Денешна дата
21/10/2021

ВЛАСТА ГО ЗАБОРАВИ ФОНДОТ ЗА СТРАНСКО ЛЕКУВАЊЕ, БОЛНИТЕ СЕ УШТЕ ЗАВИСАТ ОД ХУМАНОСТА НА ГРАЃАНИТЕ

  • Моментално на веб страната на „Донации“ која презема апели од операторите „Вип Донации“ и од „Фондација Телеком Мк“ со цел нивна поголема распространетост, има 33 активни апели за помош на физички лица.
  • Пред парламентарните избори премиерот Зоран Заев, како лидер на тогашната опозиција, најави држава за граѓаните, а не за луѓето од власта.

 

  • После изминати речиси 3 години „Фондот за финансирање на лекувањето во странство на деца до 18 години“ сеуште не е формиран, ниту пак има индиции за такво нешто.

 

Пишува: Љубица Иванова

 

Иако државата со закон е задолжена да пружи здравствена заштита на граѓаните, се позачестена е појавата на ширење на апели за помош за лекување на болни. По социјалните мрежи дневно во просек има по десетина објави каде што се бара помош во вид на парични средства за лекување. Најчесто станува збор за лекувања во странство бидејќи во државата не постои соодветна опрема или, пак, има недостаток од лекари во специјална област за конкретната болест. Главно од тие причини граѓаните во се поголем број се принудени за своето здравје да бараат надеж во други држави.

 

НАД 30 АКТИВНИ АПЕЛИ ЗА ПОМОШ

 

На помош се донациите по разни основи. Преку СМС пораки и повици за уплати на банкарски сметки, потоа солидарно собирање на средства во школи, по плоштади, низ кафулиња, организирање музички настани и преку други активности. Со една цел да се приберат потребните средства за лекување во странство.

Моментално на веб страната на  „Донации“ која презема апели од операторите „Вип Донации“ и од „Фондација Телеком Мк“ со цел нивна поголема распространетост, има 33 активни апели за помош на физички лица. Претежно станува збор за мали деца и за млади луѓе на возраст до триесетина години.

Здружението „Хуманост без граници“ е едно од поактивните во помагање на болните за остварување на нивните цели. Функционира врз база на константно објавување и споделување на апели од граѓаните на кои им е потребна парична помош за лекување во странство. Здружението дејствува преку страницата „donacii.mk“, со цел таа да биде централно место каде ќе бидат објавени сите актуелни апели за помош. Граѓаните и правните субјекти преку оваа интернет страница лесно можат да се вклучат во хуманитарните акции, а оној кој има потреба од помош полесно да ги собере потребните средства.

 

„Во текот на нашето дејствување, имавме различен пристап околу објавувањето на

апели за помош и социјални апели кои се преземени од мобилните оператори, од други

портали и од лица кои директно ни се обратиле. Иако цело време водени од идејата да помогнеме, за жал, често наидувавме на искористување и злоупотреба на нашето дејствување. Затоа, денес на веб страницата donacii.mk објавуваме апели за помош од мобилните оператори, а на социјалните мрежи може да споделиме апел за помош или социјален апел, само со споделување на оригиналниот извор“, велат од „Хуманост без граници“.

 

Во период од 8 години само ова здружение споделило над 1.000 апели за помош на болни лица. Велат дека ова е бројка со која не се гордеат, бидејќи е поразителен факт за лошото функционирање на здравствениот систем.

 

ЗАБОРАВЕНИ ВЕТУВАЊА НА БИВШАТА ОПОЗИЦИЈА

 

Должноста на државата да обезбедува уживање на правото на здравствена заштита, како да избледува постепено. Како што носителите на функции доаѓаат на власт така и нивните предизборни ветувања заминуваат во минатото.

Во „План за живот во Македонија“ – кампањата на СДСМ  за парламентарни избори 2016-та  јасно стои: „Ќе формираме Фонд за финансирање на лекувањето во странство на деца до 18 години кој ќе мора итно да ги носи неопходните одлуки, ослободен од политички и министерски притисоци. Така лекувањето на децата во Македонија нема да зависи од хуманоста на нејзините граѓани“.

Во овој контекст, пред парламентарните избори премиерот Зоран Заев, како лидер на тогашната опозиција, најави држава за граѓаните а не за луѓето од власта.

„Институциите ќе работат за граѓаните, а не за власта. Нема како сега пациенти да умираат дома и по болнички ходници, да молат да бидат згрижени, додека за претставниците на власта се достапни луксузни услуги во приватните клиники.
Јас се обврзувам лично, ова ќе биде правично општество. Болничките услуги ќе бидат достапни за сите, ќе има бесплатно болничко лекување за сите. Никој да не се грижи дали ќе има пари да плати за да добие здравје, или не
“, гласеше тогашната изјава на претседателот на СДСМ.

Во програмата на сегашната власт се ветуваше и позитивен одговор за лекување во странство за секој кој што има реална потреба од тоа во најкус можен рок, односно дека нема да се спречуваат пациенти да се лекуваат во странство заради развој на центри за одредени дијагнози, додека тие центри целосно не се оспособени. Ветено беше и измена на системот на проценка и на бирање на членовите на комисиите на Фондот со цел процената да биде независна од Министерот за здравство.

После изминати речиси 3 години „Фондот за финансирање на лекувањето во странство на деца до 18 години“ сеуште не е формиран, ниту пак има индиции за такво нешто.

„Осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување“, се вели во Член 30 од Закон за здравствено осигурување.

Меѓутоа, остварувањето на оваа право и не е така едноставно бидејќи процесот е сложен. За тоа одлучува директорот на Фондот врз основа на мислењата на првостепена односно второстепена лекарска комисија за лекување во странство. Односно за да се дојде до крајната одлука потребна е согласност од сите членови на лекарската комисија, документација, време.

Но, како што покажа едно од истражувањата на Инбокс7, за да се добие конзилијарно мислење потребни се железни чизми.

БОРБАТА НА ЕДНА МАЈКА ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА СИНОТ

Катерина е родител на Стојче Јовановски, за кого се уште се собираат донации. Ова заради тоа што надлежниот лекар одбил да потпише согласност за лекување во странство.
Мојот син имаше сообраќајка од што следеше скршеница на `рбетот и оттогаш не може да оди. По операциите и физикалната терапија почна да се враќа движење во левата нога, но се појави огромен калцификат на левиот колк и го блокира и тоа движење што го имаше. Докторот хирург се нафати да го оперира, но не беше направено многу. Син ми повторно се враќа на почеток и не може да седи како што треба, целосно е врзан за креветот. Бевме уште неколку пати кај истиот лекар но тој не се нафаќа повторно да оперира“, вели Катерина.

Таа објаснува дека дури после година и четири месеци по болниците, се нафатиле повторно да го оперираат нејзиниот син. „Отидовме кај „нашиот“ лекар хирург да ни потпише конзилијарно дека не се нафаќа да ја изврши операцијата за да може потоа Фондот да ни одобри средства за лекување во странство. Но тој не` одби. Ни рече дека Фондот нема да ни одобри средства бидејќи еднаш е правен операција овде во Македонија, а дека самиот тој е во една од надлежните комисии и дека нема да ни одобри. Ние средства за операција во странство немаме, па донациите се наша единствена надеж“.

Владимир Лазаревиќ

Според Владимир Лазаревиќ, експерт за јавно здравство, комплексна е темата која се однесува на лекување во странство преку донации. „Фондовите не даваат затоа што немаат како да дадат. Или ако дадат на еден, не можат да дадат и на друг пациент. Критериумите за лекување во странство не сум сигурен дека се јасни и транспаретни, порано беа многу под влијание на политика, некој ќе добие парични средства од Фондот ако се снајде.“

За Лазаревиќ дистрибуцијата на средства за здравство е еден од најголемите проблеми за сите држави: „Во други земји има специјални технички тела како NICE (Национален институт за клиничка извонредност) во Велика Британија или Institute of Medicine во САД, кои поставуваат стандарди врз база на научни докази и анализи. Едно е јасно: нема и никогаш нема да има доволно пари за да сите кои бараат, да можат да се лекуваат во странство, како кај нас така и во други земји.“

 

ХУМАНОСТА КАКО БИЗНИС

За жал, неодамна бевме сведоци на лажно формиран фонд и веб-страна за донации, каде “изумителите“ си поиграа со хуманоста на граѓаните богатејќи се на сметка на оние на кои навистина им е потребна парична помош. Тоа придонесе до сомневање на граѓаните во вистинитоста на апелите. Дали нивната донација ќе оди во вистинските раце? Како да бидат сигурни дека не се работи за измама?

 

 

ГРАЃАНИТЕ НЕ СЕ ДОВОЛНО ИНФОРМИРАНИ

 

Од искуства на други граѓани дознаваме дека проблем е и тоа што понекогаш треба месеци и месеци за да се собере целата документација која е потребно да се приложи. Најчесто тоа се должи на тоа што Фондот не информира навремено на промените кои настануваат односно дали се потребни додатни документи и слично.

Фондот за здравствено осигурување од крајот на 2010 година, до крајот на 2014 година издаваше месечен „Инфо билтен“ по 12 изданија во година, каде што се известуваа граѓаните за секакви промени кои настануваат. Меѓутоа тоа повеќе не е случај, а кога станува збор за Општите акти според кои се води и одлучува Фондот и кои се од голема корист за граѓаните кога треба да се информираат за законски регулативи, наидуваме на неофицијален правилник, формиран години наназад и посебно прикачени додатни документи кои ги содржат измените една по една како настапувале.

Државниот завод за ревизија во извештајот во 2018 година констатираше дека кај 30 отсто од решенијата за лекување во странство е пробиен законскиот рок од 45 дена во кој треба да се даде одговор. Ревизорот укажа дека постапката за упатување за лекување во странство не е уредена како посебен вид постапка, има третман како општа управна постапка која е сложена и со долги рокови. Државниот ревизор утврди и дека во ФЗОРСМ не постои систем на следење ниту пак се прават анализи на успешноста на лекувањето во поединечни болници во странство.

Очигледно најголемиот проблем што постојано го повторуваат заинтересираните граѓани за неопходните лекувања во странство лежи во сомнежите за кои од надлежните се уште нема прецизен одговор: Дали истите критериуми за одобрување средства за лекување во странство важат подеднакво за сите граѓани?

Засилена контрола во вршењето на работата на лекарската комисија и одлуките на ФЗОРСМ е и повеќе од потребна. Граѓаните треба и мора да бидат рамноправно третирани, редно е да се стави крај на двојните стандарди и да им веруваат на институциите. Во нашата анкета на оваа тема еден од нив забележа: „Платите на политичарите да се финансираат од СМС донации, а болните да се лекуваат од средства од буџетот“.