Денешна дата
18/11/2019

СИМОНИДА КАЦАРСКА: ЗАСЛУЖУВАМЕ ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИ, СО СЈО ДА СЕ УБЕДАТ И НАЈСКЕПТИЧНИТЕ ЧЛЕНКИ НА ЕУ

  •  Несомнено е дека таа оска помеѓу Франција и Германија е клучната во Европската унија особено со оглед на тоа дека Обединетото Кралство веројатно излегува и ние ќе мораме да работиме со овие две земји
  • Законот за Специјалното јавно обвинителство, односно модалитетот во кој истото ќе биде вклучено во системот на редовното Јавно обвинителство, е клучниот аргумент да се убедат скептичните членки на ЕУ
  • Ние мораме самите да ги убедиме земјите членки дека Република Северна Македонија направила доволно за да може да ги започне преговорите

 

Интервјуираше: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

 

Одлуката за почетокот на преговорите ќе биде предмет на разговор на земјите членки врз основа на Извештајот, кој ќе биде објавен идната недела.  Симонида Кацарска од Институт за европски политики (ИЕП), во интервју за Инбокс7, вели дека донесувањето на законот за СЈО ќе придонесе да ги убедиме скептичните земји членки во однос на владеењето на правото, како на пример Франција, Холандија и Данска.

Според неа, решавањето на прашањето за името, како еден неверојатен достиг, и испорачувањето на клучните закони во правосудството креираат доволно портфолио за да може да се мотивираат земјите членки за одлуката да почнеме преговори. Секако, додава Кацарска, ни претстои и малку комплициран период бидејќи треба да се случат изборите за Европскиот парламент, за кое се надеваме на позитивно сценарио односно да има коалиција која ќе ја задржи поддршката за проширувањето на Европската унија.

 

Инбокс7: Госпоѓа Кацарска идната недела претстои европскиот извештај од кој ќе зависи почетокот на преговорите со Европската унија. Голем дел од европските дипломати, тука ќе го споменам еврокомесарот Јоханес Хан постојано повторува дека нашава земја заслужува да ги почне преговорите со Европската унија. На истиот став е и евроамбасадорот Жбогар. Дали Европската унија ќе остане на ветувањето што го даде минатата година дека оваа година во јуни ќе ги почнеме преговорите со Европската унија?

СИМОНИДА КАЦАРСКА: Ветување само по себе од Европскиот совет немаше дека ќе се почнат преговорите, имаше дека сме на пат да ги почнеме преговорите. Несомнено е дека Европската комисија, бидејќи го споменавте комесарот Хан, ќе препорача почеток на преговорите во Извештајот следната недела. Меѓутоа како што знаеме таа одлука не зависи од Европската комисија, туку зависи од одлуката која што треба да ја донесе Европскиот совет, односно земјите членки. Она што е очигледно е дека земјите членки пред европските избори кои се одвиваат следната недела и пред Извештајот на Европската комисија нема да го дадат својот став иако веќе чувме минатата недела дека Германија и нивното Министерство за надворешни работи бара од Бундестагот веќе поддршка за почеток на преговорите како со нашата земја, така и со Албанија. Одлуката, значи како што споменав, ќе биде предмет на разговор на земјите членки, врз основа на Извештајот и она што го очекуваме е тоа да се случи во јуни или во текот на летото оваа година.

 

Инбокс7: Ја спомнавте Германија, каква ќе биде улогата на Германија и Франција кои што знаеме дека се едни од гласните застапници на тоа дека не треба да се проширува Европската унија?

СИМОНИДА КАЦАРСКА: Јас тука не би се сложила дека двете земји се застапнички на тоа дека не го поддржуваат проширувањето. Напротив, во изминативе неколку години Германија и нејзини политички елити застанаа на страната дека мора да се помогне повеќе на овој регион за да се интегрира во ЕУ. Франција од друга страна, има поголеми сомнежи или има поголеми очекувања веројатно во однос на тоа колку треба да биде сторено пред да почнат самите преговори, а воедно и какви реформи треба да се извршат внатре во Европската унија пред да се говори за проширувањето. Несомнено е дека таа оска помеѓу Франција и Германија е клучната во Европската унија особено со оглед на тоа дека Обединетото Кралство веројатно излегува и ние ќе мораме да работиме со овие две земји и тука мислам пред се на Франција бидејќи ставот на политичката елита во Франција е многу поцврст во однос на тоа дека треба да се случат многу повеќе реформи и на страната на земјите кандидатки, вклучително тука и нашата земја, меѓутоа она што многу загрижува е повторното отворање на дебатата дека треба да се направат големи реформи внатре во Европската унија пред да се говори за проширувањето.

 

Инбокс7: Клучно прашање е усвојувањето на Законот за јавното обвинителство односно за СЈО. За овој закон се уште нема договор се уште нема ни најава дека ќе биде усвоен. Што ќе се случи доколку не се усвои овој закон пред јуни и какво влијание ќе има тоа што нема многу големи реформи направено, не само во судството, туку и во поголем број сфери од општеството?

