Денешна дата
21/10/2021

Изборна берза(6): ПОБЕДА НА ПОРАЗОТ

СДСМ го победи Црвенковски. Со довербата на Конгресот, стекната без методите од битката за тронот во ВМРО-ДПМНЕ во урнатата скопска Панорама, Заев го врви патот на Груевски во развластувањето на лидерскиот мит на Георгиевски. Тоа што во одлепувањето од сенката на Бранко не им успеа на Бучковски и на Шеќеринска, струмичкиот бизнисмен го менаџираше со економска прагматика – на производите со изминат рок местото им е на буништето. Како што не се уплаши од лидерството на ВМРО-ДПМНЕ во парламентарните и во претседателските избори, Заев не подлегна ниту пред притисокот од својот ментор и екс-лидер, на неговите партиски истомисленици и нивниот всаден политички клиентизам – врати го тоа што си добил.

Беше оставен без финансиска поддршка од довчерашните бизнис-партнери на Црвенковски во битка со „купувaчите на гласови“. Соочени со празна каса, иако довчерашниот прв социјалдемократ беше гуру на создадената моќна финансиско-менаџерска олигархија, која управуваше со над 2 милијарди евра стекнати во црните бизниси за време на ембаргата, во постранзиските и приватизациски трансакции, новото партиско водство допрва ќе биде пред искушенијата да обезбеди внтарепартиска хиерархија на лидерство и на вредности. Откако го потроши Рамковски и неговата А1, останувајќи опозиција без медиумска логистика, со симптоматичен обид да се сочува ТВ Алфа на Наков, Црвенковски ја осакати опозицијата во нерамноправната битка со владечката елита. Но, поразот на овие парламентарни избори не е вина само на претходните раководства туку и на отсуство на идеолошка и на препознатлива матрица на социјална правда и порамномерна распределба на богатството. „Нееднаква дистрибуција на економски ресурси предизвикува нееднаква распределба на животните шанси“, aтоа, според Макс Вебер, е главниот услов за формирање класа.

Градоначалникот на Струмица, својот политички провинционализам и реторичко неискуство, го компензира со лична храброст и допуштената внатрепартиска демократска дебата. Не стравуваше од своите критичари, а покажа визуелна одважност на паузата да разговара со своите најжестоки противници на Конгресот. Ако е тоа искрен и исконски политички гест и волја, тогаш мали се шансите за ново цепкање на СДСМ. На партијата ѝ претстои пат кон реален и допуштен модел на внатрепартиска и демократска фракција, како слобода на сопствен став, модел на привлекување на сите слободомислечки личности во општеството, другите партии, НВО, интелектуалните и творечките потенцијали. Само, во овој контекст, важна е улогата и политичката судбина на Стево Пендаровски и неговите или заедничките 400 илјади поддржувачи. Без оглед што беше цел на препознатливиот стил на политичка манипулација, тој нетактички реагираше. Универзитетскиот професор е, сепак, новиот лик за промотор на модерниот граѓански, демократски и општествен концепт на социјалдемократијата. Ако не му проработи суетата, новото раководство ја има обврската да ја отвори партијата, да ги привлече своите идни симпатизери со нова платформа, но и со сосема јасна стратегија – како ќе се помине времето од парламентарната апстиненција? Новите кадри и ликови и смелоста да се состават посвежи личности, неповратно ќе бидат потрошени ако за нив нема простор за политичко изразување. Тоа ќе биде тешко со Милошевичкиот слоган на лесно ветена брзина, како во случајот на мистериозната средна класа и уште подраматична и непромислена одлука за непризнавање на изборните резултати???

Македонија нема харизматичен политичар зашто ниту еден од актуелните партиски водачи не прифати систем на почитување на различните гледишта.

Но откако еднаш ќе се востоличи на власт, харизмата по дефиниција се рутинизира, а знае и да прејде во автократија или во диктаторство. Еден од начините да се одржи првобитната харизматична аура на оној кој е на власт е градење култ на личноста. Ризикот од ваквата стратегија е кога лидерот за кој станува збор ќе умре или ќе биде сменет, а не постои негова „достојна замена“, ваквиот режим е осуден на брза пропаст. Овој став, изнесен пред еден век, на познатиот основополошник на политичката социологија Макс Вебер, нема рок на застареност.

Во македонската политичка бруталност, партиската идентификација се изразува низ дејствувањето на „султан партии“. Со нив се менаџира како економски корпорации и семејни холдинзи за бизниси со тендери. А кога Груевски на митинзи, од стартот на последната кампања во Охрид, како илани во Битола, ќе каже дека „ВМРО-ДПМНЕ е политичко движење кое испорачува дела за сите граѓани“…, тогаш е јасно дека општествената симбиоза на водачот со масите е конечна и извршна.

СДСМ дури по Конгресот мора да одбере пат како ќе ја одбегне замката да биде дежурниот виновник за политичката криза. Ако веќе не е партиципент во конечните одлуки за решавање на спорот со Грција, застојот во евроинтегрирањето на земјата, време е да ја промени матрицата кон ново сојузништво, пред сè, со албанските коалициски партнери и другите етнички партии.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

Лектор: Елена Цуцулоска

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)