Денешна дата
08/08/2022

ВО ПРВО ЛИЦЕ

Пишува: Трифун Костовски

 – За градоначалничкиот мандат 2005 – 2009 –

Нашата култура, понекогаш имам впечаток, дека почива врз адхоминем, неаргументирани навреди. Отсуството на критика фундирана врз аргументации и факти, е она кое ја урнисува и онака кревката историја на оваа држава и на оние кои се чинители во градењето на нејзиниот современ, демократски и европски идентитет. За жал, кај нас сѐ се сведува на анегдотичност, на прекажување. Во нашата култура, нѐ научивме да го освојуваме просторот преку фер борба на квалитет и аргументација, туку преку дискредитации.

И јас самиот се соочувам со ваквиот „фолклор“. Многумина сакаат да ја омаловажат, дискредитираат и понижат мојата биографија, без да аргументираат и да укажат на фактите врз кои евентуално би се засновале нивните отровни стрели.

За оние кои не ме познаваат, би сакал да укажам дека за мене омразата е најниското и најпонижувачкото чувство. Тоа е нешто сосема туѓо за моето битие. За мене љубовта е она кое ме придвижува во животот. Таа е најсилното оружје во битката со сите искушенија… Љубовта е главната детерминанта и во мојот приватен и во мојот професионален паноптикум. Токму затоа, фокалните точки кои го одредуваат мојот живот како граѓанин на оваа земја се одговорноста и љубовта кон културата, јазикот, образованието, општествените граѓански вредности кои ќе обезбедат соодветен напредок и кои ќе нѐ направат достоинствени сограѓани во Европското семејство.

Токму затоа, би сакал, овој пат, да си дозволам овој простор да го искористам за обраќање во прво лице, и да ги образложам аргументите за една поинаква слика за мојот градоначалнички мандат во периодот од 2005 – 2009 година, а со тоа, се надевам, да им контраргументирам на недоволно информираните и на оние кои заради својата неинформираност се служат со дискредитации кон мојата личност.

Ние сме култура полна со пизми без аргументација. Затоа дозволете ми да проговорам за вистината за мојот градоначалнички мандат.

Во мигот кога ја наследив градоначалничката функција, градот беше банкрот. Тоа значи дека 80% од годишниот буџет се состоеше во побарувања од коминтенти на градот и незавршени обврски кон јавните претпријатија. На местото градоначалник дојдов како независен кандидат, без партиска книшка и во оној миг кога застанав на страната на граѓаните, сакајќи да ги чувам и домаќински да ги трошам нивните пари, кои се пари на даночните обврзници, бев политички нападнат и од партијата на власт, бидејќи не дозволив мешање во ингеренциите кои според законот му припаѓаат на градоначалникот, и од опозицијата која беше во советот на град Скопје. При носењето на одлуки за вработувањата, партиската книшка немаше никакво значење. Во кадровските решенија за мене пресудни беа квалификациите и експертизата на личностите кои треба да ги обавуваат тие функции.

Во рок од две години, ги исплатив сите долгови кои ми беа наследен товар. Градот од агенцијата „Стандард и Пурс“ го доби својот прв кредитен рејтинг ББ++ стабилен на збирно ниво, а тоа ја отвори вратата за користење финансиски средства за поголеми проекти, кои беа во плановите за изградба и инфраструктурно осовременување на Скопје. Во првите две години ги затворив отпочнатите проекти од мојот претходник, кои заостануваа со години. Го завршив транспортниот центар за изградба на сообраќајници и мостот кој се наоѓа до железничката станица, го затворив проектот кој веќе 7 години се завлекуваше: Гологанов – Циборовски. Изградив нова делница на булевар Словенија, што им овозможи на граѓаните од Чаир и Бутел да имаат поефикасен сообраќајен тек со останатите општини.

Во мојот мандат изградив 35 километри жардиниери, на сите булевари и собирни улици. Покрај градбата се осмислуваше зеленилото и системот за наводнување. Во мојот мандат ја отпочнав и затворив клучката кај Континентал. Ги отпочнав и подготвителните работи за модерно решавање на клучката кај Битпазар.

