Денешна дата
28/01/2023

МАЛИТЕ ПАРТИСКИ ПОБЕДИ ВО ГОЛЕМИТЕ ПАРТИСКИ ПОРАЗИ

Доминантен е впечатокот дека елитистите ги заменија популистите, дека апатијата го надвладеа оптимизмот и дека таквата општествена состојба се рефлектира во граѓанското игнорирање на овие избори.

Пишува: Зоран Иванов

„СДСМ доби казна, а ВМРО-ДПМНЕ не е наградено“. „СДСМ нема да ја сфати пораката, а ВМРО-ДПМНЕ си мисли дека сме заборавиле на режимот“.
Овие две и дузина слични се првичните импулсивни граѓански интернет реакции на првиот изборен претседателски круг. Само во овие твитер констатации е дефиниран и целиот актуелен македонски изборен политички амбиент. Луѓето покажаа дека стануваат партиски непослушници. Дека ги изгубија и довербата и надежите во македонските политички елити. Од посакуваните петстотини илјади гласови тие, и едните и другите, освоија едвај по триста и дваесетина. Се на се` овие избори дефинитивно се уште еден пораз за политичките партии и уште една пирова победа на нејзините граѓани.
Не треба посебна анализа и посебни заклучоци за епилогот од 21-во априлските случувања. Без оглед на исходот во вториот круг, дваесет и први април е пораз за Христијан Мицковски и пораз за Зореан Заев. И двајцата прогласија победи и и`двајцата, заедно топтан сосе нивните партии, се поразени во нивните победи. Секаква друга констатација па и анализа би биле излишни. Сега сите сме паметни и добри аналитичари, генерали по војната. Но само неколкумина од мноштвото во континуитет трубиме и шкрабаме дека луѓето нема така бргу да го заборават режимот на партијата на Груевски, но и ветувањата на партијата на Заев.
За првите особено тоа се однесува на страотните содржини од бомбите. Посебно тие што ги откриваат монструозните карактери на политичките актери. Безочноста во шамарите во Центар, страста при уривањето на Космос, посветеноста при изборните манипулации, триковите со исклучувањето на лифтовите. Нема да заборават и за ситните и за крупните криминали, тендеризми, непотизми, лаги, уцени и слични други злоупотреби. Гласачите дури се подготвени по нешто и да простат поради одомаќената флоскула дека сите се исти.
За вторите што покажаа егоизам, кастинска затвореност, што ги заборавија луѓето што ги тронисаа и на кои им ја одзедоа надежта за поинаку. На овие избори паднаа токму на тоа дека сите се исти. Беа глуви на дистанците од европските вредности, ги игнорираа ветувањата и широката граѓанска подршката со која дојдоа на власт.Притоа не заборавија да си ги вработат своите, да си ги приберат по државните и општинските кабинети, да им дадат грантови, проекти, стипендии и други дребулии толку потребни, а толку недостапни за секој човек, за секое семејство кое им го даде гласот за нивното општество еднаквио за сите. Доминантен е впечатокот дека елитистите ги заменија популистите, дека апатијата го надвладеа оптимизмот и дека таквата општествена состојба се рефлектира во граѓанското игнорирање на овие избори.
Оттаму и таа недвојбена народна импресија дека сите се исти. Дека се исти и едните и другите и третите. Дека целата битка е да се дојде на власт за да се запоседне буџетот, таа моќна алатка што ги обезбедува сите механизми за влдеење и за привилегии. Таквиот егоизам ги стопи граѓанските очекувања и на овие претседателски ги остави луѓето дома. Рекордно ниската излезност е незабележана во досегашната богата македонска изборна историја. Само едвај четириесет и два проценти се појавија на гласачките места. Од нив речиси четири проценти, исто така рекордно, од разни причини и мотиви за нивниот револт, преку своето поништено ибирачко ливче испартија порака. Јасна и чиста народна порака до македонските политички водства. Наспроти тоа, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ прогласија победи. Ќе биде забележано дека и двете судбински македонски партии се поразени во своите самопрогласени победи.
