Денешна дата
29/06/2022

Петар Гошев: Газда Нини не смееше да стане акционер на Македонска банка (Прв дел)

Македонска банка беше во очајна состојба. Имаше крајно проблематичен акционер, кој во почетокот на 2004 година станува доминантен сопственик преку Јака 80 од Радовиш, тоа е инкриминираниот Јовица Стефановиќ, наречен Нини. Тој, од тогашното раководство на банката е пуштен да влезе во банкарскиот систем, инаку по сите критериуми не би смеел да стане акционер

Македонска банка, во 2004 година беше трета најголема банка во земјава и имаше околу 35 милиони евра лоши пласмани. На оваа позиција, Гошев, го чека и Радо банка, исто така, во сопственост на газда Нини. Во јавноста, пред тоа, на големо се тврдеше дека Македонска банка е блиска до ВМРО-ДПМНЕ, нивните партиски фирми беа сопственици во банката. Подоцна, таа сопственост ја префрлија на видни членови на партијата како Војо Михајловски и Ламбе Арнаудов. Само 3-4 месеци пред Петар Гошев да дојде на позицијата гувернер на Народна банка, мнозински сопственик на Македонска банка станува Јовица Стефановиќгазда Нини, преку неговата фирма Јака 80 од Радовиш.

Поранешниот гувернер за ова дводелно интервју за Инбокс7, детално ги опишува настаните од тој период. Во другите делови, Гошев зборува за релациите на газда Нини со Велија Рамковски, потоа за односите на Рамковски со Груевски додека сегашниот премиер беше министер за финансии, како и за сегашната финансиска политика на Владата. (Линк до Вториот дел)

 

 

Инбокс 7: Деновиве навршуваат 10 години откако станавте гувернер на Народната банка на Република Македонија. Како го оценувате вашиот гувернерски мандат од 2004 до 2011 година? Кои беа најголемите предизвици?

 

Гошев: Кога дојдов за гувернер имаше неколку слаби точки. Неколку мали и средни банки беа прилично ризични за банкарскиот систем Силекс банка, Радо банка, Македонска банка, Кумановска банка (Комерцијално инвестициска банка)СБС Агробанка имаше сомнителен руски капитал. Сите овие банки претставуваа сериозен ризик во тој момент. Една по една банка, сите беа решени во мојот мандат.

 

Инбокс 7: Во каква состојба ја затекнавте Македонска банка?

 

Гошев: Македонска банка беше во очајна состојба. Имаше крајно проблематичен акционер, кој во почетокот на 2004 година станува доминантен сопственик преку Јака 80 од Радовиш, тоа е инкриминираниот Јовица Стефановиќ, наречен Нини. Тој, од тогашното раководство на банката е пуштен да влезе во банкарскиот систем, инаку по сите критериуми не би смеел да стане акционер. Банката во тој период имаше многу лоши пласмани и недоволно капитал. Беше прилично ризична банка со многу прекршувања на процедурите од Законот за банки. Веќе во тој момент имаше услови банката да биде затворена. Во 2004 година, банката имаше 23 милиони евра депозити на граѓани и имаше околу 9 милиони евра, депозити на правни лица. Вкупните депозити беа околу 32 милиони евра. Банката преку лошите пласмани ги имаше испумпано тие пари. Банката немаше капитал за да може, ако се затвори, да одговори на своите обврски.

Во исто време, Фондот за осигурување на депозити имаше помалку депозити. Немаше да бидат доволни целокупните средства во Фондот за да се обесштетат граѓаните. Имав сугестии од Меѓународниот монетарен фонд да биде затворена банката. Ако тоа го направев веднаш, ќе настрадаа многу штедачи во Македонска банка. Јас имав план прво да се докапитализира банката, од страна на сопственикот, ако е можно, и потоа банката во секој момент можеше да биде затворена. По секоја цена, барав начин банката да не биде затворена. Овој сопственик ни од далеку не може да биде сопственик на банка.

Официјално, Македонска банка е купена за 900.000 евра. Пренесена е од поединечни членови на ВМРО-ДПМНЕ и бидејќи Уставниот суд донесе одлука дека не може партија да има банка, тие мораа да ја пренесат на други сопственици. Меѓународниот монетарен фонд имаше аражмани со Македонија и го гледаше префрлањето на сопственоста на Македонска банка и бараше да се најде вистински сопственик. Но, несреќно е најден Јовица Стефановиќ- Нини за сопственик на банката. Јас ја затекнав таа личност и морав да го решавам тоа прашање.

 

Инбокс 7: Јовица Стефановиќ важи за контроверзен биснисмен. Со какви интриги се служеше кога ја пренесуваше сопственоста во Македонска банка?