Како градоначалник немав никакви информации дека владата припрема проект, наречен СК2014. Бев првиот кој се спротистави на изградбата на црквата Св. Константин и Елена на градскиот плоштад, бидејќи како стар скопјанец паметам каде беше точно лоцирана таа црква. Таа се наоѓаше во Паркот „Жена борец“.

Покрај направените капитални инвестиции со сопствени, лични средства, се отпочна реконструкцијата на Зоолошката градина. Време беше да добиеме функционална зоолошка градина, по теркот на ЕАЗА, систем според кој функционираат сите модерни зоолошки градини. Денеска таа е гордост на градот. Сметав дека Скопје заслужува како главен град на независна држава да има единствена зоолошка градина.

Она што сакам да го нагласам во овој мој повторен отчет, е мојата отвореност, комуникативност, транспарентност во работната атмосфера како во градското собрание така и со јавните претпријатија.

Противпожарната бригада, која за градоначалниците пред и после мене претставуваше нужно зло, за мене беше императив. Инсистирав да им се обезбеди најквалитетна опрема на пожарникарите, кои ги ставаат на коцка своите животи спасувајќи туѓи. Огноотпорната опрема која се обезбеди беше со врвен квалитет, и на ниво на онаа која ја користат Британците.

Во самиот совет, кој беше составен од претставници на сите политички партии, никогаш не сум оставил сомнеж во своите намери да бидам вистински домаќин и домаќински да се однесувам со сиот финансиски потенцијал.

Почитувани, ако сето ова погоре кажано нешто ви значи, или ќе можете да најдете разбирање е во ред, а и да не ви значи, и тоа е во ред. Но, би сакал на сите граѓани да им воочам едно – посебни школи и факултети за градоначалници не постојат. Функцијата градоначалник е нешто трпеливо и посветено треба да го совладува и практикува секој новодојден градоначалник. Успешноста зависи од афинитетите, визијата и организационите способности.

На моја иницијатива, сите синдикати од јавните претпријатија, кои вработуваа повеќе од 5000 луѓе, направија сојуз, со цел да сфатат дека јавните претпријатија се рацете и нозете на тој жив организам, во случајов градот Скопје.

Јас не се залетував по Кинески и Украински автобуси за јавен сообраќај. Ако требаше да се купуваат автобуси, мојот предлог беше тоа да бидат најквалитетните, од брендот Мерцедес, со кои имавме промотивни возења, нископодни, евтини во експлоатацијата и незагадувачи. Додека прашањето за трамвајот е прашање за кое до денес душата ме боли. Бидејќи тоа е совршено решение за јавен превоз во услови какви што има во нашиот град. Кога веам услови, сакам да потенцирам: Скопје лежи на едно огромно езеро, со подземни води кои имаат огромно струење. Градот е распослан по течението на Вардар каде што од Сарај до Аеродром падот на реката е 12 метри. А тоа за трамвај е најидеалното решение.

И на крајот би замолил граѓаните да се обидат да посочат еден градоначалник од осамостојувањето до денес кој при своето заминување ги има подмирено сите обврски и остави на сметката на градот околу 8 милиони евра.

Простете ми, но се чувствував принуден да го дадам повторно мојот отчет. Обемен очет направив во форма на бела книга пред заминувањата, но истиот, наместо да стигне во рацете на граѓаните, од новата локална самоуправа беше фрлен во кош. Ме боли, бидејќи ниту земав плата од градот, ниту користев возило од градот, ниту патував на сметка на градот, па дури и инвентарот во мојот кабинет специјално го изработив и изгравирав, со цел да имаме репрезентативност на современа метропола кај оние на кои им бевме домаќини.

За многу мои колеги, да се биде градоначалник е привилегија. За мене, мои почитувани читатели, да се биде градоначелник е обврска и одговорност.

Токму така ѝ пристапив и ја обавував функцијата – со голема одговорност, транспарентно, внимателно. Се надевам дека сите овие аргументи ќе дадат поинакво светло врз сликата за мојот градоначалнички мандат но и за мене како личност.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.