Во овој текст нема место за претседателските кандидати зашто и петти мај ќе биде меѓупартиска, а не меѓукандидатска битка. И во наредниве десетина дена, во ова изборно меѓувреме, ќе доминираат СДСМ и ВМРО. Попрецизно, ќе бидат репризирани нивните актуелни политики и нивните веќе познати пропагандни пораки. Но и овојпат тие ниту од далеку, исто како и за првиот така и за вториот изборен круг, дополнително не ќе го анимираат и не ќе го покренат широкиот електорат. А ако тоа не се случи, тогаш ништо од овие избори. А нема да се случи, освен.
Освен ако во прилог на кандидатот на двоецот СДСМ – ДУИ многу посилно не проработат партиските машинерии на терен. Ако со разните можности со кои влста располага не се придобијат и другите партиски структури па и некои и од опозицијата. Во меѓупартиска кооперативност и со силен притисок врз членството кое апстинирало во првиот круг, со дополнителни методи на мотивација на симпатизерите но и на партиски неутралните, евентуално би можеле на нивниот кандидат да му обезбедат излезност која ќе му ја донесе извесната победа. И секако ако проработи и тој познат изборен пазар во темно. Накусо, ако не го докупат цензусот, тогаш тешко до четириесетте проценти.
Само во рамките на таквите околности, со војничка па и со коруптивна мобилизација од арсеналот на методите на политичките партии, би можело да се смета на уставниот минимум. По дебаклот во првиот изборен круг, нова шанса за дополнителна легална мотивација, едноставно нема. Ниту со спотови, ниту со билборди, ниту со пароли, а најмалку со веќе досадните ветувања.
Но тоа е едната страна. Втортата, ВМРО-ДПМНЕ нема нешто многу избор на располагање. Буџетот и другите државни ресурси повеќе не се во нивно владеење. Позамашните купчиња украдени милиони во декадата од пред две години не се во партиската каса туку во приватните џебови. Малку тешко некој од имателите на тие црни пари сега би инвестирал во непрофитна функција каква што е претседател, во конкретниов партиски случај, претседателка на државава. Ова актуелно раководство на ВМРО-ДПМНЕ на дваесет и први април стаса до најголемиот изборен неуспех, до најнискиот изборен скор во историјата на партијата. Оттука, по режираната, изнасилена и нераелна победничка еуфорија, прашањето е што сега. Што за вториот изборен круг би можеле да смислат тамошните партиски стратези.
На располагање имаат само две опции. Првата, да вложат дополнителни теренски напори во што имаат вредно искуство и на петти мај од дома на гласање да извлечат се што можат да се извлече од членството и симпатизерите и да се надеваат барем на извесна подршка на опозициските партии што го претставуваат албанскиот електорат. Но овој пат тоа, во услови без буџетски и институционални ресурси, ќе им е малку трудно. И втората, знаејќи дека немаат никакви шанси во вториот круг, да ја жртвуваат свјата претседателска кандидатка и на теренот да инсталираат необјавен бојкот веќе испробан од времето на ланскиот референдум.
Ова во насока овие избори да пропаднат што државата ќе ја внесе во нова политичка криза но затоа пак на партијата тоа ќе и овозможи силна преговарачка позиција во натамошните чекори за провоцирање нови претседателски избори, но пред се, за предвремени парламентарни. Или пак, за менување на моделот за избор на претсдател на државата што на партијата, исто така, ќе и обезбеди силна преговарачко уценувачки статус во однос на идеите и предлозите на власта.
И за петти мај клучот за изборна успешност е пак кај електоратот. Посебно кај непартискиот дел избирачи. Во првата мајска недела македонските граѓани да гласаат. Сите што излегле, како и значителен број од тие што во првиот изборен круг останаа дома. Да ги обезбедат минималните уставнит проценти излезност и да ја изберат функционалноста на државата наспроти нејзината извесна политичка конфузија.
Да ја избегнат новата политичка криза, да им дадат шанса на реформите и земјава да добие европски ориентиран претседател.
И, кој друг ако не граѓаните, да ги пресретнат евентуалните тесно партиски сценарија што Македонија веќе предолго ја оставија заробена од самата себе.

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.