СИМОНИДА КАЦАРСКА: Првин за Законот за Специјалното јавно обвинителство, односно модалитетот во кој истото ќе биде вклучено во системот на редовното Јавно обвинителство несомнено е дека ова во моментот и од страна на земјите членки во прашање е тоа што се издвојува како прашањето што би требало да се реши пред да се донесе одлуката за почетокот на преговори. Се очекува дека дотогаш, до јуни барем до Самитот бидејќи веќе, за да влезе веројатно во европскиот Извештај треба да биде донесен денес или утре или до крајот на неделава. Тој закон е исклучително значаен бидејќи има импликации во однос на владеењето на правото, меѓутоа и поради тоа што самиот е значаен за да можеме да покажеме ние дека имаме досие на постигнувања во она што Европската унија го вели случаи од висок профил случаи од висока корупција бидејќи кај нас всушност клучните случаи кои што во последно време се релевантни за ова прашање се водат од Специјалното јавно обвинителство. Така што несомнено е дека ова е, во овој момент, имајќи во предвид дека говориме за многу краток период, клучното прашање чие што решавање ќе придонесе за да ги убедиме скептичните земји членки во однос на владеењето на правото како што е Франција тука исто така спаѓа и Холандија, она што веќе го знаеме, како и Данска така да мислам дека ова е веројатно последната точка која што може да се испорача пред одлуката за преговорите.

 

Инбокс7: Периодот што следи е малку комплициран, значи ќе има избори во Европскиот парламент, колку овие избори ќе влијаат на интеграцијата на земјава во Европската унија и дали по нив може да се очекува „европските врати“ малку да се подзатворат.

СИМОНИДА КАЦАРСКА: Секои избори за Европскиот парламент се значајни и ова е всушност моментот во кој што ќе се одреди во која насока ќе се движи политиката на Европската унија, вклучително и за прашањето за проширувањето во наредните 5 години. Европскиот парламент историски добива  се поголемо значење во сите политики на Европската унија, како и во процесот на проширување. Она што е за нас важо е дека всушност Европскиот парламент има голема улога во изборот на идната Комисија, како нејзиниот претседател, така и нејзините членови, вклучително и на кој и да е комесар или комесарка која ќе биде одговорна за проширување и дополнително, историски гледано, парламентот е институцијата во ЕУ која што и најмногу го поддржува проширувањето. Е сега, изборите се важни бидејќи доколку парламентот и неговата структура – членовите, се движат многу повеќе кон крајот на политичкиот спектар, односно припаѓаат повеќе на популистичките партии, дали е тоа крајната левица или крајната десница овие партии многу помалку го поддржуваат проширувањето. Така да ние се надеваме дека она што ќе биде позитивно сценарио за нас е во Европскиот парламент да се направи коалиција која што колку-толку, се уште ќе се задржи на поддршка на проширувањето како идеја на Европската унија бидејќи тоа, самото по себе е прашање кое што веќе се поставува се повеќе во политичките елити.

 

Инбокс7: Што е најповолно за нас?

СИМОНИДА КАЦАРСКА: Видете, поволно за нас ќе биде барем традиционалните партии во која е возможна мера, односно Европската народна партија и Социјалистичката да задржат некое мнозинство иако знаеме дека тука како клучен, одлучувачки фактор ќе бидат Либералите и Зелената партија и колку што е можно помалку да влезат партиите кои што воопшто го спорат постоењето на Европската унија, кои што се анти-еу настроени, од кои што имаме доста голем пораст во Европската унија во последно време.

 

Инбокс7: Колку ќе има влијание приликите што се случуваат во соседските земји, тука мислам на Албанија, секако и на случувањата Србија – Косово. Нас не гледаат како во пакет со Албанија. Колку тоа ќе има влијание за почетокот на преговорите со нашата земја?

СИМОНИДА КАЦАРСКА: Првично, мислам дека перспективата на ЕУ и на нејзините граѓани а веројатно и на политичките елити е да ги гледаат сите овие земји како во пакети, не само Македонија и Албанија како пакет туку како регион, поради што случувањата во регионот се исклучително важни во однос на имиџот кој што самиот го носи Западниот Балкан или Балканот генерално. Нема исклучително позитивен имиџ во Европската унија и земјите членки поради што сите мораме да работиме на тоа и е многу тешко за една земја да излезе всушност од таа веќе формирана слика. Во нашиот случај, ние се разгледуваме заедно со Албанија. Тоа е пакет кој што постои, повеќе кој што е концептуален бидејќи одлуките за почетокот на преговорите, на пример одлуката во Бундестагот која што ја спомнав претходно, ќе бидат засебни. Значи ќе постои одлука за нашата земја, ќе постои одлука за Албанија и во тој случај постои можност за таканаречено раздвојување, иако несомнено е дека од почеток ние сме во одредена форма на група со Албанија. Сепак тоа не смее да ни одзема надеж или да сметаме дека сме во овој случај дека нешто ни е одземено дека повторно има некоја форма на неправда бидејќи сепак ние мораме самите да ги убедиме земјите членки дека Република Северна Македонија направила доволно за да може да ги започне преговорите, а имајќи го во предвид решавањето на прашањето за името кое што беше еден неверојатен достиг, бидејќи никој од нас не веруваше дека може да се случи и испорачувањето на клучните закони во правосудството креираат доволно портфолио за да може да се мотивираат земјите членки за оваа одлука.

 

Инбокс7: Што се очекува во Европската унија и каква ќе биде судбината со Брегзит?

СИМОНИДА КАЦАРСКА: Веројатно за тоа ни треба на сите кристална топка, она што го чувме вчера од Тереза Меј, британската премиерка, е дека повторно таа има нов план за Брегзит кој што се базира на оригиналниот договор кој што беше договорен со Европската унија, меѓутоа исто така се говори и веќе за потенцијален втор референдум на тоа прашање што значи дека веројатноста да се стигне рокот за 30 октомври е многу мала според мене се уште или пак се повеќе се зголемуваат шансите за таканаречен Брегзит без договор. Сепак, мислам дека за нас ова прашање ни покажува, и модалитетот на кој што се водат преговорите за излез на Велика Британија од Европската унија, дека оваа заедница е исклучително важна и дека веројатно е подобро да сте во неа отколку да сте надвор.