш од Судски совет, за тој проблемот што го имаше со брат и. Што може да се направи? Пошто тогаш се јавивме нели, помина како што треба на Апелација. Сега она имала сознанија дека на Врховен има веќе донесена одлука негативна.
ММ: Абе, тоа го средија Трајко и Јово. Значи, толку е запнат тој Трајко. Таа ни е џокер. Без неа не можеме да избереме ни да разрешиме. Вчера разговарав со Трајко. Тој пред уште малку замери.
ГЈ: Да де
ММ: Ама, бикам чекај бе човече. Што си фатил толку за човекот? Па тој не е ни тука, отиде за Америка. Четири години ќе биде таму. Што сега? А знаеш ли колку ќе ни биде важна, Трајко бе? Не јас не го примам него, он ми барал пари. Аман бе, поголема е оваа работа отколку она што ти го… Сега тераш некој инает таму, а поголемите интереси ги запоставуваш. Еве, сега ќе бираме претседател на Врховен суд, како сега да ја убедувам? У вторник.
ГЈ: Да, да, да
ММ: Не знам да ти кажам и некни ми се јави. Трајко абе што толку запна со тој човек? Па б
ашка не е тука… отиде таму човекот… не знам, овде направи многу проблем човекот. И тоа преку ред го зеле, ревизијата преку ред ја зеле, со Јово ја уредиле работата и ги укинале двете пресуди и ги вратиле на повторно разгледување. Толку направиле, значи страшно ни направија проблем. Неверојатен проблем ми направија!
ГЈ: Значи, џабе да му вртам на Јово кога…
ММ: Кога он го направи тоа со Трајко. Џабе ќе му вртиш. Ништо. Сега ние ќе ја убедуваме. Има она некоја ќерка, па бара она да ја примиме како приправник.
ГЈ: Нема проблем за тоа!
ММ: Ама, знам дека ќе има. Ајде сега еве пак да и ветиме. Ај ние ќе ја истераме и на првостепен и на второстепен…
ГЈ: Ќе истераме до Апелација. Ништо. Тогаш ич. Глеам ја сабајле ми пишала, ама прво сакав да те чујам пред да и се јавам. Штом е трака, ништо, ќе и кажам дека не можам со Јово.
ММ: Знае она, знае од каде дува ветерот. Знае она, знае.
ГЈ: А после тоа и премиерот ако треба ќе го замолиме да збори со Јово.
ММ: Па, ние ќе ја тераме сега првостепен…
ГЈ: А бе, еднаш и он збореше у мое присуство и у твое кога му рече на Трајко и на Јово!
ММ: Не знам на луѓево што им е! Не знам што им е! Ем му кажувам: слушај таа жена ни е џокер. Без неа немаме избор, немаме разрешување (заб: на судии во РСС). И сега што да му кажам?
ГЈ: И за него треба да го бирате сега у понеделник. Не, сериозно! Треба ти да му кажеш: сега иди ти договори!

 

Инаку Вангеловски беше на распит за злоупотреба на Акмис-систмот, затоа што се местеле случаите на СЈО кај подобни судии. По промената на претседателот на Кривичниот суд и по прераспоредувањето на судии, случаите на СЈО добија нови судии и почнаа од почеток.

Во еден од извештаите на СЈО, неговото име беше посочено дека како претседател на Врховниот суд изнесувал информации за судски предмети, интервенирал за предмети кај судии, работел непрофесионално по инструкции на високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, а сето тоа се дознало преку телефонските разговори кои не беа објавени во јавноста.


И судијата Владимир Панчевски во извештајот на Стејт-департментот е запишан како судија близок до политичките кругови. За разлика од останатите четворица судии, Панчевски не ги крие своите политички ставови блиски до опозициската ВМРО-ДПМНЕ и јавно ги објавува на својот Фејсбук профил.

Неговото име одекна во јавноста со низа скандали, меѓу другото и за неговата нелегална доградба во строгиот центар на Скопје, која Општина Центар под раководство на Андреј Жерновски ја урна.

Сега и тој е осомничен за злоупотреба на Акмис-системот. Токму оваа негова злоупотреба е наведена во извештајот на Стејт-департментот, со која предметите на СЈО оделе во раце на веќе одбрани судии.

И покрај низата скандали на Панчевски, тој се уште е судија во Основниот суд Скопје 1, а до 2016 година беше претседател на овој суд.

 

 

ОД „СВАРОВСКИ“ ВО „КАЦАРСКА“ СУДСТВО?

 

Наместо „Сваровски судството“, наречено по еден разговор од „бомбите“ каде за судијката Лидија Петровска се вели дека го купила цело „Сваровски“ за да биде избрана, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицскоски се обидува за судството да ја наметне флоскулата „Кацарска судство“, за што коментираше и судијката по која Мицкоски го нарече така судството.

„Кога првиот пат го слушнав Мицкоски како го кажа тоа „Кацарска судство“, слатко се насмеав. Мицкоски како сака да стави знак на равенство помеѓу мојата работа и работата на некои судии од едно не така дамнешно време. Мицкоски е претседател и член на политичка партија, можеби тој има сознанија дека некој некогаш нарачувал пресуди, но пред целата јавност ќе кажам, безмалку 33 години судски стаж, никој не се осмелил да ми каже каква пресуда ќе донесам“, рече судијката Кацарска во гостувањето во емисијата „Правда и неправда“ на 1ТВ.

 

 

СУДИИТЕ ОД „ТИТАНИК“ ГИ НЕМА НИКАДЕ

 

Кога СЈО го отвори случајот „Титаник“, во него беа вклучени и пет судии од Управниот суд. И тие, како останатите обвинети за кои тече судската постапка, требаше да се бранат пред кривичен судија. Но, кога овој случај дојде пред судијата, се донесе одлука за судиите од Управниот суд да не се поведува постапка.

СЈО се жалеше за одбивањето, но и Апелациониот суд пред речиси една година ја одби нивната жалба и одлучи идентично како Кривичниот суд – дека против петмината судии, осомничени за серија изборни нерегуларности пред, за време и по локалните избори во 2013 година нема да има постапка.

Овие петмина судии не се нотирани во извештајот на Стејт-департментот, иако доколку се докажеше нивната вина преку судска постапка, нивната партизираност ќе беше видлива идентично како и на оние судии кои се најдоа во годинешниот извештај.