Денешна дата
21/03/2023

„БОРБА“ ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ: ЗА ПЕТ ГОДИНИ МВР РЕГИСТРИРАЛО 3.576 СТОРИТЕЛИ, СУДОТ ПРЕСУДИЛ САМО ЗА 670 ЛИЦА

  • МВР за пет години регистрирало 3.576 сторители на кривични дела поврзани со организиран криминал и корупцијата, но пресуди има само за 670 лица
  • Расте бројот на сторители на делото „трговија со дете“
  • Бројката на пресуди за организиран криминал минимална

 

Пишува: Александар Тодески

 

Иако за отсуството на резултати во борбата против организираниот криминал и корупција виновникот најчесто се бара во „неефикасната полиција“, најголемиот проблем, сепак, е во останатите алки во системот.

Документите до кои Ибнокс7 дојде преку користење на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер покажуваат огромна разлика помеѓу евидентираните сторители на кривични дела од страна на Министерство за внатрешни работи (МВР), и донесените конечни пресуди од страна на судовите во земјата.

За да ја споредиме ефикасноста на институциите во борбата со организиран криминал, испративме барања до МВР за да ни го достават бројот на регистрирани сторители на кривични дела, до Основното јавно обвинителство (ОЈО) за бројот на покренати обвиненија и до судовите за бројот на конечни пресуди.

За разлика од МВР и судовите, Обвинителство не ни испрати никакви податоци, иако информациите ги побаравме пред повеќе од еден месец.

 

КОРУПЦИЈАТА ГИ „ПРОГОЛТА“ СУДОВИТЕ?

 

 

 

Истражувањето покажа дека Министерството за внатрешни работи (МВР) од 2013 до 2018 година регистрирало 3.576 сторители на вкупно 2.180 кривични дела. Најчесто сторени кривични дела биле оние од злоупотреба на службената положба и овластување, по што следуваат несовесно работење во службата, перење пари и други приноси од казниво дело, примање и давање поткуп и слично. Мали се бројките на лица казнети за злоупотреба на службена положба и овластување заради јавни набавки, а ниту еден политичар не се најде на листата за злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања.

Бројките покажуваат дека криминалците се регистрирале со ист интензитет, како во минатото така и во моментов, па така, во 2013 година биле регистрирани 291 кривично дело и 508 сторители, во 2014 година 380 дела и 625 сторители, во 2015 година 459 дела и 719 сторители, а во 2016 година, кога во Македонија имаше техничка влада, имало 328 кривични дела и 504 сторители. Во 2017 година, по промената на власта, биле регистрирани 275 кривични дела и 459 сторители, а во 2018 година 447 кривични дела и 761 сторител.

Од друга страна, од судовите добивме далеку помал број на пресуди во споредба со кривичните дела кои биле откриени и евидентирани од страна од страна на полицијата. Во Основниот суд Скопје 1 од 2013 до 2018 година имало 552 пресуди. Низ годините, бројката на пресуди се намалувала, па така, во 2013 година имало 157 правосилно осудени лица за организиран криминал и корупција, во 2014 година 127 осудени, во 2015 година 96 осудени, во 2016 година 65 осуденици. Педесет и едно лице биле осудени за корупција во 2017 година, а во минатата 2018 година имало 56 правосилно осудени лица.

Во штипскиот Основен суд за 5 години имало 44 пресуди за корупција, и тоа 6 пресуди во 2013 година, 8 пресуди во 2014 година, 6 пресуди во 2015 година. Во 2016 година имало пет лица осудени за корупција, во 2017 година 12 лица, а во 2018 година шест осуденици за корупција.

Во Основниот суд во Кирва Паланка биле вкупно осудени 30 лица од 2013 до 2018 година. Во 2013 година имало 7 осуденици за корупција, во 2014 година шест лица, а во 2015 година немало ниту едно лица осудено за корупција. Во 2016 година имало тројца осуденици, во 2017 година 10 лица осудени за корупција, а во 2018 година имало четворица со правосилна пресуда за корупција.

