Денешна дата
21/10/2021

БРИСЕЛ ШОКИРАН ОД МАКЕДОНСКИТЕ ЗАТВОРИ: ПО 5 ЗАТВОРЕНИЦИ ВО ЌЕЛИЈА И БЕЗ МЕСТО ЗА ЗАТВОРЕНИЦИ ВО САМИЦА

  • Четириесет осуденици избегале од затворите во Македонија во 2017 година

 

  • Шеснаесет лица починале во затворите, од кои две се самоубиле

 

  • Еден вработен во затворската полиција во просек има по 5.7 затвореници на кои треба да внимава

 

  • Само 17 доктори или парамедици треба да се грижат за 3.029 затвореници

 

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

 

 

Република Северна Македонија е на прво место на ранг листата на Европскиот совет (ЕС) на земји со најлоши услови во затворите. Заклучно со декември минатата година, во македонските затвори престојувале 3.029 затвореници, од кои 255 биле во притвор чекајќи конечна пресуда, покажуваат бројките од ЕС. Според бројките, во Македонија најчесто се оди во затвор поради ограбување, кражби и дрога, а најмалку се оние кои сториле финансиски криминал, како и луѓе кои извршиле силување. Статистиките повторно ја ставија државата на „црната листа“ и во однос на бројот на затвореници и капацитетите кои ги имаат затворите.

 

ЗАТВОРЕНИЦИ НАД ДОЗВОЛЕНИОТ КАПАЦИТЕТ И БЕГАЛЦИ НАД ЕВРОПСКИОТ ПРОСЕК

Република Северна Македонија нема капацитети да ги стави сите затвореници во одделни ќелии, бидејќи затворите дозволуваат 2.476 затвореници, а моментално зад решетки има 3.029 лица. Во дотраените ќелии во просек лежат по 5,4 затвореници, со што нема никакво подобрување ниту во овој дел, иако премиерот Зоран Заев при неговата посета на „Идризово“, кратко откако ја презеде власта рече дека се срами што е премиер на земја во која затворите се во толку лоша состојба.

 

Не се подобрени капацитетите ниту со отворањето на новите делови, бидејќи старите мора веднаш да се стават надвор од функција, со што повторно имаме ист број на кревети во затворите, а сегашните 562 ќелии не се доволни за 3.029 лица кои се зад решетки. Македонија во моментов има место само за 1.991 затвореник, 450 притвореници, како и 35 места во малолетничките поправни домови.

 

Она што веќе Инбокс7 го пишуваше, се покажува како аномалија и во извештајот на Европскиот совет, дека нема доволно вработени во затворската полиција, па сега вработените не можат целосно да се справат со затворениците.

 

На 789 вработени, 36 имаат директорско или друго високо место, а 531 лице се посветени на затворениците. Недостасува и медицински кадар, па така за 3.029 лица има само 17 доктори и парамедици. Останатите вработени се со назнака за евалуација, работилници и слично, со што овие 531 вработен имаат по 5,7 затвореници на еден вработен.

 

НЕМА „ОПАСНИ ЗАТВОРЕНИЦИ“ ПОД ПОСЕБНИ БЕЗБЕДНОСНИ МЕРКИ

 

Во Македонија нема опасни криминалци кои се под посебни безбедносни мерки, покажува статистиката на Европскиот совет, иако бројките ја ставаат Македонија и како земја во која затвореници бегаат над просекот од Европската Унија.

 

Само во 2017 година, од затворите во Македонија избегале 40 затвореници, што го потврдува ставот на Европската Унија дека во државата има голема стапка на бегалци од лицето на правдата. Од избеганите затвореници, четворица биле во целосно затворениот дел на затворите, а останатите 36 во полуотворен или отворен дел.

 

Според статистиките, 265 затвореници се осудени поради убиство или обид за убиство, 142 се осудени поради напад или закани врз личност, 44 за силување, а 121 затвореник за друг вид на сексуално насилство. За ограбување, затворска казна одлежуваат 339 лица, за кражби 671, додека  пак за продажба или производство на дрога 518 лица. Во македонските затвори казна одлежуваат и оние кои сториле економски криминал, 44 лица, но и лица кои направиле сообраќајни прекршоци, вкупно 62 лица. За тероризам пак, осудени се 23 лица. Под „други прекршоци“, се запишани дури 534 затвореници.

Европскиот совет во извештајот пишува и тоа на колку се осудени затворениците, по што може да се забележи дека судиите најчесто давале затворски казни од 5 до 10 години, за што има вкупно 763 осуденици. Следуваат затворските казни од 3 до 5 години, со 660 осуденици, потоа од 1 до 3 години, или 647 затвореници. 310 затвореници се осудени на затворска казна од 1 година, а 221 затвореник добиле казна затвор од 6 месеци до 1 година. Од затворениците, 59 се осудени на затворска казна од 3 до 6 месеци, а 25 затвореници добиле казна од 1 до 3 месеци затвор. Според статистиките, само 5 затвореници одлежуваат казна од 1 месец. Во Македонија ги има и оние кои одлежуваат затворски казни од 10 до 20 години, вкупно 312 затвореници, а 26 лица се одусдени на казна затвор над 20 години. На доживотен затвор се осудени 37 лица.

 

Во притвор лани биле 215 лица, а имало и странски државјани кои во притвор чекале пресуда кај нас, или вкупно 40 лица. Осудени странски државјани минатата година во Македонија имало 106, од кои тројца од земји членки на Европската Унија.

 

Во 2017 година од затвор излегле 1800 затвореници, од кои 861 затвореник кои ја одлежале казната, 694 затвореници на условно, а 22 лица се трансферирани по барање на други земји.

 

Црните статистики покажуваат и 16 почанити затвореници, а ниту едно од нив не е забележано како убиство. Само двајца затвореници според статистиките влегле во графата на самоубиство, а останатите 14 се во графата „друго“.