 

Гошев: Нини ја купил банката со купопродажен договор, под услови под кои се договориле тогашните сопственици и тој. Но, потоа имавме големи маки да ја стабилизираме банката, да се вбризга капитал, да се зголеми ликвидната актива на банката, да биде спречено натамошното пласирање на пари од банката во сомнителни кредити. Требаше да внимаваме да не се прелеваат пари од банката во сопствените компании на Нини и да ги почитуваме законските регулативи што ги пропишува Народната банка. Во сите овие случаи ние реагиравме со изрекување мерки. Во еден момент, тој започна да пренесува депозити во странска банка. Таа банка беше Евроаксиз банка во Русија, формирана од српски капитал во времето на Слободан Милошевиќ. Таа банка не е првокласна и не можете да бидете сигурни што може да се случи со неа. Во еден момент, Нини имаше земено кредит без да ја информира Народната банка, иако беше под мерки од Народна банка со кои мерки довербата помеѓу Народна и Македонска банка мораше да биде максимална. Во еден момент,газда Нини од банката Евроаксиз зел кредит од 12 милиони евра и ги заложил акциите од Јака Радовиш. Во случај на банкрот на Македонска банка, акциите на Јака Радовиш нема да служат за помирување на долгот, што го има банката кон штедачите, туку тие ќе служат како гарант на кредитот што му го дала руската банка. Со ова дополнително се зголемуваше ризикот за физичките и за правните лица кои штедат во Македонска банка. Имаше многу делење кредити на компании кои немаат репутација или кредитна историја и овде имавме многу интервенции како Народна банка. Кога видовме дека не може да се носи со законските прописи, изрековме мерка дека во рок од 6 месеци треба да ја продаде банката. Не издадовме решение да се затвори банката, туку да ја продаде, а тој што ќе ја купи мора да ги исполнува условите од законот за банки.

Поминаа тие 6 месеци, но газда Нини не работел на продавање на банката, туку ги одбивал потенцијалните купувачи. Но тој не знае дека во финансискиот сектор, сериозните играчи пред да купат некоја институција, се консултираат и со Народна банка. По тие 6 месеци,газда Нини дојде кај мене со барање за продолжување на рокот за продажба на банката. Непосредно пред истекот на тие 6 месеци, имаше измени на Законот за банки и се отвори можност да се продолжи рокот за уште 12 месеци. Дилемата мене ми беше, што ако му дадам уште 12 месеци, а газда Нини прави трикови да не ја продаде банката. Тогаш кредибилитетот доаѓа во прашање и на гувернерот и на институцијата Народна банка.

Сепак, јас одлучив да му дадам уште 12 месеци, бидејќи на денот кога дојде со другите членови на раководството на банката и мепраша каков услов бараме за да му го продолжиме рокот за уште 12 месеци за продажба на банката. Јас го запрашав каков услов нудидека овојпат ќе го реализира решението за продажба на Македонска банка. Тој ми рече дека може да даде депозит од 5 милиони евра и дека ќе се обврзе дека нема да смее да го повлече додека не ја продадам банката. Јас му одговорив, ако веќе разговараме за пари, нема да бидат 5 милиони евра, туку во наредните 90 дена тој ќе внесе 15 милиони евра.

Ова го направив да се вбризгаат свежи пари за да можат да се покријат обврските кон штедачите. Тој мислеше дека јас ќе го оставам да работи користејќи ги методите на убедување што ги користи во другите институции. Мислеше дека сите се исти, да се изразам со слоганот што го користи сегашното раководство на државата, но не се сите исти.

Заминав во Вашингтон, а моите службеници ме известија дека газда Нини ги уплатил првите 5 милиони евра. Тогаш Нини беше веќе наш. За наредните 5 милиониевра, доцнеше 10-тина дена. За чудо, во рокот од 90 дена Нини ја уплати и третата рата од 5 милиони евра и банката практично се наполни со ликвидност. Во тој момент, банката располагаше со 90% од ликвидни средства од обврските што ги имаше. Тоа е огромен степен на покриеност, што го нема ниту една банка во тековното работење. Му издадовме решение дека не може да го нарушува тој однос од 90% ликвидност од вредноста на обврските. Тој негодуваше на оваа одлука, но јас во секој момент му велев дека негова задача е да ја продаде банката, а не да работи со неа.

Банката имаше долгогодишна традиција, добро име и не беше добро за довербата во банкарскиот систем да се затвораат банки. Барав начини како да не се затвори банката.

Поминаа тие 11 месеци и во 12-тиот месец, Нини прави фиктивна продажба и сака да ја изигра Народна банка. Основа 16 друштва, сопственост на „Јака Радовиш“, и сопственоста на Банката ја продаде на тие 16 друштва. Целата вредност ја сведува на 5 милиони евра. За една недела, имотот од тие 16 друштва го префрла на нови 16 (8 физички и 8 правни лица). Тоа беа мали фирмички кои немаат никаква основа да имаат банка. Кога го видовме ова, сфативме дека целта на газда Нини не му е да ја продаде Македонска банка, туку сакаше да ја изигра довербата на Народна банка. Ова беше знак за нас да дејствуваме брзо. Стручните лица по 16 часот го однесоа решението на менаџментот на Македонска банка за затворање на банката.

Лектор: Елена Цуцулоска

(Линк до Вториот дел)

lefkov@yahoo.com