Денешна дата
16/08/2022

ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ – биднина или небиднина на нашата земја

Пишува: Трифун Костовски

 

Се чини дека внатре, во државата, нештата не се одвиваат баш најдобро. Се чувствува „застоен воздух“, а се чувствува и застој во развојот и реформите во клучните, витални општествени сегменти. Моето мислење е дека сето тоа се должи на лошо менаџирање со човечките ресурси. Или не се ползуваат и не се вклучуваат вистинските луѓе на вистински места, или се поставуваат сосема погрешни луѓе, без кредибилитет и без знаење, на клучни оперативни или советнички позиции. Лошите кадровски политики се погубни за оваа влада.

Во таа смисла се согласувам дека е нужно да се направи редефинирање на некои клучни позиции и кадри. Но, прашањето е врз какви основни ќе се направи тоа. Дали повторни ќе преовладеат партикуларните интереси на мали интересни групи во однос на заедничкиот, општ интерес кој ќе биде во полза на граѓаните на Република Македонија.

Би сакал да споделам некои свои размисли во однос на промените во врвот на владејачката партија. Се разрешија многумина потпретседатели, се разреши и генералниот секретар, а се именуваше министер за нов генерален секретар. Секој човек кој е искрено загрижен за татковината не може пред себе да не согледа извесни дилеми во однос на иднината на својата земја.

За оставките на потпретседателите – тоа е внатрепартиска одлука, која лично сметам дека е добра бидејќи со толку многу потпретседатели во партијата, со чии ингеренции ние граѓаните во РМ не сме запознаени, но секако тие функции кои можат да бидат на доброволна или платена основа, можно е да има проблем во подинамичното функционирање на партијата.

Битноста на кадровските политики би ја илустрирал преку моите согледби за економскиот раст, во што имам и најмногу експертиза. Многу ми е жал дека не видов ниту една промена во ресорот кој е клучен за развојот на економијата и за растот на ГДП во Македонија, откако СДСМ го презема кормилото на државата.  Лично, не го делам мислењето со нашиот премиер дека економскиот раст е забавен ама добар. Не е добар воопшто!

Заостануваме со економскиот развој во целиот регион. Грција која пред десетина години имаше страшен економски удар како презадолжена, а денес со мерките кои ги презема грчката влада таа земја се стабилизира.

Развојот на ГДП не го гледам во развојот на економските зони, кои оваа влада ги поддржува целосно, како што правеше и владата на Груевски. Со слободните економски зони кои зафаќаат една третина од вкупниот ГДП ние не можеме да влеземе во европското семејство. Тоа се правила кои важат во Унијата и ние мораме да ги почитуваме. Таканаречената номадска економија со Слободните зони, не е вистински столб за економскиот развој на земјата.

На многумина од нас не ни е јасно дали е Косово држава или протекторат. Меѓутоа во изминативе 8 години, Косово изгради инфраструктура на која ние само можеме да позавидиме. Ги изградија автопатиштата кон Албанија и Скопје. Тоа значи дека ги отворија патиштата во насоката на посакуваните стратешки соработници на нивната земја. Ние како држава сме веќе три децении независна држава, а имаме изградено многу малку инфраструктурни капитални инвестиции. Неодамна и Србија го пушти автопатот од Лесковац кон Скопје, кој минува низ Грделичката клисура, во должина од 140 километри.

Овие параметри ги спомнувам од причина што Владата мора да биде одговорна пред граѓаните, но и пред себе, за она што треба да го испорача како внатрешна реформа. Веќе е несомнено дека сите влади во РМ немаат визија за она што е најбитно за брз економски развој во државата.

Секако прашањето за брзиот развој во државата е поврзан со човечките ресурси. Не е непознато дека бившата влада на Груевски регрутираше во своите редови луѓе кои припаѓаа на други политички опции. Денес гледам дека таа практика продолжува. Не би сакал да именувам – јавноста веќе многу добро знае. Луѓе кои умееја да кажат најубави зборови за криминалците од претходната власт, денес влегуваат како советници на оваа власт. Поданичкиот дух и личните интереси продолжуваат да царуваат. Очигледно е дека недостига и знаење и кредибилитет во редовите на актуелната власт.

За година и половина нѐ очекуваат нови редовни парламентарни избори. Каков резултат ќе донесат не знам и не ме интересира. Сакам дефинитивно да испрофилираат и двете водечки партии луѓе со интегритет, знаење, искуство и заложба за заеднички а не лични добра. Покојниот министер за надворешни работи на Советскиот сојуз Молотов умееше да каже: „Со млади се дига револуција ама со искусни и луѓе со знаење се гради државата“.

За жал таа практика кај нас недостига.

Мојата констатација е дека граѓаните во РМ на секој изборен циклус излегуваат да казнуваат за лошите политики на политичките гарнитури. Дали е во нас самите граѓани вината, или е вината во испорачувањето на резултатите. Но, мислам дека не умееме ниту аргументирано да пофалиме ниту аргументирано да покудиме.

Секако, честитки до г-динот Заев за решавање на спорот со името. Меѓутоа, тука завршуваат моите честитки. Во својата влада има цела армија советници, а учинокот не го гледаме.

Во секој случај скапа влада, а сиромашна држава.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.