Пресуди имало и во Основниот суд во Кратово. Таму, за 5 години имало 11 пресуди, и тоа по три лица во 2014, 2016 и 2017 година и по едно лице во 2015 и 2018 година. Во 2013 година, немало ниту едно лице осудено за корупција.

 

 

Судиите во Гевгелија за пет години осудиле 31 лице за корупција. Во 2013 и 2015 година, имало по осум лица осудени за корупција. Во 2014 година пак, 6 лица биле осудени, во 2016 година две лица, во 2017 година четири лица, а во 2018 година три лица биле осудени за корупција.

Струшкиот и гостиварскиот Основен суд пак, ни испратија известувања дека кај нив имало по едно лице осудено за корупција. Во Струга, лицето сторило кривично дело примање поткуп, но истото добило условна казна, додека пак во Гостивар лицето на кое му се судело за корупција, односно исто така за примање поткуп било ослободено од обвинение. Останатите судови низ Македонија не известија дека кај нив немало ниту една пресуда за корупција.

Разликата помеѓу бројките на Министерството за внатрешни работи и оние на основните судови низ државата се дијаметрално различни. Ако во МВР регистрирале 3.576 лица за сторено кривично дело од корупцијата, сите судови заедно донеле 670 пресуди за корупција. Побаравме информации и од Обвинителството за истите години, со што дополнително ќе се разјаснеше полемиката каде се речиси 3.000 сторители за кои нема судски случаи, но до објавување на текстот, одговор од таму не добивме.

 

СТОРИТЕЛИ МНОГУ, КАЗНИ РЕЧИСИ И ДА НЕМА

Статистиките на Министерството за внатрешни работи за организираниот криминал покажуваат дека во минатото имало многу повеќе криминалци од овој тип отколку сега. Во периодот од 2013 година до 2015 година МВР регистрирало 2.349 сторители на дела од областа на организираниот криминал.

Од судовите пак, пристигнаа поразителни бројки – само 196 пресуди, и тоа за дела по членовите 215 и 396 од Кривичниот законик, Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, иако статиските на министерството покажуваат дека има многу сторители и на други дела.

Во статистиките е наведено дека најмногу сторители се регистрирани за „криумчарење на мигранти“ и „фалсификување пари“, додека пак најмалку сторители за „трговија со луѓе“.

Загрижувачки е фактот што ако во 2013 година бил откриен еден сторител на кривичното дело Трговија со дете, веќе во 2018 година МВР регистрирало 16 сторители за ова дело. Од судовите не добивме информација дали за ова дело има лица кои отслужуваат затворска казна, бидејќи како што наведовме погоре, одговор добивме само за две дела од областа на Организиран криминал.

Статистиките исто така покажуваат дека во 2013, 2014, 2017 и 2018 година имало висок број на регистрирани сторители на кривичното дело Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти. Во 2013 година, биле регистрирани 22 сторители а во 2014 година, 43 лица кои го сотриле ова кривично дело. Во 2015 година, МВР регистрирало 9 сторители, во 2016 година 10 сторители, а во 2017 година, 27 сторители. Во 2018 година, за истото кривично дело се регистрирани 15 сторители.

За делото Злосторничко здружување има регистрирано 314 сторители, а најмногу од нив, или 219 биле регистрирани во 2013 и 2014 година. Од 2015 до 2018 година откриени биле 95 сторители или помеѓу 20 и 30 сторители годишно.

Судовите од внатрешноста на Македонија немаат надлежност да судат за дела од областа на организираниот криминал. Единствен суд кој може да суди по овие дела е Основниот суд Скопје 1. Од таму побаравме одговор на прашањето колку пресуди имало за дела од организираниот криминал во периодот од 2013 до 2018 година, а одговор добивме единствено за делата  Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Во бројките кои ги добивме е наведено дека само во 2013 година имало осуденици за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, и тоа само три пресуди. За делото неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ во 2013 година имало 51 пресуда, во 2014 година 66 пресуди, а во 2015 година само 31 пресуда.

Дваесет и пет лица биле осудени во 2016 година за ова дело, седум во 2017 година, додека пак во 2018 година имало 13 правосилно осудени лица.